1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија има само 579 бункери за народот

Немања Рујевиќ | АРД
7 октомври 2023

Во Германија речиси и да нема веќе функционални засолништа за случај на војна, стои во еден извештај на германската влада. Дали сега би требало да се градат нови бункери? Експерите велат дека тоа би бил погрешен пристап.

https://p.dw.com/p/4UrXt
Поранешниот бункер на Бундесбанката сега е музеј
Поранешниот бункер на Бундесбанката сега е музејФотографија: Ina Fassbender/AFP

Денес е тешко да се пронајде бункер во Германија, освен како музеј. Најпознатиот се наоѓа во долината на реката Ар.

Од 1971 година, за време на Студената војна имало речиси 900 канцеларии и повеќе од 930 спални соби подготвени за германската влада – во бункер. Меѓутоа, тој никогаш не бил употребен, а посетителите денес можат да шетаат во „Документацискиот центар на Владиниот бункер”, како што сега се нарекува.

По завршувањето на Студената војна, заклучено е дека засолништата веќе не се потребни. Од 2007 година на сила е одлуката на сојузната и покраинските влади веќе да не ги одржуваат засолништата, туку постепено да ги отстрануваат или да ги преуредуваат.

Така, некои од повисоките бункери се претворени во станбени згради, а длабоките бункери - во гаражи. Други пак едноставно се оставени на забот на времето.

Само на подрачјето од градот Есен порано постоеле оклу 1.300 скривници, од кои повеќето се затворени. Ниту еден бункер во градот веќе не е функционален. Бункер во Менхенгладбах, кој бил изграден кон крајот на шеесеттите години, денес се користи како јавна гаража, додека еден бункер од Втората светска војна служи како уметничка галерија.

Просторијата наменета за канцеларот во огромниот Владин бункер во долината на реката Ар
Ова е просторијата наменета за канцеларот во џиновскиот Владин бункер во долината на реката АрФотографија: picture alliance/dpa

Само третина од бункерите се функционални

Рускиот напад на Украина повторно го сврте вниманието кон цивилната заштита - повторно започна дебатата за бункерите. Сојузната влада го спречи затворањето на бункерите и нареди проценка на состојбата. По повеќе од една година, Сојузната агенција за државен имот објави извештај за состојбата.

Според него, во Германија актуелно постојат 579 јавни засолништа, со вкупен капацитет за околу 480 илјади луѓе. Тоа е доволно да се заштити половина процент од населението во државата.

Како што пред неколку недели прв пренесе порталот „Виртшафтсвохе”, сојузните власти знаеле дека бројот на бункери е мизерен, но конкретната бројка е уште помала од очекуваната.

Порталот наведува дека кога била кулминацијата на Студената војна, Германија имала околу две илјади бункери за 2,3 милиони лица.

Бројот на бункерите во комунистичка Источна Германија никогаш прецизно не бил утврден затоа што сојузните власти не ја презеле грижата за нив по обединувањето.

Но, и малкуте бункери кои не се претворени во гаражи и музеи, не се редовно одржувани.

„Во принцип е изводливо“ повторно да се стават во функција, наведува Сојузната агенција, но времето и трошоците зависат од нивото на заштита која треба да ја пружаат скривниците - од заштита од урнатини до одбрана од нуклеарна опасност.

Поранешен бункер во Берлин - сега тука има железничка станица
Стрелките укажуваат на поранешен бункер во Берлин - сега тука има железничка станицаФотографија: Karl-Heinz Spremberg/Chromorange/picture alliance

Дали на Германија воопшто ѝ требаат бункери?

Но, дали воопшто е корисно повторно да се активираат или градат нови бункери? Михаел Фос, професор за истражување на кризи и катастрофи на Слободниот универзитет во Берлин се сомнева во тоа.

„Расправата за бункерите е само димна завеса“, критикува тој. Иако е пожелно да се има бункери, државата не одвојува доволно средства за таа намена. „Со оглед на ограничените финансиски средства, нив можеме поефикасно да ги искористиме за цивилна заштита отколку за изградба на бункери”, вели Фос.

Како пример ги наведува сирените за опасност кои денес функционираат насекаде како што треба. За таквите недостатоци се зборуваше и за време на големите поплави на западот на Германија пред две години, кога настрадаа околу двесте луѓе. Многумина не биле предупредени навреме.

Спас од нуклеарна војна

Сојузниот завод за заштита на населението и помош при катастрофи исто така предупредува дека „изградбата на нови бункери со многу големо ниво на заштита чини многу пари и пред сѐ бара многу време”, изјави минатата година за „Тагесшпигел“ раководителот на заводот, Ралф Тизлер.

Тој смета дека ако веќе мора да има засолништа, тогаш за таа намена да се користат подземните станици на метрото или пак подземните гаражи.

Стручњакот за кризни ситуции и катастрофи Фос забележува дека општеството веќе нема свест за цивилната заштита. „Потребна е општествена дебата за тоа што всушност значи цивилната заштита. Тоа е основата на сѐ друго”, вели тој.

Според него, дебатата околу бункерите го одвлекува вниманието од тоа основно прашање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема