1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Страдањето во Белгород од украинските одмазднички напади

Алексеј Стрелников
15 јануари 2024

Рускиот Белгород речиси две недели секојдневно е гранатиран од страна на украинската армија. Има десетици мртви и ранети. Што раскажуваат жителите на овој град на границата на Русија и Украина?

https://p.dw.com/p/4b3M8
Пожарникари го гасат пожарот на автомобил, кој се запалил при еден од нападите врз Белгород
Пожарникари го гасат пожарот на автомобил, кој се запалил при еден од нападите врз БелгородФотографија: Russia Emergency Situations Ministry via Telegram/AP/picture alliance

Руските власти ги евакуираа првите 300 жители на Белгород во соседните градови, откако градот повторно беше  цел на гранатирање од страна на војската на Украина. Белгород, со околу 350.000 жители на границата меѓу Русија и Украина, речиси секој ден е цел на украински напади околу две недели. Тоа е одговор на засилените руски напади врз Украина.

Најсилниот ракетен напад досега врз центарот на градот Белгород се случи на 30 декември 2023 година. Загинаа 25 лица, меѓу кои четири деца. Повеќе од 100 луѓе се ранети. Москва нагласува дека немало воени објекти во центарот на Белгород и дека се работи за целен напад врз цивилна инфраструктура.

Украинската армија, пак, неофицијално соопшти, а според медиумите, нападот бил насочен кон руски воени објекти, но дека шрапнелите паднале во центарот на Белгород поради „фатална грешка“ во работата на рускиот систем за воздушна одбрана.

Урнатини во Белгород- честа слика во градот од крајот на декември 2023
Урнатини во Белгород- честа слика во градот од крајот на декември 2023Фотографија: Pavel Kolyadin/TASS/dpa/picture alliance

Населението изненадено

Ден претходно, на 29 декември, десет региони на Украина беа изложени на широко распространет руски ракетен напад. Според податоците на украинските власти, повеќе од 40 луѓе загинале, а најмалку 150 се ранети. Откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, украинските градови беа речиси секојдневно под оган од руска артилерија, проектили и беспилотни летала.

Гранатирањето на Белгород од страна на украинската армија беше целосно изненадување за многу луѓе во градот, вели за Дојче веле 24-годишната Кристина (името е сменето, бидејќи жената би сакала да остане анонимна, забелешка на уредникот). Нејзиниот стан е во центарот на градот, но нејзината куќа била поштедена на 30 декември – за разлика од соседната куќа, која била погодена со многу шрапнели.

Оттогаш од Украина речиси секој ден се пука во нејзиниот роден град, се жали Кристина. Во различни делови од градот паднале гранати и шрапнели, а експлозии се слушнале и во нејзиниот стан. Во такви моменти таа се крие во бањата со нејзината мајка и помалата сестра. Семејството неколку пати одело и во подрумот. „Но, не сакав повеќе да одам таму. Подобро е да умрете веднаш отколку да лежите под урнатините на куќата“, вели таа.

Оштетена зграда во Белгород по украински напад на крајот на декември
Оштетена зграда во Белгород по украински напад на крајот на декемвриФотографија: Pavel Kolyadin/ITAR-TASS/IMAGO

Кристина додава дека и онака нема време да се оди во подрум, бидејќи сирените се огласуваат дури откако ќе почне бомбардирањето. Градот има проблеми и со засолништата. Граѓаните на социјалните мрежи објавија фотографии од некои објекти кои останале затворени и по гранатирањето на 30 декември. Локалните власти, меѓутоа, пред една година соопштија дека подготвиле 1.700 засолништа за итни случаи.

„Тажна тишина“

„Градот падна во тажна тишина“, вели Кристина, опишувајќи го расположението во Белгород. „На улиците нема гужва. Трите најголеми трговски центри повеќе не работат. Јавен превоз има помалку од порано. Сите настани се откажани.“ Од друга страна, курсевите за прва помош се добро посетени.

Дваесетгодишниот студент Роман Јефимов како волонтер им помага на жртвите од украинското гранатирање. Роман сортира и испорачува помош. За ДВ вели дека ретко се осмелува да излезе на улица. Сепак, тој нема да го напушти Белгород, бидејќи „нема каде да оди“. И семејството на Кристина останува во градот, бидејќи мора да ја чуваат старата баба. „Таа веќе никаде не оди. Не можеме да ја оставиме тука сама.“

Најголемиот дел од жителите на Белгород зимските празници ги поминаа дома. Некои размислувале да ја напуштат земјата. Но, билетите за воз за Москва биле брзо распродадени веќе во првите денови од јануари. Помалите населби околу градот се сметаат за безбедни места за бегство. „Но, колку долго ќе продолжи бомбардирањето“, се прашува еден од жителите на градот во разговорот за ДВ.

На социјалните мрежи се зборува за причините за украинското гранатирање на градот. Во групата наречена „Во Белгород“ на најголемата руска социјална мрежа ВКонтакте, слична на Фејсбук, некои корисници бараат да се прекине таканаречената специјална воена операција, како што во Русија официјално се нарекува војната против Украина. Други, пак, го критикуваат Кремљ што не прогласи национална жалост по нападот на 30 декември.

Уништен автомобил во рускиот град Белгород на 30 декември, 2023
Уништен автомобил во рускиот град Белгород на 30 декември, 2023Фотографија: Press Office Of The Belgorod Reg/picture alliance

Барања за одмазда

Меѓутоа, сѐ почести се повиците за „одмазда“, „окупација на Харков“ и гранатирање на украинските градови. „На Киев!“ – пишува еден корисничка во четот. „Ова е тоа што сега го доби Белгород како одговор на гранатирањето на шест украински градови на 29 декември“, ѝ противречи друга.

Кристина од Белгород вели дека еден познаник ѝ испратил слика од фронтот. Може да се види како руската армија пишува на гранатите „За Викторија Потрјазаева“. Ова е мајката на две мали деца убиени во гранатирањето на Белгород.

Кристина забележува горчина од двете страни, и кај Русите и кај Украинците. „Имав навистина добри, либерални пријатели. Но, и меѓу нив има такви кои на крајот велат: бомбардирајте ги да не пукаат на нас.“ Тоа е „многу болно и горко“, признава младата жена.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема