1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна на Блискиот Исток: Нови напади и јасни зборови

Тагесшау
3 октомври 2024

Продолжуваат меѓусебните ракетни напади меѓу Израел и Хезболах. Во Советот за безбедност на ОН, шефот на организацијата, Гутереш, со јасна порака за Иран, а американскиот претседател Бајден со јасна порака за Израел.

https://p.dw.com/p/4lN6U
Либан | уништување по израелски напад врз Бејрут
Човек среде урнатини по израелски напад на јужните предградија на Бејрут (3.10.2024)Фотографија: -/AFP

По повторните гранатирања на северот на земјата, израелската армија продолжи со напади врз милитантите од Хезболах во Либан. Повторно мета беа и станбени области во главниот град Бејрут, кој се наоѓа во центарот на земјата. Израелската армија јави за „прецизен“ напад таму доцна вчеравечер (2.10). Според властите, убиени биле најмалку шест лица.

Според податоци на либанското Министерство за здравство од средата вечерта (2.10), во израелските напади во различни делови на земјата во рок од 24 часа биле убиени 46 лица, а 85 се повредени. Од кругови на Хезболах се соопштува дека Израел во средата вечер извршил три напади врз јужни предградија на либанската престолнина. Станува збор за трета серија израелски напади во изминатите 24 часа врз упориштето на проиранската исламистичка милиција.

Израелската армија претходно го повика на евакуација населението во делови од југот на главниот град Бејрут. „Тие се наоѓаат во близина на објекти (...) кои се поврзуваат со Хезболах и против кои израелската армија во блиска иднина ќе преземе дејствија“, напиша портпаролот на армијата Авикај Адрае на платформата Х наведувајќи ги населбите Харет Хреик, Бурџ ал-Бараџне и Хадат Гарб.

Странците го напуштаат Либан

Сѐ повеќе земји ги повлекуваат своите граѓани од Либан. Според Стејт департментот во Вашингтон, околу 100 Американци и членови на нивните семејства ја напуштиле земјата. Тие биле изнесени од Либан со лет договорен со комерцијална авиокомпанија. Бундесверот, исто така, евакуирал 130 германски државјани преку аеродромот во Бејрут. Германците кои особено биле изложени на ризик, се пренесени со Ербас А330 од мултинационалната единица за воздушен транспорт ММУ (Multinational Multi Role Tanker Transport Unit), соопштија од Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана во Берлин. Авионот синоќа слетал во Франкфурт. Досега вкупно 241 лица го напуштиле Либан со авиони на Бундесверот, наведуваат од двете министерства.

Либан | евакуација
Сѐ повеќе земји ги повлекуваат своите граѓани од ЛибанФотографија: Houssam Shbaro/Anadolu/picture alliance

Загриженост од поширока војна

Австралиската влада резервираше 500 седишта во комерцијални летови од Либан за австралиски државјани, со постојано живеалиште во Либан, како и за нивните семејства. Министерката за надворешни работи Пени Вонг соопшти дека тие во сабота треба да ја напуштат земјата и дека на располагање има места за 1.700 Австралијци и нивните семејства за кои се знае дека се наоѓаат во Либан.

Израел во моментов врши масовни воздушни напади против милитантите на Хезболах во Либан, кои уживаат поддршка од Иран. На терен се користат и копнени трупи. Според израелската војска, од почетокот на борбите се загинати осум израелски војници.

Откако Иран активно интервенираше во конфликтот во вторникот и лансираше голем број ракети кон Израел, се зголемуваат стравувањата од сеопфатна регионална војна. Израел му се закани на Иран со одмазда. Како мета се споменуваат и иранските нуклеарни постројки.

Иран атомска постројка Натанс
Центрифуги во атомската централа НатансФотографија: picture alliance/dpa/Islamic Republic Iran Broadcasting/AP

Бајден против израелски напади врз атомски постројки

САД како најважен сојузник на Израел, сепак јасно се изјаснија против напади врз нуклеарни постројки. „Одговорот е не“, рече американскиот претседател Џо Бајден во одговор на новинарско прашање. Но, Израел има право да одговори на нападот на Иран, оцени Бајден, кој се заложи за внимателно одмерување на реакцијата на иранскиот ракетен напад од вторникот.

Во Советот за безбедност на ОН, САД на Техеран му префрлаат дека има удел во вината за ескалацијата на кризата во Газа и во Либан. Иран, според САД, бил вмешан во терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври мината година, преку финансирање и обука на милитантното крило на групата, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд на вонредниот состанок на највисокото тело на ОН.

САД | Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден се заложи за внимателно одмерување на израелската реакција на иранскиот ракетен напад од вторникотФотографија: AFP via Getty Images

Првиот човек на ОН бара прекин на огнот

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш уште еднаш ги повика страните во блискоисточниот конфликт на прекин на огнот. „Оваа смртоносна спирала на меѓусебно насилство мора да заврши. Времето ни истекува“, предупреди Гутереш. Тој не се осврна директно на фактот дека Израел претходно го прогласи за „непожелна личност“ и тоа го оправда, меѓу другото, со фактот дека генералниот секретар не го осудил децидно иранскиот ракетен напад. Обединетите нации наводите ги отфрлија како „политичка изјава“ и ги оквалификуваа како постапување без преседан.

Американската влада, исто така, го критикуваше потегот на Израел како неконструктивен. „Овој чекор не го сметаме за полезен на каков било начин“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.

Гутереш во Советот за безбедност повторно го осуди иранскиот напади притоа експлицитно го спомена Иран. „Како што требаше да биде јасно уште во контекст на мојата вчерашна осуда, уште еднаш најостро го осудувам големиот ракетен напад на Иран врз Израел“, потенцираше тој.