1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што не чека во новата 2024 година?

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
26 декември 2023

Ако победниците немаат 80 пратеници ќе ја гледаме истата трагична драма на блокади. Ако пак имаат контрола на над 80 пратеници ете ти страховлада, режим и заробена држава. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4aZqj
Македонското знаме
Македонското знамеФотографија: Government of Republic of North Macdonia

Ако првиот одговор на претенциозниот наслов на оваа последна моја овогодишна колумна ви е: не знам, не очекува голема неизвесност вие сте реален човек. Тоа е според некои оценки карактеристика на добро информиран оптимист, дистанциран од партиските постојани и особено предизборни кампањи. Други гатачи тој одговор за големата неизвесност што не очекува  го квалификуваат како на лошо информиран песимист. Во секој случај тоа е одговор кој дозволува најмалку грешка, но е далеку под очекување на загрижената јавност која бара појасна слика за иднината.

Вистинските одговори на најважните прашања за иднината на државата што ги очекуваат  граѓаните би биле кој ќе победи на парламентарните и претседателски избори и кој ќе формира влада. Како тоа ќе се одрази на животот, на стандардот, на развојот на државата, на преговорите со ЕУ. Дали ќе бидат донесени уставните измени и што ако не ги донесе новиот параламентарен состав.

Ако им веруваме на изјавите на политичките лидери кои се клучни играчи на политичката сцена и на бројните анкети на јавното мислење тогаш победникот е веќе познат. Тоа е таа позната партиска стратегија да се прогласи победа повеќе месеци пред избори оти најприсутната идеологија во Македонија е да се биде на страна на победникот. Ако не успее да погоди кој ќе победи пред избори, може лесно да се прелета од една на друга страна по изборите. Ако тоа го прават партиите, зошто не би го правеле и граѓаните макар биле и партиски клиенти. Пак ќе си бидат тоа само што газдата се менува. 

Мицкоски прв се виде во премиерската фотеља 

Да одиме со ред според хронологијата на прогласување на победата. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски прв, уште пред две години, веднаш по локалните избори и по оставката на премиерот Зоран Заев, се виде себе си на премиерското место, по прогласената голема победа на предвремени параламентарни избори кои не се одржаа. Но, затоа успеа цели две години да ја одржува тензијата до пет месеци пред редовните избори што ја гарантира победата и на парламентарните избори на ВМРО ДПМНЕ и на следниот претседател на државата предложен од партијата. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа е тој домашен есап на Мицкоски кои го потврдуваат и анкетарите на одушевување на нарачателите и на предвреме прогласениот победник на изборите. Така, новиот премиер осамна пред јавноста прилично осамен на врвот на ранг листата  како најпопуларен политичар со процент на доверба од 13 отсто. Тој процент на доверба во многу демократски земји означува итна оставка од лидерската позиција во партијата. Кај нас утехата на нискиот процент на доверба кај граѓаните и радоста на цели 13 проценти е во тоа што противкандидатите се многу полоши. Не се ни половина од тоа. 

Така се забошотува податокот дека околу 60 проценти од граѓаните не веруваат на ниту еден партиски лидер, а над 40 отсто велат дека нема да гласаат. 

Ковачевски: ќе бидам премиер на проевропската влада 

Вториот кандидат кој е убеден дека ќе продожи да работи како премиер е лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Неговата последна изјва во врска со изборите е со нагласена категоричност, не толку  за тоа кој ќе победи, туку кој ќе формира влада и кој ќе биде премиер. Еве што ветува Ковачевски: 

На парламентарните избори, пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска Влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија во Европската Унија. И идниот претседател на државата ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата.Тоа е моето ветување.

Како го образложува  ова свој оптимизам премиерот Ковачевски: знам дека во ДПМНЕ има анкета на која 80 отсто од граѓаните не можат да препознаат што е политиката на оваа партија во однос на интересот на граѓаните, затоа мора сами да си пишуваат анкети, да им биде полесно, да им тргне денот“. 

Лидерот на СДСМ и актуелен македонски премиер Димитар Ковачевски
Лидерот на СДСМ и актуелен македонски премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Отсуството на одговор од ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски што е нивната политика навистина ја прави прилично нејасна позиција кои ќе бидат одлуките ако победат на изборите и формираат влада. Дали ќе најдат подобри решенија за уставните измени и дали ќе продолжат преговорите со ЕУ, или ќе понудат други патишта за иднината на Македонија. 

Оваа конфузија може лесно од самопрогласени победници повторно да ги врати во опозиција како  најголеми губитници, што веќе се случи на изборите 2016 година. 

Нејасната определба на ВМРО ДПМНЕ до овој момент околу најважните прашања од државен интерес ја враќа партијата на истите позиции како и секогаш кога се наоѓаат граѓаните и државата пред историски одлуки. Не е можно и натаму да се стекнуваат поени само на критика на злоупотребите на власта без да се понудат кокретни решенија. 

Што е тешко да се признае пред избори 

Досегашните обиди во стилот и ние сме за реформи и за членство во ЕУ ама не под бугарски диктат, за некаква бессмислена опасност од бугаризација и асмилација. Тоа се веќе преџвакани безвредни фрази. Неопходни се јасни и конкретни програмски решенија. Меѓутоа, како сега стојат работите, ако се обелоденат можат да ја направат целосно бесмислена стратегијата да не се донесат уставните измени затоа што нема двотретинско мнозинство во Собранието, односно поради блокадата на ВМРО ДПМНЕ. 

Тешко е сега пред избори да се каже ние ќе ги донесеме уставните измени и Бугарите ќе влезат во уставот. Уште потешко да се признае дека нема да ги поништиме ниту Преспанскиот договор, ниту Договорот за доброседство со Бугарија. А, најтешко, не можеме ни точка, ни запирка да промениме од преговарачката рамка со ЕУ. Единствено што можеме да кажеме е дека ќе ги натераме Бугарија и ЕУ да ни попуштат поради нашата силна аргументација дека ни се прави неправда. Но, за ова ќе зборуваме по изборите. Ако е ова намерата, тогаш, од лошо полошо. Ако пак се планира воопшто да не се донесат уставните промени, да не продолжат преговорите со ЕУ, да се бараат трети патишта тогаш тоа е таа политика на салто мортале и за ВМРО ДПМНЕ и за Мицкоски и за Македонија.

Македнските граѓани во 2024 ќе гласаат на двојни избори
Македнските граѓани во 2024 ќе гласаат на двојни избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

И третиот голем играч на сите избори последните 20 години кој со помалку пратеници и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ има најсилни позиции е лидерот на ДУИ  Али Ахмети. И тој, се разбира, најавува победа како и другите. Партнер е во коалицијата за европска Македонија, но најсилните адути ќе ги понуди ако биде јазичето на кантарот што ќе ја одреди победата на праламентарните избори. 

Со и без 80 пратеници под контрола 

Е сега да ги видиме најизгледните изборни резултати гледани од денешен аспект пет месеци пред избори. Прво многу е извесно дека победата на коалицијата за европска Македонија и на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ не гарантираат двотретинско мнозинство во Собранието. Ако победниците немаат 80 пратеници ќе ја гледаме истата трагична драма на блокади. Демек немате 80 гласа и ете ти ја кутра Македонија во очајната чекална на патот за Европа каде поради политичари кукавици чекаме повеќе од  25 години. Ако пак победниците обезбедат контрола над 80 пратеници тогаш ете ти страховлада, режим и заробена држава. Угоре високо, удолу длабоко.

Со името БЈРМ можевме пред 20 години да бидеме членки и на НАТО и на ЕУ, без промена на уставното име. Денес по 20 години членство во овие два најголеми светски сојузи како просперитена држава без големи потреси и со добра дипломатија светот немаше да го употребува бессмисленото име на држава која не постои и која во својот Устав се вика Република Македонија. 

Истото може да ни се случи и по 20 години кога некој ќе пишува на вчудоневидување на жителите во големиот пензионерски дом „ Северна Македонија“  дека сме ја испуштиле шансата поради Бугари во уставот да не бидеме членка на ЕУ.     

Пленарната сала на македонското Собрание
Пленарната сала на македонското СобраниеФотографија: Petr Stojanovski/DW

За секој случај ја консултирав и вештачката интелегенција за да биде барем малку појасно. Еве што вели ВИ на прашањето: Кои се вашите предвидувања, што ќе се случи со Северна Македонија во 2024 година? 

-„Како јазичен модел за вештачка интелигенција, немам способност со сигурност да ја предвидам иднината."

Натаму следуваат десетици страници со различни сценарија кои се веќе добро  познати во Македонија. Крајниот закључок е без уставни измени и продолжување на преговорите и храбро  остварување на реформите Македонија оди во ќорсокак, во голема неизвесност. И ВИ потврдува дека тоа е најточниот одговор на прашањето од насловот на текстот. Среќна нова 2024. Ќе ни треба многу среќа кога нема доволно памет и храброст. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.