1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ванделт: Германските инвестиции ќе продолжат да растат

БГ
23 октомври 2023

Северна Македонија има голем потенцијал за економски развој и сметам дека сега е моментот кога треба да се позиционира како пазар, вели во разговор за ДВ директорката на германската стопанска комора, Антје Ванделт

https://p.dw.com/p/4Xmo6
Антје Вандел
Антје Вандел, директорка на Делегацијата на Германската стопанска комора во Северна МакедонијаФотографија: Andrej Ginovski/AHK Nordmazedonien

ДВ: Госпоѓо Ванделт, следната недела во Скопје започнува вториот SUBEX- Suppliers Balkan Expo, платформа која треба да ја подобри соработката меѓу компании од Германија, ЕУ и регионот на Југоисточна Европа. Што конкретно очекувате од овој настан? 

Ванделт: АХК Северна Македонија во 2022 прв пат во Скопје го организиравме Suppliers Balkan Expo, настан кој во Скопје привлече голем број на компании од Германија, ЕУ и регионот. Оваа година на 25 и 26 октомври очекуваме повеќе од 400 учесници за кои подготвивме 7 панели, саем на кој ќе се претстават повеќе од 30 компании изложувачи, како и саем за вработување и кариера.

Целта на овој настан е Западен Балкан уште поинтензивно да го позиционираме како пазар за инвестирање, но и да ги поврземе компаниите добавувачи од Северна Македонија и регионот со компании купувачи од Германија, други држави на ЕУ и регионот. 

Оваа година  очекуваме повеќе од 250 Б2Б состаноци.

Оваа година на SUBEX интензивно ќе се дискутира на теми кои се стратегиски предизвици како редефинирање на синџирите на снабдување, nearshoring, дигитална трансформација и одржлив развој во стопанството. 

ДВ: Уште од пандемијата на коронавирусот, која имаше многу негативни ефекти врз синџирите на снабдување во Европа, се зборува за релокација на производството, особено на германските фирми, од Азија во Европа. Досега, сепак, не видовме некое големо помрднување во таа насока. Зошто? 

Кога зборуваме за префрлање на производство, мојот впечаток е дека пред се станува збор за префрлање на производните капацитети од Украина, како последица на војната во Украина, но и на енергетска криза која ја погоди Европа.

Може да заклучиме дека во изминатите две години германските компании значајно ги имаат зголемено своите инвестиции во земјата. Трендот на зголемување на инвестициите ќе продолжи и во следните години.

Германската инвестиција Кромберт и Шуберт во својата фабрика во Битола вработува 5.300 лица, а планира во тековната година со отпочнувањето на нов проект само таму одговори дополнителни 800 работни места.

Исто така Кромберт и Шуберт ја отвори својата втора фабрика во Илинден во Скопје, каде во моментов се вработени 1.900 лица, но регрутирањето е во тек, планирани се вкупно 2.500 вработувања.

Костал во Охрид, кога ја стартувал својата инвестиција планот бил да се вработи максимално 800 лица, сега Костал вработува 1.000 лица, а со отпочнувањето на нов проект ќе отвори уште 250 нови работни места. 

Антје Ванделт
Ванделт: Работната култура и етика кај македонскиот народ е мошне високаФотографија: Boris Georgievski/DW

Германската ОДВ електрик исто така во Охрид, својата првична инвестиција ја започна со 10 работни места, во моментов вработува 970 лица. Откога започна војната во Украина ОДВ во Охрид презема голем дел од производството и за тие потреби отвори за кратко време уште 300 работни места. Со тоа инвестиција на ОДВ се зголеми за 3 милини евра.

Во изминативе две години драстично се зголемија и инвестициите на германските инвеститори Киел, Ипроткс, Гересхемер, Дрекслермајер.

Тука би сакал да ја споменам и нова германска инвестиција БМЗ, која планира да вработи 750 лица во зоната во Скопје. 

