1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалФранција

Загинати и повредени во пукотница во Париз

СН/агенции
23 декември 2022

Три лица загинаа, а неколку се повредени од истрели од огнено оружје во Париз. Полицијата уапси 69-годишен маж. Околностите на злоделото се нејасни. Истрели, меѓу другото, биле испукани и во центар на курдската заедница.

https://p.dw.com/p/4LNLD
Од огнено оружје било пукано во 10-тиот арондисман на Париз
Од огнено оружје било пукано во 10-тиот арондисман на ПаризФотографија: SARAH MEYSSONNIER/REUTERS

Во вооружен напад во центарот на француската престолнина, три лица загинаа, а неколку други се ранети. Како што соопшти јавниот обвинител во Париз, покрената е истрага за намерно убиство и тешко насилство. Уапсен е 69-годишен маж кој е под полициски надзор. Станува збор за Французин кој од претходно и бил познат на полицијата поради два претходни обиди за убиство, информираат безбедносни извори. Според извештаите, тој не бил на списокот на потенцијално опасни лица на тајната служба. Осомниченот напаѓач е ранет и хоспитализиран, изјави градоначалничката на 10-тиот париски арондисман, Александра Кордебард.

Пукање во курдски центар

Смртоносни истрели, меѓу другото, биле испукани и во центарот на курдската заедница во Париз. Според Кордебард, напаѓачот пукал и во ресторанот и фризерскиот салон спроти центарот.

По пукотницата, полицајци ги обезбедуваа околните улици
По пукотницата, полицајци ги обезбедуваа околните улициФотографија: JULIETTE JABKHIRO/REUTERS

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин најави дека ќе го посети местото на нападот. Тој на Твитер упати зборови со поддршка до семејствата на жртвите од нападот, чиј мотив сѐ уште не е расветлен.

Психолошко советувалиште за засегнатите

Градоначалничката  на Париз, Ан Идалго најави отворање на специјално психолошко советувалиште за засегнатите во градското собрание на 10-от арондисман. Таа им се заблагодари на итните служби и им изрази сочувство на семејствата на жртвите.

Париската полиција не објави никакви информации за инцидентот, но ги повика луѓето да ја избегнуваат областа.