1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глигоров: „Зошто се распаѓаат земјите-случајот Југославија“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
5 август 2024

Проблематизирањето на Преспанскиот договор од највисокиот врв само ги зајакнува надежите на некои „балкански играчи“, кои сметаат дека македонското прашање уште не е дефинитивно решено. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4j6mT
Поранешна Југославија
Владимир Глигоров - „Зошто се распаѓаат земјите - случајот Југославија“ Фотографија: Andrej Isakovic/Getty Images/AFP

Пред  триесет години, 1994, Владимир Глигоров (1945-2022), ја објави студијата, „Зошто се распаѓаат земјите - случајот Југославија“. Ја пишуваше во Упсала, каде во 1992 беше емигрирал од Белград. 1994 беше времето на двете големи војни, во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Владимир Глигоров, синот на претседателот Киро Глигоров, почина во октомври 2022 во Виена, каде што од 1994 работеше во Виенскиот институт за меѓународни економски студии. По повод неговата смрт, Марио Холцнер, директорот на институтот, го нарече Глигоров „интелектуален гигант“.  Ерудицијата на Владимир Глигоров беше навистина гигантска, затоа што освен неговата специјалност, политичката економија, таа обеднуваше уште неколку области, од филозофијата и политичката теорија до литературата и филмот. 

По дваесет години, согледувањата во оваа книга  се релевантни и за сегашниот момент, затоа што состојбата во многу од  државите настанати  по распадот на Југославија е уште нестабилна.  Во таа смисла, во анализата на распадот на Југославија Глигоров опишува еден политички и историски процес кој не е ниту минато, ниту завршен. Што значи, дека тој може и да се повтори. На сериозна размисла поттикнува тоа што Глигоров еден од факторите за распадот на Југославија го гледа во  „приоритетот кој бившите југословенски народи и‘ го даваа на  етничката правда,  поставувајќи ја над индивидуалните слободи и права“. Ова  поттикнува на   сериозна размисла, бидејќи тој приоритет, на пример, стана принцип во македонската политика. Понатаму Глигоров смета дека двата доминантни народи во Југославија, Србите и Хрватите, биле непомирливи во својот стремеж за независна етничка држава, што било  долгорочната стратегија  и на Србите и на Хрватите. Југословенската криза била комбинација од два конфликта, од кои едниот бил „централно-европски“ (српско-хрватското раздвојување), а другиот балкански. За првиот конфликт била неопходна Југославија, па затоа тој сега бил завршен. За вториот, кој произлегувал од „незавршените прашања“ од минатите балкански војни, не била неопходна Југославија. Тоа, пак, невестува дека тој конфликт може да се активира и кога нема да има ниту трага од Југославија.

„Балканизација во недоглед"

За разбирањето на актуелните предизвици околу и во Македонија е многу важно тоа, на што тој укажува во  поглавјето, „Балканизација, теоријата на уставниот слом“. Со   распадот на Југославија започнал процесот на „балканизација“ кој бил карактеристичен за  обидите на балканските народи во минатото да создадат „независни државички“. Долго се верувало, особено во Југославија, дека тој процес на „балканизација" ќе заврши со конечното  самоопределување на балканските народи. „Меѓутоа, гледајќи наназад, може да се рече дека балканизацијата трае се‘ до денес, кога се одигрува уште една рунда на крахот на власта, пропратена   со граѓански и меѓудржавни војни“, заклучува Глигоров во 1994-та. Јас би рекла, овој заклучок кажува многу и за состојбата во 2024.

Во својата  резигнирачка поента  на крајот на книгата Глигоров пишува дека „заради тоа процесот на балканизацијата ќе се одвива во недоглед. Лично не  гледам начин овој регион да се стабилизира, а за почитувањето на човековите права и демократијата и да не зборувам. Дури и кога Србија би се свртила кон демократија, дури и кога останатите држави  би го пригушиле својот национализам, проблемот нема да биде решен. Тешко може да се замисли стабилноста на овој регион. Најмногу на што може да се надеваме е да престанат судирите и да започне долготрајниот процес на политичка еманципација. Меѓутоа, поголеми се изгледите  дека  резултатот ќе биде создавањето на национални држави  и региони во кои нема да владеат законите - состојбата на перманентна нестабилност." За жал, резигнацијата  на Глигоров ја потврдува   актуелната состојба во остатокот од Балканот кој не е во ЕУ, кого таа во меѓувреме го нарече „Западен Балкан“. Не само во Македонија, туку и во останатите земји од регионот, „состојбата на перманентна нестабилност“ е  најстабилниот фактор.

Владимир Глигоров
Владимир Глигоров од 1994 работеше во Виенскиот институт за меѓународни економски студииФотографија: privat

Читајќи ја книгава, си помислив  дека и на ЕУ-аналитичарите мора да им е јасно дека „балканизацијата“ во преостантиот дел  од  поранешна Југославија ќе  трае „до недоглед“. Можеби затоа не им се брза со проширувањето на ЕУ со Западен Балкан. Еуфоријата како да  заврши со приемот на Хрватска, а за другите како да се чека,  за да се види кој ќе биде  конечниот  исход од процесот на балканизација, иако декларативно се истакнува  неопходноста на проширувањето. Тоа  важи и за односот на ЕУ кон Македонија, која, според Глигоров,  ја „претставува суштината на  сите конфликти на Балканот“. Бидејќи, доколку ЕУ е свесна за клучната улога на Македонија во конечното надминување на процесот на балканизацијата, тогаш  може да се очекува таа да направи се‘, за  да ја прими  Македонија во ЕУ во најкус рок. Секако, тоа би било можно да немаше членки на ЕУ од оној ист Балкан, кој два века продуцира „балканизација“, како резултат на своите „недовршени“  планови од минатите војни за својата етничка големина. Во таа смисла,  бугарското вето  е во „хармонија“ со новоразбудениот културен империјализам и со историскиот реаваншизам во Источна Европа и  во Русија.  

Истакнување на етничкиот фактор

Доколку  македонските политичари би биле свесни за  сево ова, секој од нив би требало барем еднаш да ја прочита  оваа  книга на Владимир Глигоров.  Ми се чини дека сознанијата изложени во неа се  многу значајни токму за сложената етничка мапа во  Македонија. Особено во овој политички миг, кога со смената на власта во политичката реторика многу агресивно е истакнат етничкиот фактор кај двете најголеми етнички заедници. И тоа  во една многу сложена геостратешка констелација во Источна Европа. Владимир Глигоров истакнува дека македонското прашање ќе постои уште долго.

Поранешна Југославија
Југославија се распадна откако падна Берлинскиот ѕид, што ги зајакна  стремежите за етничка независност, затоа што во цела Источна Европа  се „мешаа картите“ за нова рундаФотографија: Savo Prelevic/Getty Images/AFP

Ми се чини дека токму ова сознание бара од денешните политичари голема мудрост и во внатрешната и во надворешната политика. Кокетирањето со правото на самоопределување во однос на државното име, зборува само за недостиг  од државничка мудрост.  На тие политичари не им е јасно дека  со Преспанскиот договор  се надминува спорот кој произлезе од тоа што за Владимир Глигоров   е суштината на македонскиот проблем. Според него, во оптиката на соседите Македонија  била „спорна територија".  Проблематизирањето на Преспанскиот договор  од највисокиоит врв, како право на самоопределување, само ги зајакнува надежите на некои „балкански играчи“,  кои сметаат дека македонското прашање, што  значи,  постоењето на македонската држава,   уште не е дефинитивно решено. Бидејќи уште важи тоа што Глигоров го напиша пред дваесет години за деструктивниот процес на балканизација, имено, дека тој понекогаш се храни од  „продолжената политичка празнина“. Тој вели дека таа празнина може да се опише на различни начини, но него го интересира „невозможноста на создавање одржлива држава“. Не е ли ова токму таа агонија на Македонија, која воопшто не зависи од тоа кое е името на државата, затоа што уште многумина се прашуваат дали македонската држава е одржлива во подолг рок?

Да потсетиме, Југославија се распадна откако падна Берлинскиот ѕид, што ги зајакна  стремежите за етничка независност, затоа што во цела Источна Европа  се „мешаа картите“ за нова рунда.  Откако денес Русија го „премина рубиконот“  со  војната  против Украина, се чини дека  и во постјугословенските држави војните за прекројување на граници на етничките држави пак станаа атрактивни. Македонија потсетува на Југославија, иако не е федерација, затоа што, како и во Југославија, во неа  живеат  повеќе  етнички  заедници, но доминантни се Македонците и Албанците. Глигоров истакнува дека во ситуацијата пред распадот на Југославија политичко-етничките приоритети доминирале над економските. Треба да не‘ замисли, зошто денес во  македонската политика повеќе се зборува за повредената национална гордост, а не за брзото остварување на  политичките и  стопанските реформи, кои се приоритет во  пристапниот процес  на Македонија во ЕУ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.