1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици производи станаа луксуз преку ноќ

ДТЗ
6 октомври 2023

Поскапуваат чипсот, сладоледот, фефероните..и уште стотици други производи. Некои не се здрави, а други се сметаат за луксуз. За десетина производи Владата може да се пишмани и да ја намали цената

https://p.dw.com/p/4XCiS
маркет
Стотици производи станаа луксуз преку ноќФотографија: Petr Stojanovski

Стотици производи станаа луксуз преку ноќ, по одлуката за зголемување на ДДВ од 5 на 10 проценти. Маркетите од денеска забрзано ги менуваат цените на производите. Продавачите велат дека не можат да пофатат крај со крај - додека на одредени производи со денови им лепеа намалени цени со ознаката „гарантирана цена“, сега речиси неколкукратно е поголема листата на производи на коишто треба да им се зголеми цената. Во пресрет на поскапувањето, граѓаните поитаа да направат залихи од чипсови, намази, кроасани, замрната риба, храна за бебиња коишто се сметаат за луксуз. 

Што поскапува? 

Различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Ова се дел од производите кои од денеска се продаваат по повисока цена.

Според Министерството за финансии, листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% не се дел од секојдневната трпеза, а дел од нив не се препорачуваат за човековото здравје. Исто така поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата.

Но, на листата се најдоа и цвеклото, млечни намази и други производи за коишто надлежните најавуваат дека е можна измена на одлуката за нивно поскапување.  

Фатмир Битиќи
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најавува измена на одлуката за барем десетина производи Фотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Корекција на одлуката 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека граѓаните најмногу реагираат за зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто за 10 прехранбени производи од вкупно 2.000 групи на производи кои се опфатени со одлуката и вели дека нема никаков проблем Владата уште на наредната седница во вторник да направи измена на одлуката за тие производи. 

„Навистина не влегуваме во дефинирање што е луксуз, за кого е луксуз. Може да е пропуст во еден момент, може да не е. Од реакциите што ги гледам од вчера граѓаните најчесто реагираат за 10 производи од 2.000 групи на производи коишто се опфатени со одлуката. Затоа сметам дека за 10 производи нема никаков проблем да направиме измена на одлука, рече Битиќи пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во Скопје.

Според него, со одлуката за големување на ДДВ се опфатени 358 категории на производи.  

Реакции 

Во четвртокот Владата ја донесе листата на производи кои треба да се оданочуваат со 10% ДДВ наместо 5%. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека во листата се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година.

храна
Чипсот, сладоледот, мастиките не се здрави и станаа луксузна хранаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Според нив, поскапуваат замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, растителните сирења и намази ќе бидат дополнително оданочени. Поскапи ќе бидат и лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли кои станаа луксуз.

Поскапува и храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видиви бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините.

„Министрите во неколку дена за едни исти производи ги замрзнаа цените бидејќи се основни прехранбени производи, а во исто време ги ставија и на листа на луксузни производи. Има ли капетан на бродот или сидрото силно влече напред, ама кон дното?“, вели Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.