Путин ги посети руските трупи во Херсон
18 април 2023Рускиот претседател Владимир Путин го посети штабот на армиската група „Днепар“ во областа Херсон, на југот на Украина, соопшти денеска прес-службата на Кремљ, а пренесуваат руските агенции.
„Владимир Путин во штабот на армиската командна група „Днепар“ во областа Херсон, ги сослуша извештаите на командантот на Воздушно-десантните сили, генерал-полковник Михаил Теплински, генерал-полковник Олег Макаревич и на други воени команданти“, пренесува руската новинска агенција Интерфакс.
„Не сакам да го оттргнам вашето внимание од директните должности поврзани со командата и контролата, така што ќе работиме на деловен начин, кусо, но конкретно“, рекол Путин отворајќи ја средбата со командантите. Тој навел дека му е важно да го слушне нивното мислење за ситуацијата и да разменат информации и побарал прво да слушне извештаите за ситуацијата во насока на Херсон, а потоа и за Запорожје.
Во соопштението не се наведува кога Путин го посетил штабот во регионот Херсон. Овој регион се наоѓа на југот на Украина, а Русија најави припојување на тој регион во септември минатата година. Административното седиште на таа област, градот Херсон, е под контрола на украинските сили. Освен тоа Путин го посетил и седиштето на Националната гарда во источниот украински регион Луганск, кој исто така минатата година беше анектиран од Русија.
Путин на крајот на март беше во непланирана посета на Мариупол. Тоа беше прво патување на лидерот на Кремљ на териториите на украинскиот регион Доњецк под руска окупација од почетокот на војната во Украина.
Мариупол, кој падна во руски раце во мај по една од најдолгите и најкрвавите битки во војната, беше првата голема победа на Русија откако не успеа да го освои Киев, а потоа се насочи кон југоисточна Украина.
Возејќи со автомобил, Путин посетил неколку градски населби, застанал и разговарал со жителите.