1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во кои земји во Европа е дозволено двојно државјанство?

Астрид Пранге
17 декември 2022

Германија планира реформа на законот за доселување и промени во делот на двојното државјанство. Во земјата повторно се дебатира и полемизира. Како другите земји во Европа го имаат решено ова прашање?

https://p.dw.com/p/4KIGR
Дали наскоро ќе биде можно да се имаат двата пасоша?
Дали наскоро ќе биде можно да се имаат двата пасоша?Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPHOTO

Два пасоша, брз процес на добивање државјанство и златни визи: Според истражувањето на ДВ, двојното или повеќекратното државјанство веќе е дел од секојдневието во повеќето европски земји. Со планираната реформа на законот за државјанство,Германија го следи овој тренд.

Само неколку земји сè уште избегнуваат или забрануваат двојно државјанство. Покрај Германија, во групата земји каде се постапува рестриктивно се и Украина, Холандија, Австрија, Естонија, Бугарија, Шпанија, Норвешка, Латвија и Литванија.

Наспроти тоа, за некои земји изгледите за дополнително државјанство претставуваат дури и бизнис модел. Грција, Турција, Португалија и Малта, меѓу другите, нудат таканареченизлатни визи. Тие предвидуваат државјанство за луѓе кои инвестираат во недвижен имот, инвестираат капитал или основаат компании во земјата.

Трка со пречки

Патот до државјанство во европските земји е регулиран различно. Поради зголемената миграција и бегалските бранови ширум светот, зголемувањето на бинационалните бракови и големиот недостиг од квалификувани работници, многу европски земји од почетокот на новиот милениум ги ревидираа законите за државјанство.

Додека кај децата државјанството го одредуваат и потеклото и местото на раѓање, прописите за возрасните доселеници се структурирани поинаку. Пречките за државјанство, на пример, се релативно ниски во Франција, Велика Британија, Португалија, Полска, Шведска, Финска и Белгија.

Таму имигрантите можат да аплицираат за пасош по пет години легален и непрекинат престој во земјата. Ако живеат со брачен другар, рокот се намалува на три години. Тие по добивањето второ државјанство можат да си го задржат и своето првобитно државјанство.

Во земји како Швајцарија, Австрија, Италија, Шпанија, Бугарија, Чешка и Словенија, доселениците мора да живеат континуирано и легално во земјата најмалку десет години за да можат да аплицираат за државјанство. Помеѓу се земји како Ирска, Унгарија, Романија и Словачка, каде се потребни осум години. Во Данска пак рокот е девет години.

Купи куќа, добиј виза за Европа

„Да се овозможи повеќекратно државјанство“

Со планираната реформа на законот за државјанство, Германија би се приклучила на групата земји кои се залагаат за низок праг на условите за доделувањето на државјанство. Според информации на Министерство за внатрешни работи, новиот закон за државјанство треба „да овозможи повеќекратно државјанствои да го поедностави стекнувањето германско државјанство“.

Ова исто така би значело дека германските граѓани кои аплицираат за второ државјанство од лични или професионални причини, на пример ако живеат во странство, веќе нема да мора да се откажуваат од германското државјанство или да поднесуваат барање за задржување. Исто така, би било можно турските граѓани кои стекнале германско државјанство повторно да аплицираат за нивниот турски пасош.

Адвокатот и експерт за миграција Унал Зеран, смета дека реформа е одамна неопоходна: „За мене, поради принципот на еднаков третман, императив е да се воведе повеќекратно државјанство“, вели тој за ДВ. „Многу турски семејства кои живеат и работат овде 40 години се чувствуваат дискриминирани бидејќи оваа опција е веќе отворена за многу луѓе, но не и за нив.“

Во Германија веќе постојат неколку начини покрај германското да се има уште едно државјанство. На граѓаните на ЕУ им е дозволено да го задржат своето државјанство. Децата на странски родители кои се родени во Германија веќе не мора да се одлучуваат за еден пасош до 22-та година од животот. Многумина, вклучително и голем број бегалци, можат да го задржат својот пасош и поради тоа што нивната земја на потекло не ги отпушта од државјанство.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, предлог-законот за реформа на регулативата за државјанство сѐ уште се координира интерно, помеѓу различни министерства. Сѐ уште не е јасно кога конечниот нацрт ќе биде доставен на гласање во Бундестагот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема