1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

ФБИ истражува за можен обид за атентат врз Трамп

АРД | агенции
16 септември 2024

Во близина на голф клубот на Доналд Трамп во Флорида дошло до пукање. Полицијата уапси едно осомничено лице, а ФБИ истражува можен обид за атентат. Кандидатот за претседател на САД не е повреден.

https://p.dw.com/p/4kef7
Истрели во близина на голф клубот на Доналд Трамп во Флорида, САД
Истрели во близина на голф клубот на Доналд Трамп во Флорида, САДФотографија: CHANDAN KHANNA/AFP via Getty Images

Два месеци по обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп, безбедносните сили очигледно спречија уште еден обид за напад врз Републиканецот. Според наводи од Тајната служба, телохранителите на екс-претседателот отвориле оган врз вооружен маж кој се криел во грмушките на маргините од теренот за голф на Трамп во Флорида. Трамп не е повреден. Федералната полиција ФБИ поаѓа од обид за атентат врз поранешниот претседател, како што известуваат сите американски медиуми.

Полицијата јавува дека имало апсење. Лицето било сопрено на автопат на околу 70 километри северно од голф-клубот, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Мартин на Фејсбук. Се верува дека лицето е поврзано со истрелите кои биле испукани во близина на голф-клубот. Осомничениот делувал смирено и присебно.

Полицијата соопшти дека автоматска пушка од типот АК-47 со телескопски нишан и камера се пронајдене во грмушките на местото на инцидентот, а и уапсеното лице со себе носело телескопски нишан.

Медиуми: 58-годишен градежник од Северна Каролина

Мотивот се уште е нејасен, а надлежните органи не споделија информации во врска со него. Според медиумите, станува збор за 58-годишен градежен претприемач од сојузната држава Северна Каролина, кој на социјалните мрежи споделувал политички ставови, а според Си-Ен-Ен, се изразувал и критички во однос на Трамп. 58-годишниот Рајан Р., патувал во Киев по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година за да ја поддржи националната одбрана - и таму, меѓу другите, бил интервјуиран од новинската агенција АФП. Тој изјавил дека е подготвен и самиот да се „бори и да умре“. „Путин е терорист на кој мора да му се стави крај“, изјавил тој тогаш.

Осомничениот наводно бил на само неколку стотина метри од Трамп

Осомничениот се сокрил со пушката во грмушките во близина на оградата на теренот за голф на Трамп што се наоѓа во Вест Палм Бич додека Трамп таму играл голф, соопшти на прес-конференцијата шерифот на Вест Палм Бич, Рик Бредшо. Човекот бил на само 350 до 450 метри оддалеченост од Трамп.

САД Флорида обид за атентат на Трамп
Осомничениот оставил торби, камера и пушка на местото на настанот додека бегал, шерифот Бредшо покажа фотографии од нив на прес-конференцијатаФотографија: Joe Raedle/Getty Images/AFP

Бредшо посочи и дека еден од телохранителите на Трамп од Тајната служба го забележал врвот од пушката кој се наѕирал од оградата во моментот кога сакал пеш да го обиколи и контролира теренот за голф. Агентот веднаш отворил оган и испукал четири до шест истрела. Осомничениот потоа го фрлил оружјето и побегнал. Очевидец го забележал бројот на регистарската табличка и го јавил на полицијата.

Трамп: „Добро сум“

Трамп во по инцидентот се јави преку порака со електронска пошта. „Имаше истрели во моја близина, но пред гласините да излезат од контрола, сакам да го слушнете ова прво од мене: на безбедно место сум и добро сум“, пишува тој во мејлот и понатаму наведува дека ништо немало да го спречи и дека „никогаш нема да капитулира“.

Неговиот предизборен тим и од Тајната служба кратко пред тоа веќе објавија дека Трамп е на безбедно. Според тајната служба, инцидентот се случил нешто пред 14:00 часот по локално време. Точните околности долго време останаа неразјаснети. Дури и неколку часа по инцидентот, не се знае дали пукале само телохранителите, или и осомничениот атентатор.

Доналд Трамп
Доналд Трамп со порака: „Добро сум“Фотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Бајден ја пофали Тајната служба

Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис се информирани и дека на двајцата им олеснало што Трамп не е повреден. Бајден ја пофали работата на Тајната служба и посочи дека му наложил на својот тим и натаму да се погрижи Тајната служба да располага „со сите потребни ресурси, способности и мерки за заштита за да ја осигура безбедноста на поранешниот претседател“.

Претседателот исто така нагласи дека  во САД нема место за насилство. „Ми олесна што поранешниот претседател е неповреден. Истрагата за овој инцидент е во тек и органите на прогонот собираат повеќе детали за инцидентот“, посочи Бајден.

Харис: „За насилство нема место во Америка“

Потпретседателката Камала Харис  повика на умереност. „Го осудувам политичкото насилство. Сите ние мора да го дадеме својот придонес за овој инцидент да не доведе до натамошно насилство“, се цитира Харис во соопштение од Белата куќа во Вашингтон. Таа е длабоко вознемирена од можниот обид за атентат врз поранешниот претседател и благодарна што Трамп е добар. На платформата X, Харис напиша: „За насилството нема место во Америка“.

Венс: Трамп „во добро расположение“

Републиканскиот кандидат за потпретседател Џ.Д. Венс напиша на платформата Х дека и нему му олеснало и оти разговарал со Трамп пред да се објави веста за инцидентот. Според него, Трамп е во „добро расположение“.

На 13 јули годинава,  вооружен маж стрелаше врз Трамп на предизборен митинг во Пенсилванија од еден околен покрив.  Трамп беше ранет на десното уво од куршум,  а сторителот набргу беше застрелан од безбедносните сили. Еден посетител загина, а двајца беа повредени во тогашниот обид за атентат.