ДВ: Германските фирми во С. Македонија со години ги имаат истите поплаки: корупција и недостаток на работна сила. Се промени ли нешто на таа тема во последнава година? 

Темата за недостиг на стручен кадар е глобален проблем со кој не се соочува само Северна Македонија,  но може да заклучиме дека  од страна на германските инвеститори кои учествуваат на анкетата за оценка на деловната клима во земјата која ја спроведува нашата канцеларија, квалификациите и мотивација  на стручните кадри се оценети со добри оценки.

Во изминатите месеци мојот впечаток е дека темата корупција повторно поинтензивно се тематизира, се надевам дека ќе се преземаат мерки, што поскоро да се стабилизира ова прашање. Сметам дека Северна Македонија има голем потенцијал за економски развој и сметам дека сега е моментот кога треба да се позиционира како пазар, додека темата редефинирање на синџирите на снабдување во Европа е во фокусот на Германија.

ДВ: Северна Македонија, но и другите земји од соседството, со години се рекламираат пред странските инвеститори како земји со ниски плати и даноци. Но, дали е тоа доволно за германските фирми во поголем број да дојдат во земјата или регионот?

Не може да се направи поделба, на крајот сите овие 4 фактори играат улога при носењето на одлука за инвестирањето, но не се само овие фактори, како што кажав логистичката поврзаност со Германија, инфраструктурата, цената на енергија, програмите за финансиска поддршка која ја доделува Владата, достапноста на стручна работна сила. Исто така Северна Македонија може да се пофали и со тоа дека е мошне безбедна земја во однос на криминалот, а и работната култура и етика кај македонскиот народ е мошне висока. Ова е важен фактор за германските инвеститори.

Тука говорам од нашето последно искуство, кога во септември заедно со ТИРЗ организиравме тркалезна маса пред потенцијални германски инвеститори во германската комора во Франкфурт.  Присуствуваа повеќе од 25 компании, кои поставува бројни прашања за пазарот, најмногу ги интересираше логистичката поврзаност со Германија, инфраструктурата, цената на енергија, програмите за финансиска поддршка која ја доделува Владата, достапноста на стручна работна сила, висината на даноците.

ДВ: Постојано читаме за недостаток на работна сила во Германија, во речиси сите сфери. Во истовреме гледаме дека и германските компании во Македонија, но не само тие, имаат проблем да најдат и да ги задржат работниците. Кои мерки ги презема АХК Северна Македонија за да се надминат барем делумно предизвиците со кои се соочува стопанството, да се задржи стручниот кадар во земјата?

На германските инвеститори се гледа како на локомотива која ја предвои македонската економија, но може да заклучиме дека тие се и најголемите работодавачи во земјата. Според анкетите кои ги спроведуваме тие се оценуваат како атрактивни работодавачи. Ние како АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори во странство сме во постојан дијалог со германските инвеститори. Пред седум години  ја препознавме потребата за воведување на дуално стручно образование по германски терк во македонската образовна програма. Наидовме на поддршка од германското Министерство за економија и клима кое финансиски го поддржуваше овој проект. Во меѓувреме 15 компании се наши партнери, како германски, така и македонски, но и други интернационални компании го сметаат германскиот модел како инвестиција за успех. Програмата ја спроведуваме во седум градови во 7 училишта. Повеќе од 400 ученици се моментално дел од програма за дуално стручно образование по германски терк. Со оглед на важноста на оваа тема, оваа година вториот ден од SUBEX целосно е посветен на оваа тема. Ќе се одржи саем за вработување и кариера во соработка со Гете институт, а засега се регистрирани 30 компании изложувачи и 400 ученици и млади професионалци кои ќе имаат можност навремено да се информираат кои професии сега и во иднина ќе бидат барани на пазарот на трудот пред да се определат за својата идна професија. 

Антје Ванделт ја предводи Делегацијата на АХК Северна Македонија, дел од германските стопански комори во странство. Функцијата во Скопје ја презема на 15 мај 2023 година. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи