1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинителот Хајрулахи за суспензијата: Сакаат да ме замолчат

ДТЗ
12 ноември 2024

Суспендираниот виш обвинител Мустафа Хајрулахи, вели дека врз него се врши притисок со цел да се влијае врз актуелни предмети, а еден од нив е и случајот за бонусите на СЈО.

https://p.dw.com/p/4mvHU
Мустафа Хајрулахи
Обвинителот Хајрулахи за суспензијата: Сакаат да ме замолчатФотографија: Petre Stojanovski/DW

Вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи, кој во понеделникот (11.11) беше супендиран на фунцијата шеф на Скопското вишо обвинителство, вели дека врз него се врши притисок со цел да се влијае врз актуелни предмети, а еден од нив е и случајот за бонусите на СЈО. Еден ден откако беше соопштено дека е отворена истрага против него за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување, Хајрулахи на прес-конференција се осврна на низа настани коишто и претходеле на пријавата, а се поврзани со неговото работење. 

Вишиот обвинител потврди дека веќе ја примил одлуката за оддалечување од функцијата виш јавен обвинител со образложение дека против него се води кривична истрага во Обвинителството во Штип. 

„Таа кривична пријава е поднесена од републичкиот јавен обвинител, а тенденцијата е мене да ме острани и да ме замолчи, но и да ги заплаши колегите коишто постапуваат согласно законот, а со цел да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време на 19 септември, републичкиот  обвинител ми рече дека по однос на предметот за бонусите на СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и дека не треба да се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на партијата ВМРО-ДПМНЕ“, рече Хајрулахи.

Во јули беше објавено дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против обвинителите на СЈО, на кои тогашната шефица Катица Јанева им поделила илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што наводно бил оштетен буџетот за над 4,5 милиони евра. 

Катица Јанева
Катица Јанева им поделила илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што, наводно, бил оштетен буџетот за над 4,5 милиони евраФотографија: Boris Grdanoski/AP Phto/picture alliance

Спорен вонреден надзор 

Хајрулахи вели дека одбил да постапи како што му било кажано, со образложение дека „како јавен обвинител не би се дрзнал да наредува на јавен обвинител да носи одлука по нарачка“. Неколку дена потоа пристигнало известување дека ќе има вонреден надзор за работата на Вишото јавно обвинителство, но и тој надзор за Хајрулахи е спорен бидејќи бил вршен од неговиот поранешен заменик, но и од обвинителка која порано била дел од тимот на СЈО. 

„Спорното во целиот надзор е тоа што од тројца јавни обвинители, двајца, по сила на закон, не би требало да го вршат – едниот е Елвин Вели до пред заминување во Републичкото обвинителство беше мој прв заменик и обвинител кој постапуваше по бројни предмети, а обвинителката Лиле Стефанова не би требало да учествува бидејќи се вршеше надзор на предметите од поранешното СЈО“, вели Хајрулахи.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски неодамна информираше дека Вишото јавно обвинителство е предмет на надзор откако до него дошле информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажувале на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во Обвинителството.