1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Закани кон претседателката на Уставниот суд

ДТЗ
15 мај 2024

„Дали станува збор за случајност, невкусна шега или некаква порака или закана тоа останува да го утврдат надлежните. Во интерес на државата е да се расчисти тоа“, вели портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска.

https://p.dw.com/p/4fsv6
Добрила Кацарска
Претседателката на Уставен суд, Добрила КацарскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, пријавила во полиција дека е загрозена нејзината сигурност, откако на приватен паркинг од затворен тип, каде било паркирано нејзиното возило, пронашла импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. 

„Дали станува збор за случајност, невкусна шега или некаква порака или закана тоа останува да го утврдат надлежните. Во интерес на државата е да се расчисти тоа“, вели портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска. 

Нож и неколку други предмети на вештачење

Таа во изјава за медиумите, по седницата на Уставниот суд, соопшти детали за случајот. Вели дека ножот бил пронајден на приватно паркинг место во близина на живеалиштето на Кацарска. „Во непосредна близина на нејзиното возило, на околу 20-тина сантиметри е пронајден нож и некои други предмети и тоа е она што можам да го потврдам во овој момент“, рече Беловска. 

Возилото било паркирано во подземен паркинг каде имало уште 50-тина автомобили. Случајот го потврди и МВР. 

„На 14.05.2024 во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло“, информираат од МВР. Известен е јавен обвинител, а покрај ножот пронајдени се и други предмети коишто ќе се вештачат. 

судство
Ова не е прв случај судии и обвинители да пријават во полиција дека има закани за нивниот живот. Фотографија: picture alliance/imageBROKER

Случајност, невкусна шега или закана? 

Инцидентот се случува во речиси исто време кога во скопската населба Кисела Вода бил запален автомобилот кој го користи директорот на Затворот „Идризово“, Зоран Јовановски.

„На 15.5.2024 година во 3.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило ’фолксваген пасат’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено–поправната установа затвор ’Идризово’, кое било паркирано од З.Ј.“, информираа од МВР. Од пожарот бил зафатен дел и од фасадата на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. 

Двата случаи отворија сомнеж дали постои некаква поврзаност меѓу нив или пак е коинциденција во прашање. На новинарско прашање дали постои поврзаност меѓу случаите, со оглед на тоа дека Зоран Јовановски бил судија поротник во дел од предметите што Кацарска ги судела во Основниот кривичен суд Скопје, од Уставниот суд велат дека таква паралела во моментот не можат да направат. 

„Веројатно прашањата треба да ги упатите на друга адреса“, рече Беловска. 

И порано добивала закани 

Кацарска и порано добивала закани, но според портпаролката на судот, таа досега не реагирала на таквите случаи. 

„Во однос на заканите, можам да потврдам дека имало повеќе непријатности во континуитет, некои ситни инциденти во јавноста. Има закани на социјалните мрежи упатени лично кон Кацарска, коишто се уште се достапни и верувам дека ќе бидат и проверени“, вели Беловска.

Ова не е прв случај судии и обвинители да пријават во полиција дека има закани за нивниот живот. 

Лани Основното јавно обвинителство во Прилеп покрена постапка против едно лице поради закани, демнење и вознемирување кон обвинител и неговото семејство. Во 2022 година, тогашниот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески, пријави во полиција дека добил смртна закана доколку не биде запрена постапка за еден предмет. Две писма со закани истата година пристигнаа и до поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Со графолошко вештачење беше утврдено кој им испраќал заканувачки писма на обвинителите.