ТикTок се заканува: Без гаранции, се напушта пазарот во САД
18 јануари 2025Неизвесноста околу можниот крај на ТикТок во Соединетите Американски Држави се зголемува непосредно пред истекот на рокот за продажба на видео апликацијата. Операторите велат дека сакаат да ја затворат апликацијата на американскиот пазар в недела (19.01), доколку владата експлицитно не им гарантира на давателите на технолошки услуги имунитет од кривично гонење за понатамошна соработка со ТикТок. Според информациите на Си-Ен-Ен, Белата куќа смета дека досега дадените гаранции се доволни, но не исклучува натамошни чекори.
Позадина на спорот се предупредувањата дека кинеската влада би можела да добие пристап до податоците на Американците преку ТикТок и да влијае на јавното мислење во САД. За сопственикот на ТикТок со седиште во Кина, Бајтденс, утре истекува важен рок: американскиот закон вели дека компанијата мора да се оддели од апликацијата во рок од 270 дена. Во спротивно, Епл и Гугл ќе мора да го отстранат ТикТок од своите американски продавници за апликации. Покрај тоа, компанијата ќе го изгуби пристапот до инфраструктурата.
Американските даватели на услуги на ТикТок стравуваат од казни
Американските компании кои продолжуваат да работат со апликацијата по истекот на рокот се соочуваат со високи казни. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во петокот (17.01) објави дека спроведувањето на законот ќе го остави на идниот претседател Доналд Трамп.
И американското Министерство за правда соопшти дека спроведувањето на законот ќе биде „процес што трае“. ТикТок сака владата да им даде директни гаранции барем на клучните технолошки партнери дека нема да се соочат со никакви последици ако продолжат да ја снабдуваат апликацијата.
Повод за овој потег беше загриженоста на технолошките партнери дека немаат доволно правна сигурност, објави Си-Ен-Ен. Можно е да се работи за многу пари: Според законот, прекршувањата може да резултираат со казни од 5.000 долари за секој корисник кој е сè уште активен по истекот на рокот. А ТикТок тврди дека има повеќе од 170 милиони корисници во САД.
Чекајќи го Трамп
Таборот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп објави дека ќе преземе мерки за да го задржи ТикТок онлајн додека тој се обидува да постигне договор за апликацијата. Сепак, Трамп ќе положи заклетва дури во понеделник. Ова остава празнина во која по истекот на рокот за ТикТок на власт сѐ уште ќе биде администрацијата на Бајден. Американскиот претседател може да го продолжи рокот за 90 дена - но со закон само ако има ветувачки преговори за продажба.
Бајтденс и ТикТок досега категорично одбиваа да размислуваат за разделба. ТикТок секогаш нагласува дека Бајтденс е во мнозинска сопственост на меѓународни инвеститори, но поради нејзиното седиште во Пекинг, матичната компанија мора да се усогласи и со барањата на кинеските власти. Освен тоа, владата може да има збор во продажбата бидејќи алгоритмот што ги избира видеата за корисниците е развиен во Кина. А Пекинг ја забрани дистрибуцијата на таков софтвер доколку за такво нешто нема посебна дозвола.
ТикТок вчера ја загуби битката против законот за промена на сопственоста пред Врховниот суд на САД. Судиите пресудија дека законот не ја нарушува уставно загарантираната слобода на говор.