1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Змиите - опасност за граѓаните или важен дел од екосистемот?

ДТЗ
26 јуни 2024

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) за ДВ посочуваат дека голем дел од змиите на Водно или покрај реки и вода не се отровни и не се опасни по здравјето на луѓето. Но, граѓаните се советуваат да бидат внимателни

https://p.dw.com/p/4hWdw
Змија
Топлото време ги „разбуди“ змиите кои се почесто можат да се забележат и во урбаните средини.Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Топлото време ги „разбуди“ змиите кои се почесто можат да се забележат и во урбаните средини. По зголемениот број пријави од граѓани, и случаите на каснување од змија во Охрид и Скопје, Центарот за управување со кризи ги алармираше сите надлежни институции со цел да се изнајде соодветно решение за проблемот. Дел од општините започнаа со распрскување на „репелент“ - средство против змии, коешто е безопасно за луѓето, животните и околината. Средството е комбинација од етерични растителни масла, од чија миризба бегаат змиите. Но, ова е само еден од начините за заштита. Надлежните апелираат до граѓаните да внимаваат каде се движат при престој во природа и да носат соодветна облека со цел да се заштитат.

По бројните реакции во јавноста поради присуството на змии во повеќе скопски населби, од Македонското еколошко друштво (МЕД) за ДВ посочуваат дека голем дел од змиите кои можат да се сретнат на Водно или покрај реки и вода не се отровни и не се опасни по здравјето на луѓето. Истовремено, тие потсетуваат и на корисната улога на овие животни во природното контролирање на глодарите кои се дел од нивната главна исхрана.

Координација за подобра заштита

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов деновиве одржа координативен состанок поради зголеменото присуство на змии во урбаните средини, на којшто присуствуваа претставници од Министерство за внатрешни работи и од Зоолошка градина Скопје, кои доброволно во рамки на можностите понекогаш помагаат за безбедно отстранување на змии.

Во Град Скопје засега нема случаи на опасно повредени или загинати лица од отровни змии, што е во домен на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Но, надлежните ги разгледуваат опциите коишто се применуваат и во другите земји, поврзани со лиценци или дозвола за заловување на примероци од див свет. На пример, како се заловува дивото животно и за начинот и местата каде што потоа безбедно се пушта на слобода во природата или друго одредено место, согласно специфични случаи. 

Водно
Во Северна Македонија постојат 16 вида змии од кои само 3 вида се отровни.Фотографија: Kristian Cierpka

„Тоа се прашања во сферата на проблематиката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање, кои во буџетот треба да издвојуваат финансиски средства за обука, за теренска акција и едукација за справување и запознавање на диви животни“, велат од ЦУК. 

Во земјата нема специјализирана служба за заловување и безбедно отстранување на змии. Во одредени случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места.

„Почестата појава на змии во населени места индицира дека локалните самоуправи, а секако и на повисоко ниво, специјализирани институции од ветеринарната област, во рамки на нивните можности, пожелно е да се обидат во соработка со професионалци од ветеринарната област, да им помогнат на граѓаните и за одбивање од одредени површини и реони со различни еколошки средства на змиите, а и со безбедно заловување во одредени случаи кога се во објекти во населени места“, порачаа деновиве од ЦУК. 

Змијата најчесто бега при средба со луѓе и ако не е загрозена и уплашена – не напаѓа. Но, може да се случи, на пример, ако случајно се нагази, наседне или кога се поминува брзо веднаш до неа, змијата да го касне човекот. Покрај тоа што е препорачливо да се носат соодветни обувки, облека и стапчиња за одење во природа, корисно е граѓаните да се потсетат и да се информираат за пружање прва самопомош, поточно за начинот како се реагира, како да се имобилизира и да се третира каснато место од змија. 

