1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина – што да се прави со руските уништени тенкови?

Ихор Бурдига
19 ноември 2022

Руската армија во Украина остави зад себе илјадници парчиња воена опрема. Дел се претопуваат во старо железо, а дел се преработуваат во уметнички дела. Но, дали државата има систем за нивно отстранување и рециклирање?

https://p.dw.com/p/4JVB6
Илјадници уништени руски тенкови останаа низ Украина
Илјадници уништени руски тенкови останаа низ УкраинаФотографија: Igor Burdyga/DW

Од почетокот на  руската војна во Украина,  Генералштабот на украинската војска секојдневно известува за уништена руска воена опрема. Во меѓувреме вкупната бројка е 2750 тенкови, 5580 оклопни возила, 4170 автомобили, 1770 артилериски системи како и стотици системи за противвоздушна одбрана, авиони, хеликоптери и многу друго.

Експерти од холандскиот проект „Орикс“ кои ги анализираа јавно достапните фотографии и видео материјалите од фронтот, регистрираа речиси 7600 објекти на терен. Една третина од оваа опрема била заробена од украинската војска и е речиси неоштетена. Особено по успешната контраофанзива во регионот Харков,  Русија понекогаш се наведува како главен снабдувач со тенкови за украинската армија.  Но според експертите, поголемиот дел од оружјето - 4649 парчиња, се целосно уништени.

Посебни единици прават регистар на терен

Извор од Министерството за одбрана во Киев за ДВ вели дека локалната воена администрација е обврзана да прави списоци со опремата што ја оставиле Русите и истите да ги достават до централата на украинската армија.

„Специјалните сили, познати и како 'канибали', излегуваат на терен и ги испитуваат остатоците. Тие го земаат она што може да се користи за поправка на украинската опрема“, ни вели соговорникот.

Останатиот дел од уништените тенкови, рачни минофрлачи и оклопни транспортери од  руската армија  со месеци лежат 'рѓосани на улиците и полињата во Украина. Некои војници велат дека уништената воена опрема можеби сè уште би можела да се користи како цел за гаѓање при обука, но, за тоа ќе треба биде пренесена на воените стрелишта за обука.

Серија портрети во руините на Чернихив: студент позира во уништен руски тенк, Украина
Серија портрети во руините на Чернихив: студент позира во уништен руски тенкФотографија: Instagram/@senykstas

Старо железо за трговците и индустријата?

По украинската контраофанзива од пролетоска во регионот на Киев за  уништената воена руска воена опрема  се заинтересираа и трговците со метали. Уште во април, украинското издание на Форбс процени дека старото железо на боиштата во тој момент вреди околу 45 милиони долари - оттогаш руските загуби на воена опрема наводно се тројно зголемени.

Сепак, украинските трговци со старо железо ја проценуваат многу пониско вредноста на еден изгорен тенк, пред се поради особеностите на челикот кај тенковите кој не е погоден за повторно топење во металопреработувачката индустрија.

„Оклопите се направени од висококвалитетен челик. Тие имаат посебни својства, на пример се топат на многу повисоки температури, поради што е потешко да се преработат. Поради тоа не може да се користат во голем дел од металургијата,“ вели Валентин Макаренко, менаџер на компанијата „Интерип Втормет“.

Од Здружението на секундарни метали „УАВтормет“ посочуваат дека пазарот за старо железо стагнира. Извозот веќе со години е ограничен поради зголемените царини, а домашната побарувачка на старо железо по почетокот на војната поради затворени фабрики во металопреработувачката индустрија, е значително намалена. Според податоците на Сојузот, индустријата за челик во Украина во првите девет месеци од годинава бележи пад од 66%, а набавката на старо железо и отпад е намалена за 73,5% на 830.000 тони.

Најголемата украинска компанија за метали, фабриката на Арчелор Митал во Кривји Рих, за ДВ вели дека има доволно железен отпад за производство на челик.

„Залихите надминуваат 80.000 тони, така што нема потреба да се користи уништената воена опрема, која исто така не е соодветна за нашето производство,“ вели Володмир Хајдаш, одговорен за комуникации во компанијата.

Уметнички дела од уништени тенкови

Во меѓувреме во Кривји Рих дел од уништената руска воена опрема е изложен во центарот на градот. Заменик градоначалникот Серхиј Милјутин за ДВ вели дека се донесени и нови експонати по најновата украинска офанзива во Херсон.

„Мислам дека ова ќе прерасне во трајна  изложба – како до нашата победа и по неа."

Украинската влада веќе во април поттикна организирање на вакви изложби во различни градови, но и во странство. Една од првите беше организирана на крај на мај на плоштад во Киев.

Во Одеса, на почетокот беше отворена изложба на уметнички дела од уништени тенкови и оклопни транспортери. Остатоците од тенковите се реконструирани и обоени на различни начини. Еден од уметниците е  Ихор Матрошкин. Тој верува дека ваквите изложби би можеле да ги потсетат луѓето во земјата колку блиску е фронтот. Во исто време, тие ќе покажат како оружјето, кога ќе дојде во рацете на луѓе кои не знаат како да го употребуваат, се претвора во обично парче железо. Овој уметник е убеден дека ваквите изложби нема да ја изгубат својата важност по војната.

Изложба на уништени руски тенкови во Киев, Украина
Изложба на уништени руски тенкови во КиевФотографија: Igor Burdyga/DW

Ќе има ли Украина систем за отстранување и рециклирање воен отпад?

Но и покрај тоа што дел од остатоците ги користат уметниците, сепак има премногу отпад кој на крај мора некако да се отстрани - особено затоа што е штетен за животната средина, посочува Макаренко, првиот човек на компанијата „Интерпајп Втормет“. Но, украинската војска нема искуство во организирано отстранување на ваков отпад, вели тој. Во последниве години, остатоците од украинската воена опрема се собираат во фабрики и депонии.

Соговорникот на ДВ во украинското Министерство за одбрана вели дека Владата работи на план за отстранување на уништената воена опрема. Но Макаренко смета дека државата веројатно нема да сака да ги преземе трошоците за отстранување и рециклирање на изгорените тенкови.

„За таа цел треба да се бара меѓународна помош, бидејќи европските компании за рециклирање имаат соодветни технологии и искуство“. Во оваа насока, здружението „УАВтормет“ смета дека зголемената потреба за отстранување на отпадот може да ги принуди украинските власти да ги отстранат постоечките бариери за извоз на старо железо.