1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три децении од расистичкото дивеење во Росток

Дојче веле/ агенции
22 август 2022

На денешен ден, пред 30 години, започнаа нападите на десничарските екстремисти врз сместувањето на бегалците во Росток, Германија. Теророт траеше четири дена, а полицијата реагираше незаинтересирано.

https://p.dw.com/p/4FsBX
Германија полиција десничари Росток
Полицијата разговара со десничари во 1992 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Расистичките испади во Росток-Лихтенхаген беа причина за цела низа насилни ексцеси на омраза кон странците во повторно обединетата република“, се сеќава Клаудија Рот, државна министерка за култура, по повод 30-годишнината од настаните во Росток. 

„Мораме да го одржуваме жив споменот на тоа мрачно поглавје од сегашноста на Германија“, рече Рот. 

Четири дена расистичко насилство 

Таа сабота пред три децении (22 август 1992 година), насилна група предводена од десничарски екстремисти окупираше една нова зграда во Лихтенхаген, област во источногерманскиот пристанишен град Росток.

Додека извикуваа пароли против странците, насилниците фрлаа камења и молотови коктели кон зградата во која беа сместени азилантите. Откако зградата почна да гори, екстремистите влегоа внатре и почнаа да ги ловат станарите, главно виетнамски граѓани кои некогаш работеле како „гастарбајтери“ во Источна Германија, а требало да бидат вратени дома по падот на Берлинскиот ѕид.

За чудо, никој не е сериозно повреден. Жителите на домот за баратели на азил и германските активисти кои им дојдоа на помош на незаштитените странци, во последен момент се спасија од пламената стихија бегајќи преку покривот на зградата. Сето тоа беше придружено со бурното одобрување на „публиката“, која истовремено го отежна пристапот до пожарникарите. Расистичкиот терор траеше четири дена, а снимките од тие настани предизвикаа згрозеност ширум светот. 

Росток 1992 година
Резултатот од дивеењето - чудо што никој не беше повреденФотографија: imago/R. Schober

Полицијата не можеше да се снајде 

Најлошо од се беше што полицијата посериозно реагираше дури два дена по избувнувањето на нередите. Дури потоа пристигнаа специјалните единици кои со автобус ги префрлија несреќните жители на прифатниот центар на безбедно.

Во првите два дена, грст слабо опремени и немотивирани локални полицајци се бореа со неколку стотици насилници кои зад себе имаа поддршка од илјадници граѓани - и тоа не само од Росток. Набргу, од сите делови на Германија почнаа да пристигнуваат „туристи“ желни да извршат насилство врз странците. Во еден момент таму се собраа повеќе од илјада насилници.

А, правната димензија на тој скандал помина со задоцнување. Казнети се 44 сторители, со максимална затворска казна од три години. Градоначалникот на Росток и министерот за внатрешни работи на покраината Мекленбург-Западна Померанија поднесоа оставки, но до денес не е утврдена директна одговорност за катастрофалното однесување на полицијата. 

Росток 1992 година
Апсење на еден од насилницитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Finck

„Укинете го масовното сместување за барателите на азил“ 

По повод 30-годишнината, се огласија невладината организација „За азил“ (Pro Asyl) и Фондацијата Амадеу Антонио . Тие побараа укинување на масовното сместување за барателите на азил, бидејќи, како што велат, се уште се мета на расистичко насилство. Затоа се предлага да се распуштат овие масовни сместувања и да се распределат бегалците и барателите на азил по општини.

„Примерот на Украина покажува што е можно во политиката за азил кога постои политичка волја за дејствување“, велат претставниците на двете организации. Тие го критикуваа „нееднаквиот третман на украинските бегалци и бегалците од трети земји“.

„За азил“ и фондацијата Амадеу Антонио бараат и поголема чувствителност во полицијата, попрецизни статистички податоци и право на постојан престој за жртвите на расистичко насилство. 

Германија Росток 1992 година
Зградата во која беа сместени претежно виетнамци беше цел на десничариФотографија: picture-alliance/dpa

„Денес не се можни вакви расистички напади“ 

За истиот повод се огласи и Рем Алабали-Радован (СДП), комесар на германската влада за интеграции. „Размерите на овие расистички немири сè уште се застрашувачки до ден-денес“, изјави таа за германското радио Дојчландфунк. 

Како што рече таа, реакциите на тогашните политичари се исто толку „страшни“ од денешна перспектива. Таа потсети дека тогашната сојузна влада реагирала на настаните со построго право на азил и дека не се зборувало многу за десничарскиот екстремизам. Таа рече и дека во тоа време медиумите се занимавале со наводни злоупотреби на правото на азил.

Според Рем Алабали-Радован, во денешното време повеќе не би биле можни расистички инциденти од такви размери, бидејќи безбедносните сили би реагирале поинаку и би ги заштитиле нападнатите. Покрај тоа, истакна таа, има промени во општеството и политиката: „Имаме силно граѓанско општество кое многу јасно се противи на расизмот“.

Во првите шест месеци од годинава во Германија се евидентирани 43 напади врз објекти за сместување бегалци, соопштено е на барање на Левицата во Бундестагот. Според овие податоци, во просек по двајца баратели на азил дневно се жртви на претежно десничарски мотивирани напади.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема