1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп го именуваше Венс за свој заменик

ЕМФ / дпа
16 јули 2024

Доналд Трамп првпат се појави во јавност по атентатот. Тој сега е официјален републикански кандидат за претседател - и го именуваше својот заменик.

https://p.dw.com/p/4iLud
Доналд Трамп и Џ.Д. Венс на партиската конвенција на Републиканците во Милвоки
Доналд Трамп и Џ.Д. Венс (д.) на партиската конвенција на Републиканците во Милвоки (15.07.2024)Фотографија: Andrew Kelly/REUTERS

Републиканецот Доналд Трамп го именуваше Џејмс Дејвид Венс (Џ.Д. Венс) како кандидат за потпретседател за изборите во ноември и со тоа на своја страна донесе човек познат по својот остар јазик. И покрај стравот од можна спирала на насилство по атентатот врз Трамп, од овој двоец не може да се очекува прифаќање на поумерени тонови во изборната кампања.

Поранешниот критичар на Трамп, Џ.Д. Венс, сега се смета за близок соработник на поранешниот американски претседател и со своите 39 години е ѕвезда во подем во Републиканската партија. Тој е сенатор со сојузната држава Охајо од 2023 година и важи за десничарски хардлајнер. Доколку Трамп победи на претседателските избори во ноември, Венс би бил еден од најмладите потпретседатели во историјата на САД. Тој се прослави со своите мемоари „Хилбили елегија“. Бестселерот дава увид во општествената класа која помогна да се овозможи изборната победа на Трамп во 2016 година.

По атентатот врз Трамп, Џ.Д. Венс веднаш почна да подбуцнува и го обвини лично американскиот претседател Џо Бајден за нападот. Во Сенатот пролетоска тој гласаше против помошта за Украина. Сенаторот на партиската конвенција Милвоки пристигна со сопругата Уша Чилукури Венс која ја запознал на елитниот универзитет Јеил. Таа е ќерка на индиски имигранти.

Венс треба да го одржи својот инаугуративен говор во ноќта кон четврток по средноевропско време. Со нетрпение очекуваната номинација на Венс беше официјално потврдена на конвенцијата на Републиканците во Милвоки набргу по нејзиното објавување. На почетокот на големиот настан во американската сојузна држава Висконсин, делегатите го избраа и Трамп за свој кандидат за претседател. Овој чекор се сметаше за формалност по неговата победа на прелиминарните избори во партијата.

САД | Доналд Трамп и Џ.Д. Венс
Џ.Д. Венс, поранешен критичар на Трамп, сега се смета за негов близок соработник и со своите 39 години е ѕвезда во подем во Републиканската партија (архивска фотографија)Фотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Атентатот врз Трамп ја засени партиската конвенција

Вчера доцна вечерта (15.07), Трамп се појави во јавноста за првпат по нападот кој се случи во текот на викендот. 78-годишникот носеше еден вид бел завој на увото, повторно ја крена тупаницата и беше гласно поздравен од делегатите во салата. Се појави заедно со својот т.н. running mate Венс, но реши да не држи говор на сцената. Тоа би требало да го стори во ноќта кон петок по средноевропско време.

Во изминатите неколку дена, настаните во и онака вжештената изборна кампања во САД ескалираа. Ако целата земја до минатата недела дискутираше за менталната кондиција на Џо Бајден и неговата соодветност за претседателски кандидат, сега во фокусот е атентатот врз Трамп. Неколку часа пред почетокот на партиската конвенција, Трамп постигна и огромна правна победа. Во аферата околу земањето тајни владини документи, судијката Ајлин Кенон ја прекина кривичната постапка против Трамп. Правниот успех му дава на екс-претседателот дополнителен ветер во грбот во предизборната кампања.

Доналд Трамп на конвенцијата на Републиканската партија во Милвоки
Доналд Трамп на конвенцијата на Републиканската партија во МилвокиФотографија: J. Scott Applewhite/AP/picture alliance

Актуелниот американски претседател Џо Бајден, кој по атентатот врз Трамп повика на обединетост во земјата и на тоа политичките дискусии да бидат помалку вжештени, во телевизиско интервју јасно стави до знаење дека сега не планира да биде понежен со својот противник. Во интервју за телевизијата Ен-БиСи, Бајден го обвини својот политички противник Трамп за експлозивна реторика: „Тој зборува за крвопролевање ако загуби“, рече Бајден.

Тој аргументираше дека не неговата, туку реториката на Трамп е таа што ја потпалува изборната кампања:. „Јас не сум човекот кој рече дека сакам да бидам диктатор првиот ден. Јас не сум човекот кој одби да го прифати исходот од изборите. Јас не сум човекот кој рече дека нема автоматски да го прифати резултатот од овие избори“, рече демократот, осврнувајќи се на изјавите на Трамп.

На прашањето што ќе стори лично за да ја „олади“ политичката дебата во земјата, Бајден одговори дека ќе зборува за работите кои се важни.

Верните поддржувачи на Трамп по атентатот го обвинија актуелниот претседател Бајден дека неговата реторика против републиканецот е делумно одговорна за нападот. Бајден редовно го опишува својот конкурент како закана за американската демократија.

Доналд Трамп преживеа обид за атентат

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема