1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значењето на поезијата за децата

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
21 август 2023

Од песните на Блаже Конески или на Анте Поповски, македонските деца ќе научат многу повеќе за македонскиот идентитет, отколку од политичките памфлети на социјалните мрежи и на интернет-порталите. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4VOLR
Поезија деца
Учењето стихотворби напамет е поттик за мисловен и јазичен развиток на децатаФотографија: DW

Постарите македонски генерации, особено оние родени во педесеттите во Југославија, сигурно паметат дека во училиштето, особено во основното, честа домашна задача беше да се научи стихотворба напамет. Се разбира, редовно беше и рецитирањето на стихотворбите на часовите по македонски јазик. Се учеа напамет стихотворби и за патрони празници и за секакви училишни прослави. Некои од нас на тој начин многу рано сознаа дека имаат дарба за идни артисти или за поети. Тогаш првпат ја доживувавме и радоста во паметењето стихови, но и во пишувањето први стихови со рима. Секако, имаше и такви меѓу тогашните ученици кои сметаа дека учењето поезија напамет, пеењето во училиштата детски или други пригодни песни, беше особина само на социјалистичкото воспитание. Напротив, се чини дека образованието во југословенските училишта, во кои одевме ние, генерациите родени по војната, во тоа време беше конципирано по угледот на европското образование. Имено, и постарите генерации Германци во училиштето често учеле поезија напамет. Затоа многу од моите постари германски пријатели можат денес веднаш да ви изрецитираат некоја позната песна од Рилке, од Гете или од Хелдерлин. Читањето поезија за нив остана ритуал како знак за солидното литературно образование.

Како и во македонските училишта, и во денешните германски училишта во основното училиште децата не учат стихотворби напамет во таа мера, во која тоа уште беше задача за повоените генерации. Токму затоа современата германска педагогија се‘ почесто истакнува колку е значајно децата да читаат и да учат напамет поезија. Имено, со помош на учењето напамет поезија кај нив не се развива само чувството за јазикот, туку се тренира и паметењето. Освен тоа, учењето напамет на една подолга стихотворба помага кај децата да се развие концентрацијата, чувството за мелодијата и ритамот на јазикот. Кога учењето напамет стихотворба завршува со настап пред одделението, секое дете има можност да ја доживее и радоста во рецитирањето. Токму затоа сиве овие нешта се многу значајни фактори за развитокот на јазичната дарба и на самодовербата на децата.

Улогата на родителите

На „Германскиот школски портал“ на фондацијата Роберт Бош ( Deutsches Schulportal der Robert Bosch Stiftung) во прилогот од 2019-та, колумнистката на овој портал, која и самата е учителка во основно училиште, Сабине Черни (Sabine Cherny), апелира до родителите што е можно почесто да учат заедно со своите деца поезија напамет. Особено во времето на брзата комуникација, децата учејќи песна за миг можат да се успокојат и да го насочат вниманието на секој збор. Тоа, според Черни, би било многу значаен прилог на родителите за јазичната вештина на децата, особено затоа што денес во германските училишта поезијата не е многу застапена. Причината за тоа таа ја гледа во недостигот од компетентно сознание кај некои учители за значењето на поезијата за децата. Од друга страна, и на многу родители денес им недостигало истото сознание, па затоа тие учењето на стихотворби понекогаш го доживувале како непотребна тортура за децата.

деца поезија книги
Како еден вид игра со родителите, учењето за децата е многу попривлечно и полесноФотографија: VisualEyze/picture alliance

Затоа е многу значајно родителите и учителите да им помогнат на децата повторно да ја откријат поезијата. Притоа е познато дека децата од прво до четврто одделение уште не се во состојба сами да научат стихотворба напамет. За таква мисловна активност тие се способни дури на постара возраст. Токму затоа за малите деца е важно да имаат некој возрасен со чија помош ќе ја учат песничката напамет. Притоа би било добро кога, покрај учителите на часовите, и родителите дома би ги учеле заедно со децата песните кои тие почнале да ги учат во школото. Затоа што за учењето на стихотворба напамет на децата им е потребна долготрајна вежба. Кога тоа го чинат како еден вид игра со родителите, учењето за децата е многу попривлечно и полесно. Ние, постарите македонски генерации добро паметиме дека учителките во основното ни даваа задача да научиме нова стихотворба напамет во текот на една недела. Тогаш речиси секој ден вежбавме дома, после часовите, повторувајќи ги стиховите со мајките или со бабите. Така брзо сознававме дека за да се научи стихотворбата напамет и трајно да се запамети, потребно е секој стих и секоја строфа да се повторуваат безброј пати. Секако, во зависност од тоа колку е голема дарбата на детето брзо да ги запамети стиховите. Само ретките можат да научат напамет долга стихотворба во еден или во два дена. Затоа најефикасниот начин да се научи поезија напамет е да се вежбаат со повторување секој ден само по неколку стиха, бидејќи доколку не се повторува почесто еднаш запаметената песна, таа брзо се заборава.

Поттик за мисловен и јазичен развиток на децата

Секако, најдобриот начин за децата е кога една стихотворба се учи во училиштето, заедно со целото одделение, со тоа што секој ден се повторуваат два-три стиха. На тој начин децата ја делат радоста во заедничкото рецитирање. Тие потоа истите стихови може да продолжат да ги учат напамет и дома, со помош на родителите. Се разбира, за процесот на учење напамет на една подолга стихотворба со целото одделение понекогаш се потребни и неколку недели, но искуството кое децата го доживуваат со мелодичноста, игривоста и сликовитоста на поетскиот јазик е многу значајно за нивниот мисловен и јазичен развиток. Со тоа не само штосе поттикнуваат јазичните дарби на учениците,но им се помага да се стекнат и со самодоверба при јавните настапи на приредби и празнични прослави. Во германските фамилии обично мајките им помагаат на децата уште кога се во детска градинка за Божиќ да научат песничка напамет, за да ја рецитираат на домашната фамилијарна прослава. Кога децата од најрана возраст во вид на игра би учеле стихови, повторувајќи ги неброени пати, ним тоа би им помогнало да можат и на постара возраст да имаат самодоверба кога, на пример, пред одделението ќе треба да прочитаат свој реферат.

Учењето поезија напамет позитивно го обликува мислењето, ја збогатува зборовната ризница на децата и го воспитува нивниот естетски сензибилитет. Поетскиот говор е преполн со несекојдневни метафори, со интересни рими, со милозвучна мелодија, но и со чудесни зборовни слики кои ни го откриваат значењето на човечките мисли и чувства. Големите поети ни ја разгатнуваат тајната на светот, но и на човечката душа. Токму затоа нивната поезија трајно не‘ обликува, доколку сме имале можност во детството и во младоста да ја прочитаме и да ја запаметиме засекогаш. Од песните на Блаже Конески или на Анте Поповски, македонските деца ќе научат многу повеќе за македонскиот идентитет, отколку од политичките памфлети на социјалните мрежи и на интернет-порталите.Кога тие ќе ја почувствуваат силината и длабочината на зборовите на својот мајчин јазик во вид на песна од Цане Андреевски или од Радован Павловски, тие многу појасно би ја сознале творечката сила на тој јазик. А тогаш, можеби, ќе посакаат и самите да се обидат да пишуваат поезија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.