1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три години по Брегзит – Велика Британија на работ на силите

Имке Келер (АРД)
23 јуни 2023

Пред седум години Велика Британија на референдум, со тесно мнозинство, се изјасни за Брегзит. На 31 јануари 2020 година Британците ја напуштија ЕУ. Оттогаш многу нешта се променија, не само во економски поглед.

https://p.dw.com/p/4Syrs
Брегзит
По референдумот за Брегзит многумина Британци славеаФотографија: Stefan Rousseau/empics/picture alliance

Темата Брегзит уште не е завршена. Во средата во Долниот дом на британскиот парламент повторно имаше кавги околу последиците на излегувањето од Европската унија. Шефот на пратеничката група на шкотската Национална партија СНП, Стивен Флин, фронтално го нападна премиерот Риши Сунак: „Мислам дека тој не сфаќа како изгледа економската реалност и со какви трошоци се борат потрошувачите. А ситуацијата не мора да биде таква. Каматите за кредитите за недвижности во Ирска не се преку шест, туку околу 4,5 проценти. Инфлацијата во ЕУ не е 8,7 проценти, туку шест проценти. Велика Британија е на работ на силите. Дали по седум години по Брегзит премиерот конечно ќе признае дека за тоа е виновен Брегзит?“

Сунак го избегна одговорот.

Додека поддржувачите на Брегзитсе обидуваат да прикажат позитивна слика за излезот од ЕУ, многу научници приложуваат податоци кои укажуваат нешто сосема друго. Во нив спаѓа и професорката по економија Џун Ду од Универзитетот Астон во Бирмингем, која ги изучува последиците од Брегзит: „Влијанијата врз трговијата се огромни. Извршиме пресметки со повеќе методи. За фазата меѓу јануари 2021 и септември 2022 година анализата покажува назадување на британската трговија поради Брегзит.“

 Брегзит Велика Британија
Празни регали во супермаркет во Велика Британија - потрошувачите ги чувствуваат последиците од БрегзитФотографија: Jon Super/XinHua/picture alliance

Трговски партнери: Велика Британија паѓа надолу

Извозот на Велика Британија во ЕУ според податоците е 23 проценти понизок, а увозот од ЕУ е намален за 13 проценти споредено со времето кога земјата припаѓаше на ЕУ. И од германски аспект билансот е негативен. Германската комора за индустрија и трговија во Брегзит гледа „економска катастрофа на двете страни од Каналот“. Додека Велика Британија пред Брегзит беше петти по важност трговски партнер на Германија, сега не е ни меѓу првите десет.

Изгледите на Велика Британија не се ветувачки: независната британска надзорна служба ОБР смета дека продуктивноста во земјата долгорочно ќе биде пониска за четири проценти отколку да не постоеше Брегзит. А од новите трговски договори, кои британската влада ги склучи со земји надвор од ЕУ, ОБР не очекува многу, тешко дека тие ќе генерират економски развој.

Не само економски последици

За Британците Брегзит нема само економски консеквенции, излезот од ЕУ предизвика и политички промени во земјата. Политикологот и професор на Универзитетот Квин Мери во Лондон, Тим Бејл, во својата тукушто објавена книга „Конзервативната партија по Брегзит“, ги третира идеологијата и нападите врз демократските институции и со поглед кон Конзервативците доаѓа до заклучок: „Конзервативната партија стана вистински попопулистичка, таа отсекогаш флертуваше со популизмот, но по Брегзит, таа комплетно го усвои“.

Бејл не верува дека Ториевците по заминувањето на Борис Џонсон ќе се вратат кон позицијата на сериозен конзервативен стил: „Духот веќе излезе од шишето, на Конзервативците нема да им успее да го фатат повторно. А бидејќи владата ќе има големи тешкотии да ги добие следните избори со ваквата економска состојба, таа ќе се обиде да ја подгреее борбата на култури, исто како што правеше и Борис Џонсон.“ 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи