1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде важно во 2023 година?

Тимоти Рукс
6 јануари 2023

Некои важни приказни беа занемарени во 2022 година поради големи збиднувања. Ги разгледуваме оние кои можеби не ви паднале в очи, но би можеле да бидат важни во 2023 година.

https://p.dw.com/p/4LZwU
полнач
Еден полнач за сите уреди Фотографија: Jens Büttner/dpa-Zentralbild/picture alliance

Една криза се претвори во друга, вестите се преклопуваа една со друга со такво темпо што беше тешко да се следат. Притоа, во текот на 2022 година се случија работи кои би можеле да имаат огромно влијание врз тоа како ќе се облекуваме, како ќе ги полниме нашите телефони, како ќе патуваме и тргуваме во иднина.

Европската унија одлучува за USB-C полнач

Во октомври, Европскиот парламент донесе закон со кој се бара сите паметни телефони, таблети, е-читачи, слушалки и камери да бидат компатибилни со USB Type-C портот почнувајќи од 2024 година. За лаптопите, законот стапува на сила во 2026 година. Тоа значи – еден полнач за сите уреди. 

Откако не успеаја напорите на Европската унија да ја убеди индустријата да донесе сопствени мерки, Брисел ги презеде работите во свои раце. Од Европската комисија велат дека еден полнач ќе им заштеди на клиентите околу 250 милиони евра, бидејќи еден полнач ќе се користи за повеќе уреди. Клиентите ќе можат да изберат дали да купат нов уред со или без полнач, со што ќе се намали електронскиот отпад.

Епл има најмногу работа за да го постигне овој стандард - и најгласно се жалеше. Некои велат дека безжичното полнење во секој случај ќе стане стандард. Дали 450 милиони потрошувачи во ЕУ ќе бидат доволни за да ги убедат производителите генерално да воведат USB-C или компаниите ќе имаат различни системи за полнење за ЕУ ​​и за другите земји?

„Биркеншток“ како луксуз

Гломазните сандали од плута и кожа на Биркеншток се удобни, но дали се модерни? Па, францускиот конгломерат ЛВМХ мисли дека се, затоа што купи контролен удел во компанијата во 2021 година. А, ЛВМХ треба да знае што е луксуз. Тие се сопственици на „Луј Витон“, „Булгари“ и „Диор“. Досега немаше големи промени, а на многу места овие обувки сѐ уште можете да ги купите во продавниците за здрава храна. Компанијата не лансираше ниту една од своите вообичаени привлечни маркетинг кампањи за да ги направи сандалите задолжителни.

Ако сè уште ги сакате старите истрошени кафеави кожени сандали - со или без чорапи - тогаш нема потреба да се плашите. Тие сѐ уште се достапни. Оној чифт сандали што ги носеше основачот на Епл, Стив Џобс, неодамна беа продадени на аукција за над 218.000 долари (207.000 евра). Се очекува зголемување на цената за новите модели, но тоа нема да биде значително.

сандали Стив Џобс
Сандалите на Стив Џобс се продадени на аукција за над 218.000 долариФотографија: AP Photo/picture alliance

Пресуда за менаџерите на „Теранос“

Елизабет Холмс беше суперѕвезда од Силиконската долина. Насловни страници, интервјуа, покана за Белата куќа. И сето тоа затоа што нејзината компанија „Теранос“ ја смислила технологијата за мал уред што може да изврши повеќе од илјада различни дијагностички тестови со помош на само една капка крв.

Се чинеше како револуционерно достигнување. Инвеститорите вложија 945 милиони долари. Во еден момент компанијата имаше книговодствена вредност од девет милијарди долари. Но - таков уред не постоеше. Компанијата беше разоткриена и пропадна во 2018 година, земајќи ги со себе сите вложени пари.

На почетокот на 2022 година, Холмс беше прогласена за виновна по четири точки од обвинението за измама и осудена на 11 години затвор. Во одвоено судење, поранешниот извршен директор на компанијата, Рамеш Балвани, беше прогласен за виновен по 12 точки од обвинението за измама.

Тоа беше редок случај технолошки извршен директор да биде прогласен за виновен за измама - и тоа испрати јасна порака до компаниите ширум светот: внимавајте што ветувате на инвеститорите. Не ветувајте ја Месечината освен ако немате нешто што многу личи на Месечината.

Елизабет Холмс
Елизабет Холмс на судењеФотографија: Vicki Behringer/REUTERS

Во октомври за измама беше осуден и Тревор Милтон, основачот на производителот на електрични камиони „Никола“. И сега основачот на ФТКС, Сем Бенкмен-Фрид, е под истрага по колапсот на неговата берза за криптовалути. Овој зголемен фокус на „големите риби“ може да ги направи поискрени, парите на инвеститорите побезбедни и потрошувачите подобро заштитени.

Воскреснатиот Ербас А380

Преголем е, тешко е да се наполни со патници. Троши прескапо гориво. Ербас А380, најголемиот патнички авион што е во употреба, може да превезува 525 патници. Ги преплави аеродромите и авиокомпаниите. Компанијата „Емирати“ купи речиси половина од 251 авион Други големи авиокомпании купија по неколку. Продажбата беше бавна. Некои авиокомпании се откажаа од тие авиони во раната фаза.

Потоа следеа пандемиски рестрикции за патување. Другите авиокомпании ги повлекоа нарачките или ги отстранија овие авиони од нивните линии. Соочен со таков катастрофален развој, Ербас одлучи да го прекине производството на А380 на крајот на 2021 година.

Неколку месеци претходно, извршниот директор на Луфтханза, Карстен Спор, вети дека неговите А380 се приземјени и никогаш веќе нема да летаат. Но, работите можат брзо да се променат. Бројот на патници се зголемува, а Боинг заостанува во испораката на своите авиони 777.

За да се биде во тек со побарувачката за патување, воскресна А380. Седум компании моментално летаат со нивниот модел А380. Луфтханза моментално вади 4-5 авиони од овој тип од длабоко складиште. Пред само неколку месеци, никој не би се обложил на тоа. Никогаш не вели никогаш.

Ербас А380
Ербас А380Фотографија: John G. Mabanglo/epa/dpa/picture-alliance

Голем напредок во слободната трговија

По долгогодишна дискусија, т.н „Сеопфатен економски и трговски договор" бележи постојан напредок кон ратификација. Познат едноставно како ЦЕТА, договорот за слободна трговија меѓу Канада и ЕУ ги елиминира речиси сите трговски тарифи. Поддржувачите укажуваат на даночни заштеди, посилни права на интелектуална сопственост, признавање на професионалните вештини и леснотијата на движење на работната сила меѓу Канада и Европската Унија.

Канаѓаните го потпишаа договорот во 2016 година, Европскиот парламент во 2017. Оттогаш, многу делови од договорот се имплементирани. Но, за тој целосно да стапи во сила, секоја земја членка на ЕУ мора да ја донесе секоја поединечна мерка.

Германија, со стравот од неквалитетна хлорирана храна, пружи силен отпор. Во декември го стави својот потпис што беше чекор поблиску до реализација. Можеби ќе убеди некои други земји да го сторат истото и да остават послободно да течат стоки и услуги и да донесат просперитет во регионот.