16 вида змии од кои само 3 вида се отровни

Во Северна Македонија постојат 16 вида змии од кои само 3 вида се отровни. Од сите отровници, единствено поскокот е широко распространет и има поголеми шанси да се сретне во урбани средини, а шарката и степската лутица се присутни само на надморкса височина поголема од 1500 метри и тоа само на некои планини во земјава.

„Многу смокови се шарени, па често погрешно се нарекувани шарки. Единствената отровница која е широко распространета кај нас е поскокот, кој пак лесно се препознава по рогот на врвот од главата, шарите во форма на баклави на грбот (обоени во најразлична варијација на црно, сиво, црвено, кафено, портокалово, жолто) и големината – поскоците ретко достигнуваат должина поголема од 70 сантиметри, но најчесто се среќаваат единки од околу 50 сантиметри. Доколку змијата е подолга од еден метар, таа е безопасен смок“, објаснуваат за ДВ од Македонското еколошко друштво (МЕД). 

Според херпетолозите, во Северна Македонија има дури 11 различни вида на смок, една боа (малечка здепаста змија која главно живее под земја и може да се сретне само во крајните југоисточни делови од државата) и една црвовидна змија која е целосно безопасна и секој лаик на прв поглед би помислил дека е црв.

Драган Арсовски (доктор на биолошки науки – херпетолог) во блог објавен на страницата на МЕД посочува дека доколку се постапи на правилен начин дури и при каснување од змија отровница луѓето би поминале без компликации.

„Доколку се случи каснување од поскок, ако човекот нема други здравствени проблеми и се јави за медицинска помош истиот ден тој би поминал без никакви компликации по здравјето“,  вели Арсовски. 

Скопје, река Вардар
Голем дел од змиите кои можат да се сретнат на Водно или покрај реката Вардар не се отровни и не се опасни по здравјето на луѓетоФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Будење од долгиот сон

Напролет ладнокрвните влекачи излегуваат од долгиот зимски сон (хибернација) и се најактивни бидејќи тогаш е нивниот период на размножување. Затоа средбите со овие животни се и најчести во овој период. Еден од најраширените митови за змиите е дека се најактивни кога е најтопло. Змиите како и најголемиот број влекачи не можат да ја контролираат сопствената температура, па тоа го прават преку сончање или барање на засолниште. Кога е многу ладно тие може да замрзнат, па затоа се засолнуваат и хибернираат, додека пак кога е претопло тие се во опасност од прегревање и смрт, заради што исто така бараат засолниште и во екстремно топли периоди може целосно да ја намалат својата активност и да влезат во т.н. летна хибернација, односно естивација.

Змиите најчесто веднаш бегаат при средба со човек. Тие немаат изострено сетило за вид, па понекогаш може да се случи да бегаат во правецот на самиот човек, и ова може да биде збунето со напад. Отровниците, како што е поскокот најчесто се укочуваат при средба со човек. „Во овој случај, слободно земете долг стап и отстранете ги од просторот“, советуваат херпетолозите

Во Европа не постојат змии кои активно напаѓаат за одбрана на својата територија или гнездо – каснувања се случуваат исклучиво кога ненамерно ќе се им се приближи човекот. 

Клучна улога во екосистемот

Од МЕД потсетуваат дека змиите играат клучна улога во екосистемот, првенствено како контрола на популациите на глодари (како што се глувците) и се екстремно корисни. Голем број змии се хранат со други змии, односно ги контролираат нивните популации. 

Според познавачите на проблематиката, нема никаков научно докажан ефект од продуктите кои се рекламираат и продаваат како средства против змии и тие може само да предизвикаат загадување на околината. Во Северна Македонија, додаваат нашите соговорници, не постои сервис за отстранување на змии, главно бидејќи едноставно не постојат видови кои се многу опасни.

Од МЕД ги советуваат граѓаните да ги чуваат дворовите уредени, за да не создадат места  кои змиите би ги користеле како засолниште. Кога се движат во природа, граѓаните треба да имаат стапче и соодветни планинарски обувки.  

Кога змиите излегуваат од кожата...