1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Zeitgeist духот на Европа пред историска Zeitenwende

21 април 2022

Европа од оваа војна во Украина може да излезе посилна. Но, исто така, може да излезе целосно и неповратно разединета и раскарана. Колумна на Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4ABL7
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Сонот за слобода на заробените е обликуван од желбата да ја имаат слободата која нивните угнетувачи ја демонстрирале врз нив. Неказнивоста на таа слобода на угнетување е несвесно и интуитивно, примодијално и рефлексно перцепирано од групата или единката како ултимативна дистанца од заробеноста, од сопствената немоќ и пониженост. Доколку во секој триумф лежи семето на поразите кои следат, подеднакво во секоја лузна од корбачот се раѓа фетишот за корбачот во рака како единица мерка на финално здобиената слобода за нанесување лузна врз нечиј друг образ. И така во круг. Оваа политички некоректна, за поезија недостојна и неромантична верзија за генезата на слободата се провејува низ севкупната историја на човечкиот род, пренесувана низ стотиците промени на улогите меѓу народите и луѓето. 

Чинам дека денешницата на Европа е своевиден summa summarum на таа реалност, поточно точка во која се менуваат улогите меѓу лузнитe и корбачите. Од една страна, сведоци сме на слабеењето на историскиот европски Zeitgeist, т.е. дух на времето конципиран на крај на деветнаесетиот век од Хегел како ера на владеење на големците и големите идеи. Тој невидлив агент на промените кој ја карактеризира епохата на Zeitgeist беше подлогата на бурното столетие кое ќе уследи со сите мизерни мигови на крвави војни, уништувања, холокаусти подеднакво како и во најсветлите подвизи на човечкиот ум, наука, просвета, технологија, медицина. На крајот на тој дух на времето, како пародија на зачетната смисла на Zeitgeist, стои последниот реликт на големштината без величина во ликот на Владимир Владимирович Путин и неговата само-придадена мисија и улога на „олицетворение на духот на народот (Volkgeist) и na светот (Weltgeist)”. Но во реалноста на глобалните и историски текови, неговата реална улога е само онаа на инаетчиски и несвесен механички катализатор на Zeitenwende, на моментот на пресвртница во која тој е само искра од капсула која ги става во погон промените надвор од неговата замисла и уште помалку контрола. 

Културолошки ограничен за да ја има визијата на Петар Велики, интелектуално лимитиран за да биде Ленин или Троцки, хедонистички недостоен за брутализмот на Сталин, арогантно себичен за скромноста на Горбачов, сето идеолошко пакување на Путин е конгломерат на наврат-нанос собрани, налепени, шварцувани, накалемени анти-идеи на современите глобални и историски атавизми. Спакувани во псевдо-идеологија на анти-колонијализам, Москвич налепница на хипстер бунтовништво и с'скање на расни, религиски, етнички ривалства на најниските слоеви на Фејсбук академијата. Обидите за споредување или навредување на Путин со фашизмот / нацизмот се не само несоодветни туку и преценувачки за неговиот реален идеолошки опсег и политичка длабочина. Путин е традициски експлоататор на комунизмот и медиумски имитатор на фашизмот. Единствената достојна дескрипција на неговиот историски и животен magnum opus е дека тој е ништо помалку и секако ништо повеќе од опортунистичко олицетворение на модерниот опортунизам на крај на европскиот Zeitgeist. Затоа, за осознавање на вистинските димензии на залезот на Zeitgeist и историската тежина на тековната Zeitewende, нарацијата и актерите треба да ги бараме некаде сосема на друго место, во коренот и во средината од која се имаат јавено и определено настаните кои не водат до денешницата.

Повеќе од авторот: Кличко го нокаутира Хантингтон

Динамиката на тие односи во Европа денес е само површно поврзана со опортунизмот на Путин во судир со Западот. Но, тектонско суштински и одлучувачки станува збор за судир на два светоназора и нивните предводници – Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински. Двајцата големи магови на политичката и дипломатската реал-политика на дваесетиот век. Чии денешни расцутувања треба да ги согледаме низ споделените животни и младешко формативни години поминати во нивните родни земји и доминантни култури. Од една страна, Кисинџер роден во германско-еврејско семејство во Баварија на Вајмарската република, тепан од Hitlerjugend и присилен со семејството да емигрира во САД во 1938 гoдина. Од друга страна, Бжежински роден во аристократско римокатоличко семејство во Варшава и со потекло од Украина. Како син на полски дипломат во Берлин, младиот Збигњев ќе сведочи на подемот на нацизмот во Германија (1931-‘35) за потоа на следната мисија на неговиот татко во Москва (1936-‘38) да биде сведок на „големата чистка” на Сталин во СССР.

