1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените во националните наративи

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
19 септември 2022

Во националниот македонски наратив, за кој во последниве неколку години се „вкрстија“ копјата и во политичката „драма“ со соседните држави, главните личности се секогаш мажи. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4H2tq
Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Во македонското просечно културално паметење за времето на османлиското владеење со регионот Македонија, кога се артикулира политичката волја за самостојна македонска држава, постои само еден познат женски лик. Тоа е оној на грабнатата невеста Цвета од драмата „Крвава свадба“ на Војдан Чернодрински од 1900-та. Тој женски лик е клише кое ја илустрира сликата за „турското ропство“, како што е и мит за волјата за слобода на револуционерите кои, како и на други места во светот, во македонскиот национален наратив речиси секогаш се мажи. Така Цвета не е само сестрата и мајката која е грабната од „господарот-туѓинец“, туку таа ја отелотворува и самата земја Македонија. Додека идеологијата на патриотизмот ја велича херојската татковина, сликата за „старадалната, поробена и измачена родна земја“ речиси е секогаш женска. Македонија е жена и мајка!

Во литературата за периодот на македонското револуционерно движење за ослободување од османлиската власт, жените се појавуваат најчесто во јасно клиширана функционална слика, која го повторува основниот принцип на тогашниот патријархален ред во фамилијата и општеството. Двата женски лика од османлискиот период, Калеш Анѓа, во народната поезија и во романот на Стале Попов (1958), и Цвета од драмата на Војдан Чернодрински, во својата стреотипност и митскост повеќе се сведоштво за општата невидливост на жените во македонската историја, отколку за нивното јасно присуство. Во народните песни жените се безимените „помошнички” на револуционерите како шивачки или „вапцарки” на знамињата, како во песната „Ајде поминувам, заминувам“ („Бапчорки“) „вапцарката калеш Грозда“. За неа прашува јунакот, за да му вапца „два бајраци“ - еден „зелен“, за свадба, и еден „црвен“, за бојот. Жената е невестата што ќе остане дома, да го чува домот и децата, а мажот е идниот комита или печалбар, често отсутен со месеци или дури и години. Македонските жени биле автономни само во домаќинството, така барем ни сугерира досегашната женска историска приказна. Меѓутоа, покрај сета автономност на жените во домот, секоја слика има и опачина. Децата обично ги воспитувале мајките, што значи, тие ги пренесувале и традиционалните патријархални вредности. Тоа е една од причините зошто жените се невидливи во македонските историски приказни. Тие, всушност, се грижеле за опстанокот на традиционалниот поредок кој бил доминиран од мажите.

Во штамата на историскиот молк

Во таа смисла, не зачудува зошто во националниот македонски наратив, за кој во последниве неколку години се „вкрстија“ копјата и во политичката „драма“ со соседните држави, главните личности се секогаш мажи. Напамет ги знаеме имињата на сите илинденски борци што ги учевме од историските читанки, иако најчесто малку знаеме за нивната конкретна фамилијарна биографија, затоа што тие ликови одамна се станати митски легенди. Историските читанки не нудат и биографии на жените од истиот период. Жените остануваат во штамата на историскиот молк, иако приказните за „дедовците Илинденци“ на внуците најчесто им ги раскажуваа бабите, како мојата прабаба Софка, која, освен тоа, не забораваше да истакне дека, додека мажите-комити „исчезнувале“ напролет во планините, животниот ред во фамилиите го одржувале жените. Секако, овие сознанија припаѓаат на оралната родова и културна историја, но бездруго духот на историските македонски читанки би звучел малку поинаку, доколку социјалната положба на жените би била поткрепена со реални женски животни приказни.

Секако, за мојата генерација, таа на родените по Втората светска војна, социјалистичките историски читанки нудеа неколку женски ликови на народни хероини, како Елпида Караманди или Вера Циривири-Трена. Историјата на антифашистичката борба ја постави жената поблизу до „центарот“ на вниманието, меѓутоа, тоа не го измени во целост темелниот дух на националниот наратив. Тој и ден-денес е херојскиот дух кој историјата ја раскажува како историја на војни и освојувања, на порази и ропства, а армиите се секогаш составени од мажи. Бистата на убавата партизанка во скромниот тревник зад зградата на македонската влада е многу кревка (а со тоа речиси невидлива!) споредена со оној огромен „војник на коњот“ среде скопскиот плоштад. Оваа констелација во целост ја отсликува невидливоста на жените во македонскиот национален наратив. Тој уште му служи на борбениот патриотизам во духот на минатиот век. Дека дури и социјалистичкиот историски наратив имаше во себе „крипто-милитантен“ дух, сознавме од постјугословенските војни, но, најјасно, деновиве од империјалистичкиот стремеж на постсоветска Русија во војната против Украина.

Во неслободното општество не се слободни ниту мажите ниту жените

Притоа, не треба да се романтизира „женскиот принцип“ како неприкосновен мирољубив ред, како што во осумдесеттите веруваше европската феминистичката идеологија напати сонуваше за слободното општество како нов „матријархат“.

- повеќе од авторката: „Непопустливите“ - приказната на жените во политиката на „Бонската република“

Амбивалентноста на митот за „мирољубивата жена“ првпат ја анализираше 1985-та една од најпознатите германски психоаналитичарки на дваесеттиот век, Маргарете Мичерлих (Margarete Mitscherlich) во делото „Мирољубивата жена“ ( „Die friedfertige Frau“). Разгледувајќи ги родовите разлики на агресивноста, таа истакна дека „мирољубивоста“ на жената е плод на долговековното воспитување кое од неа барало да биде пасивна и да не се противи на „машкиот принцип” на моќта и силата. Да не заборавиме, Мичерлих 1967-та го објави заедно со својот сопруг, Александар Мичерлих, легендарното дело „Неспособноста да се тагува“ ( „Die Unfähigkeit zu trauern"), во која тие ја поставија дијагнозата за Германците кои по војната, свесно или несвесно, сакаа да заборават што правеле во Третиот Рајх. Тие речиси фанатично се посветија на работата, создавајќи го брзо „германското стопанско чудо“. За тој „заборав” во голема мера помогнаа германските жени, кои, тула-по-тула, ја градеа одново Германија. Маргарете Мичерлих истакнува дека не само германските мажи, туку и голем дел од жените до бескрај му се восхитувале на Хитлер, доживувајќи го како божество. Таа ја наведува како пример Магда Гебелс, жената на Гебелс. Според Мичерлих, на искушението на фашистичката идеологија му подлегнале и мажите и жените, затоа што желбата да се припаѓа на ариевската „господарска раса“ („Herrenrasse“), од 1933-та била систематски воспитувана со „расната теорија“ во германските училишта, станувајќи речиси нова религија. Фанатизмот на ариевската религија го најде темелот во структурата на „авторитарната личност“, што многу рано го беше сознала и „Критичката теорија“.

- повеќе од авторката: Искушенијата на македонско-бугарското помирување

Во таа смисла, Лиљана Радониќ, современата австриска научничка со хрватско потекло, со право денес потсетува дека „авторитарната личност“ нема родова разлика. Во Аушвиц бил монструзно брутален раководителот на логорот, но за логорот Бухенвалд се раскажува дека помонструозна од раководителот била неговата млада сопруга. Од друга страна, деновиве сознаваме дека „авторитарната личност“ нема ниту национална специфика, затоа што и Путиновиот милитантен режим се темели врз „авторитарниот карактер“ на постсоветскиот просечен граѓанин. Ова, пак, покажува дека е неопходно да се промени парадигмата врз која се обликуваат и ден-денес сите национални наративи: вљубеноста во хероизмот како ексклузивна особина само на сопствениот народ. Претставувањето само на сопствената нација како најголема „светост” и „божество” е духот кој уште го одржува во живот „авторитарниот карактер”. Љубовта за сопствениот народ како одговорност за заедницата е нешто многу различно од милитантните претстави за „великоста на својот народ“, со што многу лесно се паѓа во искушението својот народ да се постави над сѐ друго. Имаше право Адорно кога постојано истакнуваше дека во неслободното општество не се слободни ниту мажите ниту жените. Слободно ќе биде само општеството во кое, без страв, ќе смееме да бидеме различни - етнички, национално, религиозно, културно или родово, потсетува Адорно.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.