1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Земјотрес во Турција: Што е катастрофа, а што потрфлање?

Карин Зенц | АРД
10 февруари 2023

Штетите од катастрофалниот земјотрес во Турција можеа да бидат помали, велат експертите. Државата со децении работела погрешно и дозволувала илегални градби.

https://p.dw.com/p/4NKEk
По земјотресот во Турција: Зграда во Дијарбакир
По земјотресот во Турција: Зграда во Дијарбакир Фотографија: Sertac Kayar/Reuters

Бројот на загинатите воземјотресот во Турција најверојатно ќе достигне нов рекорд. Во најразорниот земјотрес досега, во 1999 година, загинаа речиси 18.000 луѓе. Во тоа време се мислеше дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори. Бидејќи државата реагираше, градежната регулатива беше заострена. Сега се зголемуваат критиките дека државата потфрлила во превенцијата.

Објектите не треба да се уриваат

Џемал Ѓокче долго време беше претседател на Турската комора на градежни инженери. Тој смета дека работите се едноставни кога станува збор за градба отпорна на земјотрес: „Зградите изградени според прописите не се уриваат. Ние, инженерите, велиме: Зградата може да има штета, но не смее да се урне“, вели Ѓокче. Едноставно не смее да има жртви. Со оглед на тоа, зградите во кои не умираат луѓе значи се изградени според прописите. Тие се контролирани згради.

Безбедноста од земјотрес како трошок

Специјални инженери проверуваат дали новите згради се сеизмички безбедни, објаснува Ѓокче. За тоа е потребна дозвола од државата. Но, за разлика од Германија, овие инженери во Турција не мора да полагаат дополнителен тест, критикува тој. И многумина конечната проверка не ја сфаќаат многу сериозно. Безбедноста од земјотрес чини пари што некои градежни изведувачи не сакаат да ги потрошат.

Корупција и лошо планирање

Оја Озарслан од организацијата Транспаренси интернешнал во Турција, која се занимава со корупција, зборува за слични проблеми. На пример, пред изградбата на аеродромот Хатај, експертите предупредувале дека локацијата не е соодветна. „Аеродромот Хатај е изграден на место каде што порано имало езеро. Тие го исушија, а потоа таму го изградија аеродромот. Погрешно од самиот почеток. И сега има практично доказ дека тоа всушност било грешка“, вели Озарслан. Хатај е еден од регионите каде што сегашниот земјотрес предизвика многу штети, вклучително и на аеродромот. Тој веќе не може да се користи. Слично е и со тамошната болница. Таа всушност воопшто не смеела да се користи, објаснува Озарслан повикувајќи се на стручно мислење. Сега  од зградата не остана многу.

„Зградата може да има штета, но не смее да се урне“, вели инженерот Ѓокче (фото: зграда во регионот Кахранмараш)
„Зградата може да има штета, но не смее да се урне“, вели инженерот Ѓокче (фото: зграда во регионот Кахранмараш)Фотографија: DHA

Незаконско доградување е вообичаена практика

Инженерот Ѓокче раскажува за уште една вообичаена проблематична практика: „Основен проблем во Турција е што на згради, кои инаку се изградени според прописите, нелегално се доградуваат нови катови, без да се внимава на прописите“. Тежината на овие диви катови врши притисок врз градбите, така што тие може да се урнат и без земјотрес. Тој го наведува примерот на петкатна зграда на која незаконски биле доградени уште три ката. На крајот во урнатините загинаа 21 лице.

Во случаите навакви дивоградби, градежниците се потпираат од една страна на тоа дека никој не проверува, а од друга страна на тоа дека државата амнестира. Ова се случувало многупати во минатото, особено пред избори. Овие проблеми не се нови, појавени се уште пред владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган: „Тоа се случуваше и во минатото. Но сега тоа стана правило. Живееме во време во кое неправилностите станаа правило“, вели Ѓокче.

Владата ги користи парите на други места

По последниот голем земјотрес во 1999 година, тогашната влада воведе „земјотресен данок“. „Со парите собрани од тој данок, требаше да бидат зајакнати зградите што не беа отпорни на земјотрес или да бидат урнати и повторно изградени“, вели Ѓокче. Биле собрани многу пари. „Но, тие со парите изградија патишта. Парите не се користеа за згради.“

Расте гневот во Турција поради бавната помош

Експертот е лут. Турција има знаење да гради објекти отпорни на земјотреси. Како прва последица од сегашната катастрофа тој бара ангажман на добро обучените инженери: „Второ, мора да се реновираат зградите во градовите кои се во ризик од земјотреси, почнувајќи од посиромашните региони. Или треба да се зајакнат оние што не треба да се урнат и повторно да се изградат.“

Претседателот Ердоган два дена патува во регионот погоден од земјотресот. Тој ветува дека сака да го обнови регионот во рок од само една година.