1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По топлотниот бран - поплавите направија пустош

ДТЗ
24 јуни 2024

Поплавени куќи, подруми, гаражи, улици, паднати дрвја, оштетени автомобили, фасади - ова се само дел од последиците од силното невреме со ветер, дожд и град, коешто го зафати Скопскиот и Полошкиот регион

https://p.dw.com/p/4hQqq
поплави
Поплавени куќи, подруми, паднати дрвја, оштетени автомобили, фасади - ова се само дел од последиците од силното невреме (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поплавени куќи, подруми, гаражи, улици, паднати дрвја, оштетени автомобили, фасади - ова се само дел од последиците од силното невреме со ветер, дожд и град, коешто го зафати Скопскиот и Полошкиот регион во неделата (23.06). Центарот за управување со кризи ги евидентира штетите, а екипите непрекинато работат на терен за санирање на последиците од невремето. Досега стотици граѓани пријавиле штети на домовите, возилата, инсталациите за електрична енергија, а поплавени се и градинки, болници и други објекти. 

Центарот за управување со кризи информираше дека во тетовскиот регион на терен се 22 пожарникари со 15 пумпи и целокупна механизација. Етапно се чистат сите поплавени подруми, гаражи, куќи, објекти и други поплавени површини. Патните правци во овој регион се проодни, но на одредени места на коловозите има наноси од кал, песок, камења и друг материјал, што го забавуваат и отежнуваат сообраќајот. 

На повеќе улици во градот забележено е поплавување на голем број подрумски простории. Поплавени се сите подрумски простории на клиничката болница. Има поплавени куќи во село Јегуновце, Фалише,Сиричино, на улицата Благоја Тоска и на други места. Моментално во Тетово сите патни правци се проодни. Засега нема информации за излевање на вода од реките и потоците во полошкиот регион како што се Доброшка Река, Поројска Река, Пена, Вардар и останатите.

Струјата полека се враќа

Поради невремето голем дел од Тетово како и околните населени места се без електрична енергија. На сите кои пријавиле поплавени куќи и подруми им е сугерирано да ја исклучат електричната енергија во својот дом за да не дојде до спој и несакани последици се додека не се испумпа водата од поплавените објекти.

ЦУК информира и за настан од поплавена куќа во Тетово во која слегувајќи по скалите во подрумот сопственичката се лизнала по скалите и се здобила со полесни повреди на главата и крварење. Пружена и е соодветна медицинска помош. Екипи работеа и на извлекување на заглавено семејство во поплавена куќа во општина Јегуновце во село Сиричино.

Според информациите на надлежните институции, полека се средува состојбата со електричната енергија кај домаќинствата коишто останаа без струја.  Заради невремето половина од градот Тетово беше без електрична енергија. Информациите од ЕВН Македонија се дека се врши проверка на мрежата и доколку е се во ред, ќе се пушта електрична енергија дел по дел. 

Невремето предизвика штети и во Скопскиот регион. Во Скопје до изутрината биле примени 42 пријави за паднати дрва на повеќе локации во градот за што се известени дежурните служби во ЈП Паркови и Зеленило, Град Скопје и ЈП Водовод и Канализација. Пријавени се четири случаи за проблеми со напојување со електрична енергија, од кој еден за трансформатор што искрел во Зелениково и за паднати бандери. До ЦУК вчера стигнала пријава и за паднато дрво на кровот на градинката „Мимоза“ во Автокоманда.

„За сите добиени информации Секторот за операции и координација на ЦУК ги известува надлежните институции коишто излегуваат на терен и интервенираат по приоритет, според нивни стандардни оперативни процедури. Најголем дел од штетите се санирани во текот на ноќта од страна на надлежните институции“, велат од ЦУК.