Што уште може да направи канцеларот Олаф Шолц?
19 ноември 2024Помеѓу конфронтациите со неговиот поранешен министер за финансии, минатата недела за време на неговиот на моменти лут говор во Бундестагот, канцеларот Олаф Шолц се обиде во исто време да испрати помирувачки тонови до опозицијата: „Мојот предлог, мојот апел до овој дом е: каде што имаме унифицирано мислење, ајде да се однесуваме единствено. Тоа би било добро за нашата земја“, рече Шолц пред Бундестагот . Веднаш потоа потсети на некои од многуте предлог-закони кои во моментов се заглавени во парламентот, а кои би сакал да ги протурка пред крајот на мандатот - меѓу нив заштитата на Уставниот суд, зголемувањето на детскиот додаток и намалувањето на даноци.
Зборовите на Шолц беа главно насочени кон опозицискиот блок од десниот центар, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Тие сега, по распаѓањето на коалицијата на Шолц со Либералите (ФДП) , ги држат клучевите на политичкото мнозинство во Бундестагот.
Фридрих Мерц, лидер на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ (и всушност сега канцелар во очекување), го предупреди шефот на германската влада дека неговата партија нема да биде „резервен играч за вашата распадната коалиција“. Сепак, како што забележуваат набљудувачите, постои простор за соработка меѓу страните. За еден или два од нацрт-законите, партијата на Мерц ќе треба да бидат заинтересирана за да бидат усвоени пред изборите во Бундестагот на 23 февруари 2025 година.
Ризици за ЦДУ
Еден закон, всушност, веќе беше усвоен во четвртокот, со поддршка од сите партии во Бундестагот, освен екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и социјалистичката Левица: закон со кој се регулира наследството на фармите. Но, тој е релативно мал и може да се покаже како исклучок, бидејќи соработката со Шолц претставува тактички ризик за ЦДУ во претстојната изборна кампања.
Урсула Минх, директор на независната Академија за политичко образование од Туцинг, верува дека во следните неколку недели ЦДУ ќе се обиде што помалку да соработува со малцинската влада на Шолцовите социјалдемократи (СПД) и Зелените .
„Дури и во однос на оние закони за кои ЦДУ би можела да смета дека вреди да се усвојат, таа секогаш ќе чувствува притисок да не го подобрува имиџот на Шолц на овој начин“, рече Минх за ДВ. Мерц, исто така, ќе биде свесен дека секоја таква соработка ќе го изложи на напади од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и популистичкиот Сојуз на Сара Вагенкнехт (BSW), кои не пропуштаат можност да ги претстават ЦДУ и СПД како неразделни делови од истиот мејнстрим „картел“ на политичките елити.
Загарантирано усвојување: заштита на Уставниот суд
Засега сигурно е дека еден од големите планови на Шолц сигурно ќе добие поддршка од ЦДУ/ЦСУ: оној за највисокиот суд во Германија.
Тој предлог-закон, во чие подготвување учествуваа пратениците на ЦДУ, ќе обезбеди дека бројот на судии (16), нивниот мандат (12 години) и нивната максимална возраст (68) ќе бидат фиксирани во германскиот устав. Истовремено, со посебен предлог закон се дефинираат алтернативни начини за избор на судии, доколку дојде до ќорсокак во германскиот парламент.
Тие закони ефективно ќе ја спречат АфД - или која било друга партија која ќе освои повеќе од една третина од местата во Бундестагот - да го блокира изборот на нови судии на Уставниот суд или да ги промени правилата што го дефинираат. Со оглед на тоа што АфД може значително да го зголеми бројот на членови во Бундестагот на изборите во февруари, се смета дека е од витално значење законот да биде усвоен сега.
Добри шанси: даночни олеснувања и поддршка за Украина
Но, за сè друго што Шолц планираше се потребни преговори - и ЦДУ/ЦСУ веќе рекоа дека ќе ги започнат тие разговори само откако Шолц ќе ја почне процедурата за нови избори и ќе изгуби на гласањето доверба на владата на 16 декември.
Поддршката на Германија за Украина засега е сигурна работа, бидејќи и СПД и ЦДУ и Зелените се согласуваат дека тоа е неопходно. Сепак, поранешната коалициска влада не успеа да го договори буџетот за 2025 година (затоа и се распадна), што значи дека уште не е договорена дополнителна поддршка за Украина - иако тоа не влијае на досегашните одлуки. Затоа Шолц се надева дека ЦДУ ќе се согласи побрзо да испрати повеќе пари во Украина, иако тоа се уште е предмет на дискусија.
Друг проект што би можел да добие поддршка од ЦДУ е изнаоѓање дополнителни пакети помош за поддршка на германската индустрија. Ова беше главна тема на говорот на Мерц во средата во Бундестагот, но и пред тоа на т.н. „самит на индустријата“ во октомври, на кој присуствуваше и Шолц, кога водечките индустриски здруженија се пожалија на високите трошоци за енергија во Германија. Шолц сака да наметне ограничувања на трошоците за енергија за индустријата, а Мерц би можел да биде подготвен да го стори тоа, но само ако оцени дека тоа е толку итно што не може да чека додека тој стане канцелар.
Исто така, планот што има шанса да помине во Бундестагот, без разлика дали ЦДУ и ЦСУ го поддржуваат или не, е намалувањето на даноците за да се спречи појавата на т.н. „ладна прогресија“ - феноменот каде што зголемувањето на платите ги турка они што заработуваат во повисоки даночни давачки, што всушност предизвикува пад на нивните нето приходи. Тоа може да доведе до намалување на потрошувачката и таканаречен „фискален отпор“ во економијата.
Тоа даночно олеснување беше барање на Либералите, од кои сега се очекува да го поддржат планот, и покрај острите поделби за други прашања. Тоа наводно ќе чини 23 милијарди евра, што значи дека би можело да остави дупка во финансиите на владата.
Во сличен статус е и „Дојчландтикет“ (Deutschlandticket) , билет за цела Германија што овозможува патување со целиот локален и регионален превоз по фиксна цена. Владата веќе одлучи да продолжи со него, но цената на билетот од 49 ја покачи на 58 евра месечно. ЦДУ и ЦСУ најавија дека ќе поддржат континуирано финансирање на овој билет.
Мали шанси: пензиска реформа, зголемување на детски додаток, билет за превоз
Шолц веројатно ќе мора да се збогува со многу свои големи планови. Пензиската реформа, изготвена од Министерството за труд предводено од неговата СПД, би значело дека нивото на пензија ќе се задржи на 48 отсто од просечниот личен доход до 2039 година.
Пакетот вклучуваше и воведување пензии засновани на акции, што треба да го олесни системот за пензиско осигурување со користење на приход од фонд од 200 милијарди евра финансиран со заеми и берзански инвестиции. И ЦДУ и либералите јасно ставија до знаење дека нема да го поддржат предлогот, тврдејќи дека одржувањето на пензиите на високо ниво ќе ги загрози помладите генерации.
Друг план на СПД, кој сега изгледа малку веројатен, е зголемување на детскиот додаток од 250 на 255 евра месечно. Тоа веројатно ќе треба да го почека донесувањето на буџетот за 2025 година на следната собраниска седница. Бундестагот теоретски би можел да го усвои по посебна процедура, но, како што оценува Урсула Минх, „мислам дека ЦДУ нема да му ја направи таа услуга на Шолц“.
Месечната карта во моментов е заеднички субвенционирана од федералните и покраинските влади, но за проширување на шемата ќе биде потребна реформа на тој договор. Некои покраини предводени од конзервативците од редовите на ЦДУ и ЦСУ, како што е Баварија, би сакале таа целосно да се укине.
*Овој тескт е првично објавен на англиски јазик