1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што говори кризата во Фолксваген за германската економија

Ник Мартин
14 септември 2024

Кратењето работни места и можното затворање на фабрики во најголемиот германски производител на автомобили се симптом на пошироката слабост на најголемата европска економија.

https://p.dw.com/p/4kSsD
Тмурни облаци над најголемиот германски производител на автомобили, Фолксваге
Тмурни облаци над најголемиот германски производител на автомобили, ФолксвагенФотографија: Matthias Rietschel/dpa/picture alliance

Предупредувањето на Фолксваген минатата недела за кратења на работните места и потенцијално затворање на производствената линија на неговиот домашен пазар, за првпат во 87-годишната историја на групацијата, предизвика шок во земјата.

Мрачните облаци за најголемиот германски производител на автомобили, сепак, се формираа веќе неколку години, поради зголемените трошоци за производство, послабата домашна економија по Ковид-19 и интензивната конкуренција од Кина. Неуспешната стратегија за електричните возила на Фолксваген (ФВ) ги зголемува проблемите на компанијата со приходите.

Производителот на автомобили сега мора да направи околу 10 милијарди евра заштеда на трошоците во наредните три години, што може да значи губење на илјадници работни места и веројатно затворање на некои од неговите 10 германски производни линии.

Германските ривали фаќаат чекор

Болните реформи на ФВ може да се гледаат како дел од пошироките предизвици со кои се соочува германската економија од 4,2 трилиони евра, каде што прекините во синџирот на снабдување, енергетската криза - особено поради намалувањето на испораките на руски гас - и губењето на конкурентска предност му наштети на растот.

Германски Фолксваген произведува дел од своите возила за европскиот пазар во Кина
Германски Фолксваген произведува дел од своите возила за европскиот пазар во КинаФотографија: Barbara Orth/DW Design

„Фолксваген го претставува успехот на германската индустрија во последните девет децении“, изјави минатата недела за ДВ Карстен Брзески, главен економист на ИНГ банка за Германија. „Но, оваа приказна ни кажува што може да ѝ направат на економијата четири години економска стагнација и 10 години влошена меѓународна конкурентност. Тие ги прават инвестициите помалку привлечни.“

Германската економија се намали за 0,3 отсто минатата година, според националната статистичка агенција Дестатис. Три водечки економски институти предвидоа зголемување од 0 насто на бруто домашниот производ (БДП) во 2024 година. Ова е во спротивност со 10-те последователни години на раст кои Германија ги доживеа пред пандемијата на коронавирусот - нејзиниот најдолг период на раст од повторното обединување во 1990 година.

Дали се избројани деновите на германската индустрија?

Бомбата на ФВ, заедно со негативните вести за другите германски индустриски гиганти - вклучувајќи ги БАСФ, Сименс и ТисенКруп - помогнаа да се поттикне наративот дека можеби најдобрите денови на Германија се зад неа и дека економскиот пад е неизбежен.

„Објавата на ФВ секако е симптом на поширока слабост во германската индустрија, отколку изолиран случај“, вели за ДВ Франциска Палмас, виш европски економист во лондонскиот Капитал Економикс, истакнувајќи дека индустриското производство во јули изнесувало речиси 10 отсто под неговото ниво на почетокот на 2023 година и колку индустриското производство за 6 години е во надолен тренд.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Како за прашањата кои го засегаат германскиот автомобилски сектор, Палмас зборуваше и за „трајното губење на производствениот капацитет во енергетската интензивна индустрија“ од енергетската криза во 2022 година, поттикната од руската инвазија на Украина. Капитал Економикс очекува уделот на индустрискиот сектор во германскиот БДП „да продолжи да опаѓа во наредната деценија“.

Подемот на популизмот ги попречува реформите

Суда Дејвид-Вилп, директор на берлинската канцеларија на тинк-тенкот Германски Маршал фонд, смета дека проблемите во земјата се резултат на неподготвеноста на последователните влади да ги истуркаат неопходните, но болни реформи. Меѓу причините, рече таа, е подемот на партиите како екстремно десничарската Алтернатива за Германија во последната деценија.

„Годините на Меркел беа прилично лагодни и Германија беше доволно богата за да се движи низ кризата со Ковид“, вели Дејвид-Вилп за ДВ. „Но, со порастот на популизмот, етаблираните партии сакаат да се погрижат Германците да се чувствуваат безбедно на економски план, за да не станат плен на партиите што предизвикуваат страв.“

Меѓутоа, овој вид стратегија само го одложува неизбежното, бидејќи економските спротивставени ветрови од конкурентите со пониска цена продолжуваат да го намалуваат германскиот удел во глобалниот економски колач. Влошените геополитички прашања, во меѓувреме - особено меѓу Западот, Русија и Кина - се закануваат дополнително да ја закочат глобализацијата, од која Германија имаше најголема полза.

Реформите во Фолксваген - „последен повик за будење“

„Светот се менува и нашите извори на економски раст се менуваат“, вели Бјеске од ИНГ. „(Проблемите на ФВ) треба да бидат последниот повик за будење за германските креатори на политики да почнат да инвестираат и реформираат за земјата повторно да стане поатрактивна“.

Колку брзо може да се случат овие реформи останува неизвесно, бидејќи таканаречената должничка кочница на Германија - која го ограничува годишниот структурен буџетски дефицит на 0,35% од БДП - и внатрешните борби меѓу коалициските партнери на канцеларот Олаф Шолц околу буџетот за 2025 година, значи дека има малку простор за поголем фискален стимуланс.

И покрај бранот негативни вести, Германија останува клучна локација за меѓународни инвестиции. Во изминатите 18 месеци, компании како Гугл, Мајкрософт, ЕлиЛили, Амазон и кинескиот производител на автомобили БИД (BYD) најавија големи планови за вложувања.

Берлин издвои субвенции од околу 20 милијарди евра за зајакнување на домашниот сектор на полупроводници, особено во источна Германија, поддржувајќи ги инвестициите на тајванскиот производител на чипови ТСМЦ и на американскиот Интел.

Германија привлече инвестиција на ТСМЦ во нова фрабрика за производство на чипови во близина на Дрезден со милијарди државни субвенции
Германија привлече инвестиција на ТСМЦ во нова фрабрика за производство на чипови во близина на Дрезден со милијарди државни субвенцииФотографија: Jasmin Beisiegel/dpa/picture alliance

На повидок новата насока на германската економија

Биотехнологијата, зелените технологии, вештачката интелигенција (ВИ) и одбранбената индустрија се други растечки сектори за германската економија, кои владата може дополнително да ги поддржи додека ја изработува својата нова индустриска стратегија, изјави Дејвид-Вилп за ДВ.

„Не е сè само пропаст и мрак. Пред нас има патишта за раст“, ​​рече таа. „Нештата треба да се влошат пред да се подобрат, а ова чувство на иновација треба повторно да се разгори“.

Овие реформи, меѓутоа, најверојатно ќе треба да почекаат до следните парламентарни избори, закажани за септември 2025 година, на кои мошне веројатно владината коалицијата на канцеларот Шолц - составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите(ФДП) - ќе биде сменета.

Сегашните маки се потсетник на германската економска слабост кон крајот на 1990-тите и раните 2000-ти, кога земјата го доби прекарот „Пациентот на Европа“.

Министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) порача дека овој назив не е соодветен, велејќи им на делегатите на Светскиот економски форум во јануари дека Германија наместо тоа е „заморен човек“ на кој му треба „добра шолја кафе“ од структурни реформи.