1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што знаат германските тајни служби за Русија и војната?

18 октомври 2022

Руската инвазија на Украина ги окупира интензивно тајните служби во Германија. Безбедносните власти ја гледаат и Германија како цел на шпионажа и закани.

https://p.dw.com/p/4IJcO
Војната во Украина е голем предизвик за тајните служби
Војната во Украина е голем предизвик за тајните службиФотографија: Ivan Alvarado/REUTERS

Константин фон Ноц со години гледа критички на работата на германските безбедносни власти. Како претседател на парламентарната Комисија за контрола на работењето на тајните служби, политичарот на Зелените на 17 октомври во Берлин кажа реченица што не треба да изненадува: „Војната во Украина во моментов нè окупира особено интензивно“.

Наспроти него и останатите членови на Комисијата седи трио, кого ваквата изјава особено го погаѓа: Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот (БфВ), Бруно Кал, прв човек на Сојузната разузнавачка служба (БНД) и Мартина Розенберг, која ја предводи Сојузната канцеларија за Воената контраразузнавачка служба (БАМАД).

Посебното во оваа нивна средба е што тие три часа јавно зборуваат за последиците од војната во Украина и за опасностите како што се десничарскиот екстремизам или индустриската шпионажа. Тоа инаку го прават редовно зад затворени врати, во подземна просторија на Бундестагот. Тогаш се зборува за работи кои се апсолутно тајни.

Првите луѓе на тајните служби пред Комисијата за контрола на работењето на тајните служби во Бундестагот, 17.10.2022
Првите луѓе на тајните служби пред Комисијата за контрола на работењето на тајните служби во Бундестагот, 17.10.2022Фотографија: Nikita Jolkver/DW

БНД предупредува од натамошно насилство на Путин

Иако претставниците на медиумите и заинтересираните посетители во галеријата за гледачи не слушаат никакви спектакуларни вести, тие добиваат нејасна претстава за тоа што ги загрижува тајните служби по нападот на Владимир Путин на Украина.

БНД, на чие чело од 2016 година е Бруно Кал, е одговорна за разузнавање во странство. Кога Кал ја презеде функцијата, Русија веќе две години го имаше анектирано полуостровот Крим. Кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари годинава, самиот Кал беше во Киев. Неговата служба беше обвинета дека не предупредила како што треба од опасноста од војната, за разлика од американските тајни служби. Кал не сака да го прифати тоа и вели дека БНД секогаш истакнувала оти Путин ќе продолжи да користи насилство „за да ги постигне своите политички цели“.

Како докази, претседателот на БНД, покрај припојувањето на Крим и регионот Донбас, ги споменува и војните во Чеченија, Грузија и Сирија. Затоа, руската агресија врз Украина не била изненадување за оваа тајна служба. Големи делови од германското население, меѓутоа, дури тогаш беа „потресени“, нагласува Кал.

Во јавниот дискурс во последните неколку децении, за жал, вообичаена практика беше „постојано да се игнорираат и потиснуваат вистинските закани и да се отфрлаат соодветните предупредувања од безбедносните власти како застрашување и придавање важност на себеси“, критикува Кал.

Томас Халденванг, Мартина Розенберг и Бруно Кал (од л. кон д.)
Томас Халденванг, Мартина Розенберг и Бруно Кал (од л. кон д.)Фотографија: Mike Schmidt/IMAGO

Руски обиди за да се „подели општеството“

Шефот на БНД ги опишува постапките на шефот на Кремљ, Владимир Путин, како пресметка на трошоци и добивка: политички, воено и економски. Многу експерти сега се сигурни дека во дефанзива турнатиот руски претседател, можеби направил погрешна пресметка.

За Бруно Кал, 24 февруари 2022 година, нападот на руските трупи на Украина со кршење на меѓународното право е пресвртница што ќе влијае на сите тајни служби. Таков е ставот и на претседателот на Канцеларијата за заштита на Уставот, Томас Халденванг. Русија се обидува да ги поткопа темелите на демократијата и тоа има влијание врз домашната безбедност, оценува Халденванг. Секоја тема, според него, се користи за „поделба на општеството“: Корона, инфлација - „комплетна програма“.

Дронови над базите на Бундесверот?

Руската пропаганда, вели Халденванг, е значително поофанзивна и поагресивна од почетокот на војната. Неговата служба забележува зголемување на шпионирањето на опозиционерите. Претседателот на Службата за заштита на Уставот не се сомнева дека режимот на Путине подготвен да убива во странство.

Контролорот на работењето на тајните служби Константин фон Ноц, смета дека и извештаите за мини-дронови, за кои се вели дека биле забележани во базите на Бундесверот, се потенцијално голем безбедносен проблем. Особено што се работи за локации каде што украинските војници се обучуваат за ракување со вооружени системи.

Меме кучиња се борат против Русија?!

„Треба да преземеме нешто, затоа што тоа е вистинска закана“, вели Мартина Розенберг, претседателка на Воената контраразузнавачка служба. Иако на Русија не може директно да ѝ се префрлат конкретни обиди за шпионажа, веројатноста за тоа е многу голема.

- повеќе: Каде се руските шпиони?

„Русија е бурата, Кина е промената на климата“

Друг голем предизвик за разузнавачките служби е Кина, која постојано се споменува во јавното испрашување. Според Мартина Розенберг, шпионските активности на азиската суперсила со години се „на високо ниво“. Шефот на БНД, Бруно Кал, исто така, смета дека Кина е една од најголемите закани, заедно со Русија и меѓународниот тероризам. Претседателот на Службата за заштита на Уставот, Томас Халденванг, користи слика, која, како што вели, е вообичаена во разузнавачките кругови: „Русија е бурата, Кина е промената на климата.“