Ураганот „Ијан“ се ближи кон Јужна Каролина
30 септември 2022Уште пред пристигнувањето на ураганот „Ијан“ до Јужна Каролина, американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава на источниот брег на САД.
Потегот на претседателот Бајден е во насока на овозможување поголема и поокоординирана помош на федералните власти и локалните служби во спасувачките активности и пружањето помош на населението, соопшти доцна синоќа претставник на Белата куќа.
Ураганот „Ијан“ се наоѓа кратко пред брегот на Јужна Каролина и се очекува неговиот удар да следи во текот на денот. Ураганот добива дополнително на сила, произлегува од најновите извештаи од Националниот центар за урагани од утрово. Максималната брзина на ветрот изнесувала до 140 километри на час, што одговара на единица на скалата за категоризација на урагани. Претходно „Ијан“ ја погоди американската сојузна држава Флорида како ураган од четврта категорија со ветар до 240 километри на час. „Ијан“ остави траги од пустош и поплави на Флорида. Локалните власти се воздржани во објавувањето на бројот на веројатни жртви, но се без дилема дека „Ијан“ однесе и човечки животи.
Американскиот претседател Џо Бајден изрече мрачни стравувања: „Ова може да значи најсмртоносен ураган во историјата на Флорида.“