1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топлата зима - закана за европската енергетска сигурност

Серџо Маталучи
1 април 2023

Топлите зими и релативно малку снег значат помалку вода во реките низ Европа претстојново лето. Ќе треба ли да се преиспита стратегијата за атомско и производство на хидроенергија?

https://p.dw.com/p/4PUwk
Швајцарија, хидроцентрала, Финхаут
Швајцарска хидроцентрала во ФинхаутФотографија: Denis Balibouse/REUTERS

Релативно благата зима во Европа помогна да се спречи голема енергетска криза, но топлото време сега на друг начин е закана за енергетскиот систем.

„Во моментов сме во поповолна позиција од она што очекувавме на почетокот на зимата – цените на гасот се намалени за 80% споредено со пикот во август, а нивото на залихи е удвоено во однос на истиот период лани,“ вели за ДВ Гергели Молнар, експерт за гас од Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ). Но, според овој експерт сепак е „потребно да се биде претпазлив“.

Европските и глобални пазари на гас остануваат ранливи. „Секој надворешен ризик фактор може да ги дестабилизира. Годинава нема многу простор за флексибилност во системот,“ објаснува Молнар. Побарувачката на гас во Европската унија опадна за 13% во 2022, што е најголем забелажан пад досега.

Во меѓувреме, анализите на МАЕ покажуваат дека е регистриран и пад од 18% во 2022 на количините електрична енергија произведена од хидроецентрали, која се добива од вода што се влева во турбините. Без овој пад, Европа ќе можеше да заштеди уште повеќе гас, што е и нужно откако главниот производител Русија ги затвори славините за ЕУ минатата година.

Помалку хидроенергија значи повеќе фосилни горива

Падот на производството на хидроенергија води кон зголемена потрошувачка на гас, вели Молнар. Историски, хидроенергијата во Европа е вториот најголем извор на обновливи извори на електрична енергија. Според Евростат, во 2020 во ЕУ со неа се покриени 17% од потребата за електрична енергија.

Во моментов количината на вода во европските резервоари е речиси 15% над нивото регистрирано во 2022 година, и покрај сувата зима во Франција и малите количини снег на Алпите, вели Молнар.

„Но, нивото на резервоарите за вода може значително да варира,“ објаснува тој и додава дека поради ова производството на електрична енергија од хидроцентрали е „доста непредвидливо“.

Од Меѓународната асоцијација на хидроцентрали (ИХА) велат дека се потребни значајни инвестиции во хидро-капацитетите за ефикасна транзиција кон обновливи извори на енергија што е потребно во однос на ублажување на климатските промени.  

„Потребата за флексибилност на капацитетот на мрежата може да се зголеми само со зголемување на соларните и ветерните електрани,“ вели за ДВ Алекс Кембел, од ИХА. Новата инфраструктура може да помогне во справување со поплавите и летните суши, додава тој.

Хидроцентрала, Милхајм на Рур, Германија
Хидроцентрала во Милхајм на Рур, ГерманијаФотографија: Malte Ossowski/Sven Simon/picture alliance

Зголемената температура на водите ризик за нуклеарната енергија 

Понискиот водостој и повисоките температури на водата во летните месеци може да влијаат и на производството на атомска енергија, затоа што речните води се користат и за справување со топлината што се ослободува од нуклеарниот отпад.

„Ако температурата на реките надмине одредено ниво, може да влијае и на нуклеарните централи. Тоа го видовме минатата година, но и пред тоа и во Франција и во Белгија”, вели Молнар.

Реките се клучни и за бродски транспорт на јаглен. „Паѓањето на нивото на Рајна може да предизвика логистички проблеми за централите кои работат на јаглен, но тие вообичаено имаат залихи, така што низок водостој не претставува проблем истиот момент”, вели аналитичарот. 

Рајна, Германија
Товарен брод кој пренесува јаглен по реката РајнаФотографија: Ying Tang/NurPhoto/picture alliance

Тешко е предвидливо топењето на снегот

Ваквите долгорочни трендови бараат внимателно следење, како и обмислување на енергетските системи, вели Карло Буонтемпо, директор на Центарот за климатски промени „Коперник”. 

Јануари 2023 година е третиот најтопол јануари откако се води таква статистика за Европа, но тоа само по себе и не би имало толкаво значење, вели Буонтемпо за ДВ.

„2022 е една од осум најтопли години”, вели тој и додава дека „останатите седум се случиле во изминатите осум години. Зимите во Европа стануваат потопли, а тоа има последици”. 

Што се однесува до топењето на снегот, тој се акумулира во зимските месеци, а станува достапен на лето, но во изминатите 30 години дебелината на мразот на европските глечери во просек се намалила за 30 сантиметри. Количината на снег, која вклучува снег на глечери и други делови од планините, е подеднакво алармантна како и водостојот. Ниту годинава ситуацијата не е ништо поразлична од лани, па дури се соочуваме и со дополнителен предизвик, бидејќи зимата беше претежно сува, а многу делови од Европа и натаму се во услови налик на суша”, посочува Буонтемпо. 

Рајна, Германија
Екстремно низок водостој на реката Рајна во ГерманијаФотографија: Daniel Kubirski/picture alliance

Повеќе енергија за ладење на лето

Летното време, заедно со пролетните температури, се уште еден клучен фактор што ќе влијае на нивоата на реките. Високите температури ја зголемуваат температурата на водата, како и испарувањето, истовремено зголемувајќи ја и побарувачката за електрична енергија, особено во северна Европа. 

„Високите температури бараат ладење со клими во градовите”, вели Буонтемпо.  „Врвот на потрошувачка на енергија во домаќинствата во северна Европа се достигнува во зима, но сега сме сведоци на втор таков пик на лето”, заклучува тој.

Неочекувани климатски појави се дополнителен ризик за енергетската сигурност на Европската унија. Буонтемпо се потсетува на 2021 година кога Европа искусила недостиг на ветришта. „Треба да го користиме најлошото можно сценарио како референтна точка во проценката на ризиците”, вели тој. 

„Особено важно е да се подготват сценарија на ризик и да се искористат информациите со кои се располага во моментов околу тоа што може д се очекува годинава, а еден од тие фактори е количината на снег на Алпите”, вели директорот на Центарот за климатски промени „Коперник”. „Предвидувањата за април-мај ќе ни дадат подобра насока за тоа што може да се очекува налето”, заклучува тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи