1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФЗО ќе штрајкува - услугите и исплатите ќе чекаат

ДТЗ
2 февруари 2024

Според најавите, штрајкот ќе започне в понеделник (5.02) поради препораката за намалување на платите на вработените. Ќе се работат само итни предмети

https://p.dw.com/p/4byQP
Фонд за здравствено осигурување
Штрајк ќе го парализира ФЗО - ќе се работат само итни предметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Штрајк ќе го парализира Фондот за здравствено осигурување, со што голем број услуги ќе бидат ставени во мирување. Според најавите, штрајкот ќе започне в понеделник (5.02) поради владината препорака за намалување на платите на вработените. Во сите подрачни единици само по едно лице ќе биде задолжено за прием на документи. Ќе се работат само итни предмети, со што се доведува во прашање користењето на голем број услуги, кои им се неопходни на граѓаните, како и исплатата на платите за јавното здравство.

Според најавите од синдикатот, шалтерите на Фондот за здравствено осигурување ќе бидат отворени само за пријава на малолетно лице како член на осигурување, за регулирање на осигурување на хоспитализирано лице и за лекување во странство на итни случаи.

Незадоволство поради платите

Вработените во Фондот се одлучија да го активираат штрајкот кој беше во мирување, откако Владата препорача да се намалат платите за 21 отсто. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, Согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент, сметаат од синдикалните организации.

Со одлуката би можеле да бидат засегнати над 830 вработени во ФЗО и ако има намалување на платите, 25 проценти ќе добиваат плата под минималната, а 25 проценти колку минималната плата. Министерството за финансии тврдеше дека не станува збор за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот. 

Одложено дејство

Платите во ФЗО во текот на 2023 година се зголемени повеќепати и тоа 2.100 денари или околу седум отсто во март 2023 година со усогласувањето со минималната плата, зголемување од 2,5 проценти во јануари 2023 година и 3,5 отсто во август 2023 година, порачаа од Министерството за финасии. 

Кумулативното зголемување на платите во текот на 2023 година во ФЗО, според МФ, е околу 25 проценти. Дополнително на ова, вработените во ФЗОМ во текот на 2023 година оствариле право на регрес во нето висина од 10.000 денари.

Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата препорача одлуката за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните, беше ставот на Министерството за финансии.