1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платежна картичка наместо кеш за барателите на азил

Тагесшау | ЕМФ
3 февруари 2024

Барателите на азил во Германија во иднина дел од државната помош ќе добиваат преку платежна картичка.

https://p.dw.com/p/4bsoN
финансии платежна картичка
Техничките можности на платежната картичка треба да бидат исти во сите покраиниФотографија: OneInchPunch/Westend61/IMAGO

Дел од државните бенефиции за барателите на азил во Германија во иднина ќе бидат ставени на располагање како кредит на платежна картичка и веќе нема да се исплаќаат во готово. 14 од 16 германски покраини се согласија за заеднички стандарди за процесот на набавка на картичките што треба да биде завршен до лето. Како што соопшти премиерот на покраината Хесен, Борис Рајн, покраините Баварија и Мекленбург-Предна Померанија одат по својот пат, но и тие сакаат да воведат платежна картичка.

На средбата на покраинските премиери со канцеларот Олаф Шолц во ноември минатата година, беше договорено воведување картичка на национално ниво. Работна група потоа разви модел за платежна картичка со единствени национални минимални стандарди.

Картичката треба да го замени исплаќањето готовина

Меѓу другото, беше договорено тоа да биде кредитна картичка со дебитна функција - без конекција на сметка - што ќе го замени исплаќањето пари во готовина, соопшти владата на Хесен, покраина која претседаваше со работната група. Секоја покраина сама одлучува за износот на готовинскиот износ и други дополнителни функции. Техничките можности на платежната картичка, од друга страна, треба да бидат исти во сите покраини. Во принцип, картичката треба да важи на национално ниво, но покраините можат да ја ограничат регионално и за одредени бранши. Користење на картичката во странство, трансфер од картичка на картичка и други трансфери дома и во странство не се предвидени.

Германија Брауншвајг | бегалци
„Со воведувањето на платежната картичка го намалуваме административното оптоварување на општините, спречувајќи ја можноста за префрлање пари од државната поддршка во земјите од каде потекнуваат (барателите на азил, н.з.)“, вели премиерот на Хесен, Борис РајнФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Помалку администрација, заштита од криумчарски криминал

„Со воведувањето на платежната картичка го намалуваме административното оптоварување на општините, спречувајќи ја можноста за префрлање пари од државната поддршка во земјите од каде потекнуваат (барателите на азил, н.з.) и со тоа се бориме против нехуманиот шверцерски криминал“, изјави премиерот на Хесен, Борис Рајн.

Премиерот на покраината Долна Саксонија, Штефан Вајл, оцени дека е постигнат добар напредок во спроведувањето на заклучоците од последната конференција на покраинските премиери: „Со платежна картичка, исплати во готовина на барателите на азил во голема мера станува непотребно“, рече политичарот од СПД. Доколку барателите на азил работат, тие ќе можат слободно да располагаат со лично заработените пари.

Барателите на азил добиваат законски дефинирани стандардни бенефиции и дополнителна посебна поддршка, на пример во случај на болест или бременост. Во некои општини, како тест-модели, веќе се воведени платежни картички за бегалците, на пример од декември 2023 година во областа Грајц, во покраината Тирингија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема