1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Судија во Њујорк: „Трамп е долгогодишен финансиски измамник“

ЖА / агенции
27 септември 2023

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп претрпе сериозен правен пораз во процесот за измама. Одговорниот судија во Њујорк пресуди дека бизнисменот со години ја „дуел“ вредноста на својот имот, мамејќи ги банките

https://p.dw.com/p/4Wqfc
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за финансиска измама
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за финансиска измамаФотографија: Alex Brandon/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Според судијата од Њујорк, поранешниот американски претседател Доналд Трамп со години манипулирал со реалната вредност на неговата организација Трамп и со тоа извршил измама. Поранешниот претседател, неговите синови и раководни лица систематски ја преценувале вредноста на компанијата во годишните извештаи со цел да добијат заеми и договори за осигурување со поповолни услови, според прелиминарната одлука на судијата Артур Енгорон. На пример, Трамп со години наведувал дека неговиот стан во Трамп кулата е со големина од околу 2.800 квадратни метри, иако неговата големина всушност била околу 1.000 квадратни метри. Како резултат на тоа, имотот бил преценет за 200 милиони долари. Се вели дека вредноста на неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида е надуена дури за 2.300 отсто во финансиските документи.

Судењето започнува в понеделник

Обвинението на судијата е прелиминарна одлука пред вистинскиот почеток на граѓанскиот процес против 77-годишниот републиканец, инициран од тужба на њујоршката обвинителка Летиција Џејмс, кој ќе се одржи следната недела. Целта на обвинителката е да го принуди Трамп да плати 250 милиони долари како рекомпензација и да му биде забранета натамошна работа во Њујорк. Конечната пресуда се очекува во декември.

За семејната холдинг-компанија „Трамп организација“ се тврди дека имала преценета вредност во висина од милијарди долари помеѓу 2011 и 2021 година, со цел „да обезбеди и одржува заеми и осигурување под поповолни услови“, како што стои судски документ од канцеларијата на јавниот обвинител. На тој начин обвинетите обезбедиле „стотици милиони долари незаконски стекнати заштеди и профити“, продолжува документот.

Висината на казната сè уште е отворено прашање

Тужбата првично беше насочена против трите најстари деца на Трамп- Иванка, Доналд Јуниор и Ерик Трамп. Сепак, Иванка во меѓувреме е изоставена од тужбата. Граѓанскиот  процес против Трамп, неговите двајца постари синови и уште неколку обвинети во Њујорк ќе започне следниот понеделник. Со својата пресуда во вторникот, судијата Енгорон веќе донесе важна одлука која ќе влијае врз конечната, што е можно во ваква постапка. Прашање во судењето ќе биде, меѓу другото, колку висока ќе биде казната за Трамп. На екс-претседателот во овој граѓански процес не му се заканува затворска казна, за разлика од  четирите кривични предмети во кои годинава беше обвинет Трамп.

Адвокатите на Трамп најавија обжалување на пресудата во Њујорк

Адвокатите на Трамп веднаш најавија дека ќе поднесат жалба на пресудата. „Денешната безобразна одлука е целосно спротивна на фактите и важечкиот закон“, изјави Кристофер Кисе, адвокат на Трамп. „Претседателот Трамп и неговото семејство ќе ги исцрпат сите достапни правни лекови за да го исправат овој погрешен правен чекор“, додаде тој. Во негов манир, Доналд Трамп на неговата социјална мрежа „Truth Social" обвиненијата ги оцени за „смешни и невистинити, а судењето го нарече  „лов на вештерки каков што немало никогаш досега“.  Тој го критикуваше Артур Енгорон како збунет судија кој дејствува по наредба на демократката и њујоршка јавна обвинителка Летиција Џејмс.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема