1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските туристи се повторно добредојдени во Кина

ЖА / агенции
14 март 2023

Речиси сите анти-ковид мерки во Кина се минато, тоа сега важи и за визните ограничувања за туристи. Кина полага надежи во туристичкиот сектор како еден од моторите на вкупната економија.

https://p.dw.com/p/4Oe6K
Туристи , Гвангдонг, Кина
Туристи во Гвангдонг во КинаФотографија: HPIC/dpa/picture alliance

Кинеското Министерство за надворешни работи во Пекинг на својата интернет страница ја објави веста дека од среда повторно ќе бидат издавани сите видови на визи за странците. По три години исклучително строги рестрикции воведени против ширењето на коронавирусот, Кина во јануари ги отвори своите граници, но првенствено за деловни луѓе и за фамилијарни посети. Сега сите туристи ќе можат регуларно да патуваат во Народната Република, а во одделни кинески региони во сила повторно ќе стапи и безвизниот режим. Долгорочните визи, издадени пред затворањето на границите на 28 март 2020 година, според соопштението сега веќе пак ќе можат да се користат.

Во активирањето на туристичкиот сектор, Кина гледа можност за поддршка на заслабената економија, која страдаше под драстичните мерки за време на пандемијата. Лани во земјата е регистрирана една од најслабите стапки на развој во последниот речиси половина век.

Ковид-19: Изолацијата на Пекинг функционира?

Пред пандемијата на ковид, во 2019 година Кина имаше околу 65,7 милиони странски посетители, а од 2020 година речиси целосно се изолираше од надворешниот свет.

Многумина странци со постојан престој во Кина на тој начин беа отсечени од своите матични фирми и разделени од фамилиите, а за туристите влезот беше забранет.

До пред крајот на минатата година Кина следеше екстремно строга антипандемиска политика со масовни тестирања, ригидни правила за карантин и ограничени патувања, со катастрофални последици за социјалниот живот и економијата во целост. Во ноември акумулираното незадоволство избувна во форма на масовни јавни демонстрации, незабележани со децении, по што владата ненадејно и нагло ги укина мерките, што пак водеше кон инфицирање на милиони луѓе и смрт на илјадници – точните бројки властите не ги регистрираа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи