Старлајнер безбедно слета на Земјата
7 септември 2024Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж во пустината во Њу Мексико, со што заврши тримесечната пробна мисија отежната од технички проблеми.
Безбедното слетување на проблематичното вселенско летало Старлајнер на Земјата доведе до голема воздишка на олеснување во НАСА . „Одлично е што Старлајнер се врати“, рече Стив Стич, менаџер во вселенската агенција на САД.
Вселенското летало самостојно го започна своето шестчасовно патување до Земјата доцна во петокот, а астронаутите Буч Вилмор и Суни Вилијамс, првиот екипаж кој леташе со Старлајнер, останаа на Меѓународната вселенска станица (ИСС).
Беше одлучено Вилмор и Вилијамс да останат на ИСС до февруари 2025 година, бидејќи Старлајнер се врати на Земјата користејќи маневри премногу опасни за екипажот.
Леталото повторно влезе во атмосферата на Земјата околу 5 часот наутро по средноевропско време, со орбитална брзина од приближно 27.400 километри на час.
Околу 45 минути подоцна, низа падобрани беа активирани за да го забават спуштањето и воздушни перничиња се надуваа неколку моменти пред Старлајнер да слета во вселенското пристаниште Вајт сендс, пустина во Ново Мексико.
Пет од 28-те маневарски погони на Старлајнер откажаа со Вилмор и Вилијамс во кабината за време на нивното приближување до ИСС во јуни, додека истиот погонски систем предизвика неколку протекување на хелиум, кој се користи за притисок на погоните.
Тоа доведе до истрага, предводена од Боинг и од НАСА, која чинеше 125 милиони долари.
Вилмор и Вилијамс ќе продолжат да спроведуваат научни експерименти додека се во вселената, а се очекува да се вратат на Земјата во февруари 2025 година со вселенското летало на компанијата СпејсЕкс.