Иако и двајцата тврди припадници на реал-политиката, пристапите на двајцата идеолози на надворешната политика на САД ќе бидат на не сосема иста бранова должина. Европејското искуство на Кисинџер ќе влијае врз „глобално-политичката балансираност лишена од емоции” и евроцентричната европеизација на американската надворешна политика со примеси на колонијалните империјални пракси и искуства од европските дворови. Поточно, согласно вестфалската Америка на Кисинџер, сувереноста и независноста на западно-европските земји од Советскиот Сојуз беше обликувана врз средновеквниот концепт на нивната првостекната независност од Светата Столица. Од друга страна, искуството на сведочење на два етничко различни но идеолошки идентични концепти на тоталитаризам, наметна врз Бжежински поширок и поемпатичен пристап во согледување на глобaлните предизвици. За разлика од евроцентризмот како столб на кисинџеризмот, Бжежински ќе се наметне и ќе остане запаметен според ревитализацијата на концептот на Мекиндер за „Евроазија и срцевината на светот” како епицентар на светската моќ. Нагласувајќи ја денешната реалност дека „ниту една евро-азиска сила не смее да се наметне како доминантна моќ и со тоа да ја загрози глобална пре-еминенција на САД”.

Повеќе од авторот: Прва глобална војна

Ставено во контекст на Европа и нејзините две фази на осознавање – првата, по Втората Светска Војна и втората, по падот на Варшавскиот Пакт – на сцена испливуваат реперкусиите на двата пристапа. Поточно, доминацијата на кисинџеризмот во поствоена Западна Европа во форма на американскиот Детант и надополнета со германскиот Ostpolitik кон СССР. На сметка на концептот на Бжежински за рамноправно уважување и вклучување на Источна Европа во севкупната комплексност на односите меѓу некогаш идеолошки а денес геополитички спротиставените блокови. Во тој судир меѓу двата концепта, континуирано неодговореното прашање е дали Источна Европа може да биде прифатена и третирана како Запад (според Бжежински), или пак осудена на вечен кисинџерски третман на плодни територии со некакви споредни народи сместени меѓу Берлин/Париз и Москва?

Евроцентризацијата на американската надворешна политика обезбеди за време на Студената војна, но и по падот на комунизмот и членствата во западните алијанси, за Вашингтон, Берлин, Лондон, Париз и Мадрид, летот до Москва да биде со покусо времетраење од оние до Варшава или Киев, Прага или Тирана, Софија или Букурешт - со исклучок на Белград. Можеби сеуште непопуларно во Брисел, но и тоа како актуелно низ центрите „десно од Виена” е чувството за нивно третирање како второкласна Нутела, источна досада и генерално простор кој само пречи и става пречки за приближување меѓу некогаш империјалните, денес бирократските дворови на Европа и на Русија.

Храбри украински жени ги поддржуваат борците од првата линија

Војната во Украина само го реактуализира тоа чувство, сега засилено од бруталноста на Русија, сеќавањата за довчерашната подготвеност на Европа за санитаризација на имиџот на Путин и соочувањето со реалноста дека Запад е сеуште далечен како и во време на комунизмот. Но доколку некогашната тоталитарна физичка изолација беше причината за  таа отсеченост, денес земјите „десно од Виена” чувствуваат дека дистанцата е интерно диктирана и можеби историски финално ненадминлива. Инсистирањето на економски политики и логики на големите западни пазари на сметка на забелешките од егзистенцијалните загрозености – историски напати докажани како реални -  на народите сместени помеѓу Западот и Русија е опасност по кохезијата на Европа не помала од средновековната бруталност од Москва. Западното инсистирање на тврда и бескомпромисна ограда од нацизмот (поради сопствените последици) проследено со безмалку беневолентен однос кон комунизмот не само што ги навредува милионски побројните жртви туку и се заканува во тие земји и општества да го хуманизира нацизмот како логичен рефлекс кон западната толеранција на идеологијата на српот и чеканот. Денес, секој средношколец десно од Виена знае за зборот Холокауст и што стои зад него. Прашање е колку студенти лево од Виена знаат што е Хлодомор? Подемот на нацизмот во посткомунизмот е скандалозен. Но уште поскандалозно е што во име на демократијата Западот сеуште инсистира дека правото на сталинистите од Die Linke или путинистите од Париз и Виена е некаков „доказ на отвореноста на Европа кон различни гледишта”.

Повеќе од авторот: Слава Україні!

Европа од оваа војна во Украина може да излезе посилна. Подеднакво како што може да излезе целосно и неповратно разединета и раскарана помеѓу миријадата неконзистентности кои самата ги храни преку измислување стандарди за други со цел зачувување на привилегиите на Клубот Запад.

Доколку сака обединетост, Европа ќе мора да си го исчисти вокабуларот од термините Источна Европа, поранешен комунистички блок/земја, Балкан и нив ги замени со Европа, демократија и Илирски полуостров. Обединета Европа е невозможна без рамноправна Европа која ќе биде така чувствувана, оценета и прифатена од двете страни на Виена. Доколку не, треба да се препрочита првата реченица од воведниот пасус. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач