Место мерки - апели до трговците да не ги зголемуваат цените
16 јануари 2025Место мерки - надлежните институции со апели во наредниот период ќе се обидат да ги вразумат трговците и производителите да не ги зголемуваат цените на основните производиниз маркетите во земјата. Откако на 15 јануари истече владината мерка со која требаше да поевтинат 1.178 производи за 10 проценти за време на новогодишните празници, граѓаните повторно стравуваат од нов ценовен удар. Министерството за економија и пазарниот инспекторат на средба со производителите, дистрибутерите и трговците апелираа да не ги покачуваат цените по истекот на акцијата.
„Во духот на социјалната одговорност и солидарноста, очекувањата се сите учесници во малопродажбата - производителите на храна, дистрибутерите и ланците на маркети, да направат максимални напори и да ги задржат цените на производите на исто ниво по завршување на акцијата“, е заклучокот од средбата меѓу заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојаноски со дел од претставниците на производителите, дистрибутерите и трговците кои учествуваа во акцијата „Новогодишна кошница“.
Таа беше на сила од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025 година.
Синдикатите на терен - се проверуваат цените по маркетите
Акцијата за првпат беше иницирана и спроведена од страна на бизнис секторот. Ефектите од неа се очекуваат во наредните денови. Сојузот на синдикатите веќе е на терен - се прават анализи и се споредуваат цените во маркетите пред и по истекувањето на мерката.
Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов во изјава за ДВ вели дека на 20 јануари ќе имаат и конкретни сознанија околу ефектите на оваа владина мерка за намалување на цените на одредени производи. Сепак, оценува дека оваа мерка имала „лош старт“.
„Трговците место да ги намалат, го искористија периодот пред мерката за да ги зголемат цените. Се плашиме дека ако не се утврди намалување за 10 проценти кај 63 основни производи од нашата синдикална кошница, дека трговците биле двојно нефер - и кон граѓаните и кон државата, којашто имаше доверба во нив“, вели Трендафилов.
Синдикатите бараат почесто да има мерки со коишто ќе се заштити стандардот на граѓаните, но за нив да не бидат информирани трговците, за да се спречат злоупотреби.„Видовме дека тие го користат секој момент од една до друга мерка за да ги покачат цените“, вели првиот човек на ССМ.
Министерството за економија првично оцени дека новогодишната кошница била успешна и ги дала неопходните ефекти, иако уште се прават анализи. Тие укажаа дека ќе бидат искористени сите механизми за да се заштити стандардот на граѓаните.
Статистичките податоци за декември во делот на трошоци на живот покажуваат дека на годишно ниво има зголемување од 4,4 проценти, а на месечно ниво за 3,5 проценти. Цените на мало на годишно ниво се зголемени за 4,3 проценти, а на месечно ниво за 3,8 проценти.