1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Уставен суд времено ја стопираше етничката графа во изводите

ДТЗ
20 декември 2023

Од денеска па се до донесувањето на конечната одлука, од граѓаните не смеат да се бараат податоци за впишување на националност во изводите за родени, венчани и умрени лица.

https://p.dw.com/p/4aOjq
Уставен суд
Уставен суд ја стопираше графата националност во изводитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Етничката графа во изводите привремено е ставена под мраз. Уставниот суд донесе времена мерка со која од денеска па се до донесувањето на конечната одлука, од граѓаните не смеат да се бараат податоци за впишување на националност во изводите за родени, венчани и умрени лица.

„Судот одлучи да поведе постапка по делови од три члена од Законот за матична евиденција, во кои е содржан зборот националност во изводите за родени, венчани и умрени лица. Судот денеска изрази сомнеж во уставноста на член 4, 11 и член 13 во делот националност. Во следниот период, Уставниот суд ќе оценува дали е уставно, покрај наведените лични податоци, како што се името и презимето, податоците за раѓање и живеалиште, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги“, изјави портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска. 

Приватно чувство 

Според судот, припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува.

изводи документи
Од денеска па се до донесувањето на конечната одлука, од граѓаните не смеат да се бараат податоци за впишување на националност во изводитеза родени, венчани и умрени лица.Фотографија: P. Stojanovski/DW

Уставниот суд смета дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот, односно со владеењето на правото, опфатено во членот 8 алинеа 3, и во членот 18 којшто ја гарантира тајноста на личните податоци. Поради тоа е донесена и времена мерка која важи од деенска, па се до носењето на конечната одлука на судот. 

Подносител на иницијативата е партијата Левица. 

Неколку различни иницијативи 

Пред Уставниот суд изминатиот период имаше неколку различни предмети коишто се однесуваа на етничката графа во изводите. Два од предметите се однесуваа на Упатството за водење на матичните книги, додека третата иницијатива се однесува на делот - националност. 

За Упатството, најпрво Уставниот суд поведе постапка по сопствена иницијатива, бидејќи не беше објавено во рок од 7 дена од моментот на неговото донесување. Овој предмет е завршен, но предизвика низа полемики меѓу Уставниот суд и министерот за правда, Кренар Лога, кој најави дека нема да се откаже од етничките графи во изводите. 

„Со оглед на ваквата одлука на Уставниот суд, вториот предмет на Левица, којшто беше оформен за оценување на уставноста на Упатството е отфрлен, затоа што веќе нема што да се оценува, со оглед на тоа дека Упатството беше укинато“, вели Беловска. 

Упатството за матичните книги, во кое беше додадена графата за националност, беше донесено од министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава. Актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни -  10 дена од истекот на законскиот рок за оваа процедура. Уставниот најпрво донесе времена мерка, а потоа на 27 септември го поништи упатството на Лога.

Експертите и дел од партиите јавно го оспорија упатството, и новата графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени, бидејќи задира во „сензитивните“ заштитени податоци. 

Уставниот суд денеска донесе уште две одлуки за укинување на Правилник и Решение за кои од страна на судот беше оценето дека е пречекорен уставниот рок за објавување во Службен весник, а кои беа оспорени со иницијативи поднесени од страна на министерот за правда Кренар Лога. Со тоа, досега шест прописи се оспорени од страна на судот бидејќи е  „оценето дека е пречекорен уставниот рок за објавување предвиден во член 52 од Уставот”.