Уништувањето на Дрезден: Војна, пропаганда, сведоци
13 февруари 2025Некои од најживописните описи на воздушните напади на Дрезден на 13 и 14 февруари 1945 година му ги должиме на Виктор Клемперер. Романистот и лингвист Клемперер во своите познати дневници вака го има опишано инферното:
„Многу брзо можеше да се слушне сè подлабокото и погласното брмчење на ескадрилите што се приближуваа, светлата се изгаснаа, пад во близина... пауза за да се земе здив, луѓето клечеа меѓу столовите, од некои групи се слушаа лелек и плач – ново доаѓање, ново приближување на смртната опасност, нов удар. Не знам колку често тоа се повторуваше."
Дневниците на Виктор Клемперер се во библиотеката
Клемперер, Евреин кој го прифатил христијанството, имал среќа во трагедијата со околу 25.000 загинати. Да не било тоа, нацистите ќе го депортирале во логор, како и многу милиони луѓе пред него. Кон уништувањето на Дрезден пред 80 години може да се пристапи и вака, од лична перспектива на Клемперер. Оригиналите на неговите историски значајни дневници за нацистичката ера од 1933 до 1945 година сега се чуваат во Саксонската покраинска и универзитетска библиотека Дрезден (СЛУБ).
Судбината на овој град, кој сè уште е убав и покрај многуте воени лузни, е учебнички пример за тоа како намерно се создаваат легенди и митови. И се покажува колку е тешко да се бориш против нив – колку и да се тие лажни и измамнички. Да, воздушните напади на сојузниците на 13 и 14 февруари 1945 година, толку блиску до крајот на Втората светска војна, се под знак прашалник од воен аспект. Но не, целното бомбардирање, кое донесе многу страдање и на невини луѓе, не менува ништо во делот на воената вина на Германскиот Рајх под Адолф Хитлер.
Мисли за смртта во часовите на најголема нужда
Тоа што Клемперер преживеал била чиста среќа. Но, тој на својот дневник му ги има доверено и мислите за смртта:
„Пред мене имаше голем отворен простор, во средината имаше огромен кратер. Падови, осветленост, удари. Ништо не мислев, не се ни плашев, во мене имаше само огромна напнатост, мислам дека го чекав крајот."
А на друго место пишува:
„Не можев да ги разликувам деталите, насекаде гледав само пламен, ја слушнав вревата од пукањето и бурата, чувствував страшната внатрешна напнатост."
Непоправливите десни екстремисти и антисемити сепак ќе останат нетрогнати од ваквите длабоко човечки сведоштва на еден преживеан. Особено што потекнуваат од некој кој нацистите го принудиле да ја носи жолтата Давидова ѕвезда. Денешните нацисти се занимаваат со негирање на историјата и култот на жртва. Затоа тие ги прифаќаат лагите на луѓето кои се нивни злосторнички примери и брборат за половина милион мртви.
Комисијата на историчари ги побива лажните бројки
Тие ги игнорираат фактите, како проверливите наоди на научници како Томас Видера од Институтот за истражување на тоталитаризмот Хана Арент во Дрезден (ХАИТ). Тој беше член на комисијата на историчари која во 2010 година, по петгодишно истражување и следење, го утврди бројот на жртвите: најмалку 18.000, најмногу 25.000. Со прецизното проучување на досиејата и опсежно тестирање на материјалите сите поинакви тврдења може да се префрлат во царството на бајките. Видера, во разговор со ДВ, како пример ги наведува шпекулациите за неколку стотици илјади нерегистрирани бегалци меѓу мртвите.
Неточно е и тврдењето дека во огнената бура имало температура до 2000 степени и дека е можно без трага да изгореле десетици илјади луѓе. Ова може да се исклучи со температурни анализи. „Тие го побиваат тврдењето дека голем број мртви тела се изгорени до пепел или не се извлечени."
Повеќето од загинатите, вели историчарот, биле погребани во месеците веднаш по нападот и по завршувањето на војната. Сепак, долго време остана нејасно колку луѓе всушност ги загубија животите во огнениот пекол. Систематското расчистување на урнатините во Дрезден започна дури на крајот на 1940-тите. Притоа биле пронајдени човечки останки, но „не во голем број“.
Десните екстремисти го злоупотребуваат Дрезден како место за собирање
За време на ерата на ГДР се зборуваше за 35.000 мртви. Оваа бројка се базираше на регистрации на трупови и проценки, објаснува Видера. Сепак, комунистите дојдоа многу поблиску до конечните бројки, кои беа утврдени дури 60 години подоцна, отколку националсоцијалистите. Набргу по повторното обединување на Германија, нивните реинкарнации го избраа Дрезден за свое најважно место за парада. Имаше времиња кога низ улиците на градот маршираа повеќе од 6.000 неонацисти, кои често се судираа со левичарските контрадемонстранти.
Долго време се чинеше дека градот нема поим што да преземе против неонацистичките собири, кои беа банализирани како „марш на жалост“. Но тие времиња поминаа. Со години се одржува повеќеслојна програма за сеќавање и на бомбардирањето на Дрезден и на историјата на националсоцијализмот која му претходеше: изложби, читања, предавања и театарски вечери, концерти и меморијални настани на гробиштата и во црквите.
Кога ќе се стемни, се формира човечки синџир
Граѓанското општество возвраќа. Човечкиот синџир што од 2010 година наваму се формира на бреговите на Елба и на мостовите во вечерните часови на 13 февруари е секогаш импресивен. Додека бијат камбаните, илјадници луѓе молкум се ракуваат во знак на сеќавање на жртвите и за да испратат сигнал против десничарскиот екстремизам.
Под мотото „Иднина преку сеќавање“, по повод 80-годишнината од бомбардирањето градот покани сведоци на бомбардирањето и млади луѓе од Дрезден и европските градови. Според официјалните информации, целта е особено на помладата генерација да ѝ биде јасно дека демократијата не е нешто што се подразбира и не е гаранција за спречување на диктатури или неправедни режими.
Младите се среќаваат со сведоци
Гостите на возраст од 18 до 21 година доаѓаат од Ковентри (Англија), Вроцлав и Гостин (Полска), Острава (Чешка), Ротердам (Холандија), Стразбур (Франција), Салцбург (Австрија), Хмелницки (Украина) и Штутгарт (Германија). Градоначалникот на Дрезден, Дирк Хилберт, се радува на меѓународната средба: „Оние кои сè уште паметат ги среќаваат оние кои ќе ги пренесат овие спомени во следната генерација, а со тоа и во иднината“.
Заедничка задача, како денес, така и утре, е одлучно да се залагаме за демократија, граѓански слободи и мир, нагласува Хилберт: „Особено во предизвикувачки времиња како овие, секоја искра на храброст, секоја мала акција е вреден придонес.“