1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Страв од напад врз нуклеарката Запорожје

ЖА / агенции
5 јули 2023

Провокациите стануваат се` поостри – Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за планови за напад врз нуклеарната централа Запорожје.

https://p.dw.com/p/4TRPp
атомска централа Запорожје Украина Русија војна
Руски војник во окупираната украинска атомска централа ЗапорожјеФотографија: Andrey Borodulin/AFP

Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за наводно непосредно претстоен напад врз европската најголема атомска централа во јужниот дел од Украина. „Од тајната служба дознаваме дека руската војска поставила предмети на покривите на повеќе реактори на атомската централа Запорожје, кои наликуваат на експлозивни направи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговата дневна видео-порака.

Експлозивните направи се поставени на третиот и на четвртиот блок, но самите реактори не се оштетени, се вели во дневниот билтен на украинскиот Генералштаб. Украина нема да ги прекрши нормите на меѓународното право, истакнува истовремено военото раководство во Киев, укажувајќи на можноста од изведување симулиран саботажен напад врз нуклеарката, за која вината би и` била припишана на Украина.

Зеленски побара да се изврши меѓународен притисок врз Русија за спречување на вакво сценарио. Во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски предупредил од „опасни провокации“ од страна на Русија во атомската централа.

Обвинувања и од Москва

Москва пак тврди дека украинската војска самата планира напад врз нуклеарката Запорожје, која се наоѓа близу до фронтот. Во поткрепа на ова, Ренат Карча, советник на шефот на Руската служба за атомска енергија, Росенергоатом, во настап на руската државна телевизија зборуваше за наводен украински обид за напад со ракети и дронови врз атомската централа во ноќта кон средата, кога истовремено била фрлена и бомба со атомски отпад. Високиот руски функционер не изнесе докази за своите тврдења, исто како и украинската страна.

атомската централа Запорожје Украина Русија војна
Руските трупи ја држат атомската централа Запорожје под своја контрола од март 2022 годинаФотографија: Dmytro Smolyenko/imago images

Вежба за итен случај

Деновиве во регионот на украинските градови Херсон, Миколајив, Запорожје и Днипро спасувачките екипи одржаа вежби за евентуален итен случај на атомска хаварија и зголемена радијација.

Руските трупи ја држат атомската централа под своја контрола од март 2022 година. Големиот комплекс повеќепати се најде под стрелба за време на борбите,што во светската јавност засилено разгорува страв од можна нуклеарна катастрофа. Од безбедносни причини, работата на нуклеарката е прекината, а во неа се присутни набљудувачи од Меѓународната агенција за атомска енергија, МААЕ. Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, жестоко го критикува шефот на МААЕ, Рафаел Грос, тврдејќи дека неговите напори за осигурување безбедност на АЦ Запорожје не покажале никаков ефект, дека се` останува само на голи зборови и обезбедување алиби во случај на катастрофа.

Во Украина, но и во светот расте стравот, со оглед на тоа што кога Русите тврдат дека Украинците ќе направат нешто, тоа често значи дека тие ќе го направат тоа сами, како што можеби беше случајот неодамна со браната Каховка,за која се верува дека Русите намерно ја разнесоа.

Многумина меѓународни експерти сметаат декасамо Русија била во можност да ја уништи браната Каховка, иако Москва го демантира тоа и од своја страна за делото ја обвинува Украина.