1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна во Украина: Зошто Русија неочекувано е неуспешна

Роман Гончаренко
27 декември 2022

Пред инвазијата во Украина, многу експерти очекуваа брза победа на Русија. Но, Москва не може да ја искористи својата супериорност ниту во воздух, ниту на море. Еден од губитниците е Црноморската флота.

https://p.dw.com/p/4LQtG
Соборен руски борбен авион во источна Украина, март 2022 година
Соборен руски борбен авион во источна Украина, март 2022 годинаФотографија: REUTERS

Речиси пред една година кога Русија ја трупаше својата војска долж границата со Украина, многу експерти и политичари на Западот веруваа дека во случај на инвазија, Киев ќе падне за неколку дена. Очигледно такви беа очекувањата и во Русија.

Иако руската војска во првите денови од војната напредуваше до предградието на главниот град, украинската војска ги запре и ги принуди да се повлечат. Погрешни проценки. Рускиот претседател Владимир Путин не го признава ова директно, па од почетокот на декември ја подготвува својата земја на долга војна.

Нема руска превласт ниту во воздушниот простор

Неколку очекувања не се остварија по инвазијата во февруари 2022. Многумина очекуваа дека Русија многу брзо ќе го елиминира украинското воздухопловство и противвоздушната одбрана и така ќе преземе целосна контрола над воздушниот простор.

Причината за оваа претпоставка веројатно се претходните искуства во Украина: во 2014 година кога започна војната во Донбас, а Русија негираше учество во неа, Украина загуби многу авиони и хеликоптери уште во првите неколку месеци и престана да ги користи. Украинското воздухопловство беше практично елиминирано.

Сосем поинаква ситуација од инвазијата во февруари. Извештајот на Министерството за одбрана во Москва од 28 февруари според кој Русија има контрола врз воздушниот простор над цела Украина се покажа погрешен.

Непосредно пред почетокот на војната: рускиот претседател Путин ѝ се обраќа на нацијата преку ТВ (21 февруари 2022 година)
Непосредно пред почетокот на војната: рускиот претседател Путин ѝ се обраќа на нацијата преку ТВ (21 февруари 2022 година)Фотографија: Alexey Nikolsky/Kremlin/SPUTNIK/REUTERS

Точно е дека руското воздухопловство по бројност и технологија очигледно го надминува украинското, но и покрај бројот на ракетни напади на воени аеродроми и борбените дејствија на фронтот, Украина и понатаму има функционални борбени авиони и хеликоптери. Противвоздушната одбрана исто така им сè посилна.

Според украински извори, Русија од почетокот на војната има загубено стотина авиони и хеликоптери. Оваа информација не може да се потврди од независни извори, но и западните тајни служби исто така укажуваат на тоа дека руското воздухопловство има претрпено големи загуби. Оценките се дека дејствуваат само ограничено на линијата на фронтот и веќе не се впуштаат во акции длабоко во внатрешноста. Наместо тоа, Русија сè повеќе користи беспилотни летала и ракети кои украинската противвоздушна одбрана сè поефикасно ги пресретнува. Сето ова Киев го должи на помошта од Западот.

Губитник – Црноморската флота

На море, Русија исто така очигледно е посупериорна од Украина. Москва во 2021 година два пати спроведе вежби - десанти на трупи во анектираниот Крим. Тоа предизвика страв дека Русија ќе започне офанзива кон Одеса и на брегот ќе истовари големи трупи, вклучително и оклопни транспортери. Тоа до сега се нема случено и во експертските кругови веќе не ни сметаат дека е можно вакво сценарио.

„Амфибиско истоварување е многу ризично“, вели за ДВ британскиот експерт Марк де Воре од Универзитетот Сент Ендруз оти според него „тоа бара јасна супериорност во однос на можностите“. За него очигледно е дека Русија барала можност за истовар на трупи и не нашла нешто соодветно, некаква „незаштитена плажа“. На почетокот на инвазијата, Русија трупаше воени бродови околу Одеса. Во тоа време руските трупи успеаја да го заземат малиот, но стратешки важен Змиски остров југозападно од Одеса. Но, кон крајот на јуни, со целни артилериски напади, украинската војска успеа да ги протера руските војници.

Руска воена вежба на Крим, април 2021 година
Руска воена вежба на Крим, април 2021 годинаФотографија: Vadim Savitsky/Russian Defense Ministry Press Service/AP/picture alliance

Руската Црноморска флота до сега се покажа како еден од најголемите губитници во војната. Нејзиниот главен брод, ракетниот крстосувач „Москва“ беше оштетен од украински проектили во април и нешто подоцна потона. Во март, десантниот брод „Саратов“ е погоден со ракета во пристаништето Бердјанск на Азовското море, каде што исто така потона. Резултатот гласи: воените бродови на Црноморската флота се држат на поголема оддалеченост од брегот кој го контролира Киев.

Русите повеќе не се безбедни ниту во базата во Севастопол. Украина со дронови го нападна главниот штаб и бродовите. Но, Црноморската флота е сè уште функционална. Нејзините бродови продолжуваат со напади врз Украина со крстосувачки проектили – од безбедна оддалеченост.

Русија се откажа од поморска блокада на украинските пристаништа. Официјално, за да се овозможи договор за извоз на житарки со посредство на Турција и ОН. По нападот на руските воени бродови кон крајот на октомври, Москва се повлече од спогодбата, па потоа повторно му се врати на договорот. Според Москва, Киев дал „гаранции“ дека Црноморската флота нема да биде напаѓана од определениот „коридор“.

Силна сајбер одбрана благодарение на помошта од Западот

Пред инвазијата се стравуваше дека Русија ќе ја парализира Украина со масовни хакерски напади, бидејќи Украина со години беше изложена на вакви напади. Непосредно пред руската инвазија, на 15 февруари, дојде до жесток хакерски напад кој одговорниот украински министер Михајло Федоров го опиша како „најголем DDoS напад во историјата на Украина.“ DDoS напади се вештачки барања на интернет кои го преоптоваруваат серверот на жртвата. Погодени беа неколку банки и Министерството за одбрана. Еден ден пред инвазијата имаше хакерски напади и врз владини структури и парламентот кои исто така и се припишуваат на Русија. 

Украинската одбрана од сајбер напади функционира многу добро
Украинската одбрана од сајбер напади функционира многу доброФотографија: Janosch Delcker

Но изгледа Киев бил добро подготвен. Следеа и други хакерски напади, но за разлика од претходните години тие беа помалку успешни. Во секој случај, делови од критичната инфраструктура, како што се електричната мрежа, не се нарушени со хакерските туку со ракетни напади.

И во овој случај се исплатеше тоа што Западот со години и помага на Украина да ја зајакне сајбер одбраната. На пример, неколку дена пред инвазијата, ЕУ на барање на Украина и го стави на располагање нејзиниот Тим за брза сајбер одбрана (Ciber Rapid Response Team, CRRT).

Во моментов се чини дека интензитетот на дигиталната војна која и се припишува на Русија се намалува, исто како и на бојното поле. Западните експерти сепак очекуваат зголемување на хакерските напади во зимските месеци.