1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Дали Хамас навистина може да биде целосно „уништен“?

Кетрин Шајер
18 декември 2023

Краткиот одговор, велат аналитичари, е „не“. Долгиот одговор е покомплексен. Воената операција може да ги деградира способностите на групата, но пораз на нејзината идеологија е веројатно невозможен без политичко решение.

https://p.dw.com/p/4aBKA
Борби во Газа: Израел вети дека целосно ќе го елиминира Хамас
Борби во Газа: Израел вети дека целосно ќе го елиминира ХамасФотографија: Toshiyuki Fukushima/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Израелската влада беше јасна. Милитантната група Хамас ќе биде „уништена“, изјавија сите високи членови на владата, вклучувајќи го и премиерот на земјата.

На одредени израелски телевизиски канали редовно се појавуваат слогани како „Заедно ќе победиме“. Но, дали навистина е можно целосно да се елиминира Хамас и да се „победи“ во ваква ситуација?

Краткиот одговор, како што експертите постојано велат, е „не“.

Израел го бомбардира Појасот Газа, дом на повеќе од два милиони Палестинци, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Израел, исто така, започна копнена офанзива во Појасот Газа и ја блокираше испораката на храна, вода и струја во енклавата.

И покрај ова, повеќето аналитичари велат дека нема да биде можно Газа целосно да се ослободи од Хамас, а главната причина е што Хамас е повеќе од обична милитантна организација.

Хамас како социјално движење

Се проценува дека Хамас има од 20.000 до 30.000 борци, изјави неодамна за ДВ Гидо Штајнберг, експерт за Блискиот Исток во германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања. Но, додаде тој, „тоа е и социјално движење со масовна поддршка во Појасот Газа. И тоа е проблемот на долг рок“.

Како што се зголемуваат цивилните жртви во Газа, Израел е под меѓународен притисок подобро да ги дефинира своите цели
Како што се зголемуваат цивилните жртви во Газа, Израел е под меѓународен притисок подобро да ги дефинира своите целиФотографија: Mohammed Dahman/AP Photo/picture alliance

Хамас де факто има контрола на Појасот Газа од 2007 година, а како дел од неговото социјално движење постои социјална мрежа позната како „давах“. Се смета дека оваа цивилна мрежа има меѓу 80.000 и 90.000 членови, вели Штајнберг.

Изреал „би сакал да го искорени Хамас како институција, како политичка, религиозна и културна структура и како воена структура“, вели Рашид Калиди, професор по модерни арапски студии на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

„Мислам дека тие не можат да ги направат првите две работи“, тврди тој. „Без разлика дали ќе ги убијат сите нивни водачи, дали ќе ги убијат сите вооружени милитанти, Хамас ќе остане како политичка сила, дали Израелците ќе ја окупираат Газа или ќе заминат. Така што уништувањето на Хамас како политичка институција, уништувањето на Хамас како идеја, е невозможно.“

Уништување на воениот потенцијал на Хамас

Израел има една од најмоќните војски во светот, рангирана е на 18-то место од 145 земји во 2023 година на Глобал Фајарпауерс годишната листа на вооружени сили. За споредба, Германија се наоѓа на 25-то место. Во меѓувреме, военото крило на Хамас работи повеќе како герилска група и шверцуваше поголем дел од своето оружје во Појасот Газа.

Така, Израел секако има ресурси да го деградира Хамас и да ги лови неговите водачи. Иако бројките не можат независно да се проверат, израелската влада неодамна соопшти дека смета оти убила меѓу 5.000 и 7.000 борци на Хамас.

Ако е вистина, ова може да се смета како делумен успех бидејќи слабеењето на Хамас може да биде најдоброто што може да се очекува. „Некои западни функционери веруваат дека досегашната израелска офанзива, во комбинација со надградената гранична безбедност, се погрижи Хамас да не изврши друг напад како оној од 7 октомври“, напишаа експертите од тинк-тенкот Меѓународна кризна група минатата недела.

По израелското бомбардирање, остана само минарето на една од џамиите во Газа
По израелското бомбардирање, остана само минарето на една од џамиите во ГазаФотографија: Doaa Rouqa/REUTERS

„Како што направи Хамас по конфликтите со Израел во 2009, 2012, 2014 и 2021 година, групата речиси сигурно ќе се вооружи и обнови“, вели Денис Рос, поранешен американски пратеник на Блискиот Исток. Затоа, објасни тој, бил против прекин на огнот додека Хамас не биде отстранет од власт.

Истовремено, многу малку национални војски успеаја одлучно да ги поразат герилските организации во минатото. Израел никогаш не успеа конечно да го победи Хамас, и покрај тоа што уби голем број негови водачи, вклучувајќи ги и двајцата основачи на групата.

Како да се убие идеја?

„[Израелската] војска може да го направи најдоброто што може. Тие би можеле да го елиминираат раководството. Тие можат да уништат капацитети за лансирање ракети“, вели Џастин Крамп, експерт за тероризам кој раководи со Сајбелин Лтд, глобална консултантска компанија за разузнавање и анализа на ризик. „Но, тие нема да ја елиминираат идејата за Хамас“.

Уништувањето на Хамас со воени средства нема смисла, изјави Крамп за ДВ, бидејќи „додека некои жители на Газа се свртуваат против Хамас, другите луѓе во Газа сочувствуваат со Хамас. Тие ќе го презираат Израел поради неговите постапки, а тоа ќе го поттикне циклусот [на насилството] како што секогаш се случуваше - освен ако не дојде до многу голема промена на крајот од ова“.

„Од него ми остана само чевелот“

„По повеќе од два месеца интензивни израелски операции, очигледно е дека искоренувањето на Хамас, дури и како борбена сила, ќе биде голема предизвик и притисокот да се стори тоа ќе го уништи она што остана од Газа“, стои, пак, во заклучоците на извештајот на Меѓународната кризна група (МКГ) објавен во декември.

Според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, над 18.000 луѓе биле убиени од Израел, а над 49.500 повредени за само два месеца; се проценува дека 61 отсто од убиените се цивили, според анализата на Јагил Леви, професор по социологија на Отворениот универзитет во Израел, цитирана од израелскиот весник Хаарец. Повеќе од половина од сите згради во Газа се уништени, а 90% од населението сега е раселено.

„Нетанјаху тврди дека уништувањето на Хамас ќе овозможи 'дерадикализација' на Газа, но поверојатно е спротивното“, напишаа експертите на МКГ. „Кампањата што е во тек и нејзините последици ќе произведат нови, можеби уште потврдокорни форми на милитантност.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик