1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Пожар му се заканува центарот на Холивуд

Б. Јордановска | АРД
9 јануари 2025

Шумските пожари во Калифорнија и натаму се шират. Се разгоре и нов пожар - на Холивуд Хилс. Бројот на загинати се зголеми на најмалку пет лица, а десетици илјади луѓе избегаа од пламените јасли.

https://p.dw.com/p/4oyE3
Пожар се разгоре на Холивуд Хилс
Пожар се разгоре на Холивуд ХилсФотографија: Ethan Swope/AP Photo/picture alliance

Нов пожар во Лос Анџелес го зафати познатиот рид над Холивуд.  Огнената стихија која ја нарекоа „оган на зајдисонце“ започна во средата вечер по локално време, јавува тамошната противпожарна служба. Според наводите во медиумите, огнот брзо се шири од кањонот Ранион кон прочуениот булевар Холивуд. Властите наредија евакуација на делови од квартот. На мапата од противпожарната служба се гледа дека наредбата за евакуација се однесува и на историски делови од светски познатиот кварт во Лос Анџелес.

Најмалку петмина загинати

Силни ветрови ги разгоруваат сега веќе четирите големи пожари околу Лос Анџелес и ги отежнуваатнапорите за гаснење на огнот. Според информации на противпожарните служби, најмалку пет лица загинале до сега, а многу други се здобиле со повреди. Властите стравуваат дека бројот на жртвите може да биде и поголем. 

Противпожарен хеликоптер исфрла вода додека пожарот на ридовите над Холивуд продолжува да се шири
Противпожарен хеликоптер исфрла вода додека пожарот на ридовите над Холивуд продолжува да се шириФотографија: David Swanson/REUTERS

Пред издавањето на наредбата за евакуација на Холивуд, на околу 70 илјади жители од други области веќе им беше наложено да ги напуштат нивните домови. Поради сушата во околината, противпожарната единица не располага со доволно вода за гаснење. Според американските медиуми, веќе сега е извесно оти ова е меѓу најтешките катастрофи со пожари во историјата на градот.

Националната гарда на терен

Американскиот претседател Џо Бајден го прогласи катастрофа во регионот погоден од пожарите, што на општините и на преживеаните им овозможува итен пристап до средства од сојузниот буџет на САД, соопштија од Белата куќа. Освен тоа, службата за заштита од катастрофи ветила помош за сојузната држава Калифорнија за справување со пожарите, информира гувернерот Гевин Њусом. Тој претходно прогласи вонредна состојба во регионот. „Брзото дејствување од страна на претседателот Бајден е големо олеснување за Калифорнија“, стои на веб-страницата на Њусом. Неколку часа пред објавата Бајден испрати околу 2 илјади припадници на Националната гарда во регионот. При посетата на противпожарните служби, Бајден рече дека неговата администрација ќе обезбеди секаков вид на поддршка „колку и да биде потребна“. Тоа вклучува и 15 противпожарни хеликоптери, рече претседателот во заминување. 

Автомобили блокираат важен пат

Во Лос Анџелес делумно се одвиваа хаотични сцени. При бегањето од нивните домови, преплашените луѓе од отменото предградие Пацифик Палисадес едноставно ги оставаа возилата на булеварот Сансет во правец кон брегот и продолжуваа пеш. Булеварот пак, е важна рута за бегство од огнот, па спасувачите мораа да користат и булдожери за да поместат околу 200 напуштени автомобили на булеварот Сансет и соседниот Палисадес Драјв.

Може ли нешто да се спаси: Целосно опожарена кужа во населбата Пасифик Палисејдс која прва беше зафатена од катастрофалните пожари
Може ли нешто да се спаси: Целосно опожарена кужа во населбата Пасифик Палисејдс која прва беше зафатена од катастрофалните пожариФотографија: Apu Gomes/Getty Images/AFP

Штета од десет милијарди американски долари

Дополнително ситуацијата ја отежнува и тоа што има големи прекини во дотурот на електрична енергија. Според веб-страницата poweroutage.us, околу 300 илјади домаќинства привремено биле без струја. Властите предупредуваат дека може да има дополнителни прекини на електричната енергија доколку пожарот се прошири. Големата американска банка Џеј-Пи Морган во моментов смета содесет милијарди американски долари осигурителна штета. Минатиот месец шумски пожар дивееше во калифорниското крајбрежно место Малибу. Пламените јазици од ридовите зад местото продреа дури до плажите. Во Јужна Калифорнија во изминатите месеци главно немаше врнежи на дожд. Заради екстремни ветрови, властите неделава прогласија највисоко ниво на опасност од шумски пожари.