1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата на Штајнмајер со Зеленски – јасен сигнал кон Москва

DW I Kommentarbild  Eugen Theise
Еуген Тајзе
26 октомври 2022

Прв пат по рускиот напад врз Украина на 24 февруари, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер го посети Киев. Посета која претставува важен сигнал, смета Еуген Тајзе.

https://p.dw.com/p/4IgcC
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во бункер за време на посетата на Киев
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во бункер за време на посетата на КиевФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Солидарните посети на високи гости во Киев, пркосејќи им на руските ракетни напади, во меѓувреме се одамна рутина. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и полскиот претседател Анджеј Дуда на пример беа дури двапати во Киев од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пак дури три пати.

Сепак, посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер  има посебно значење. Таа е задоцнет сигнал дека меѓу Киев и Берлин се расчистени сите незадоволства,  кои во април кулминираа со повлекување на поканата за Штајнмајер од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски,  во момент кога германскиот државник веќе беше на пат кон украинската престолнина  за да испрати заеднички знак на солидарност со својот полски колега Дуда и тројца други претседатели.

Перфектен момент

Моментот на сегашната посета од Берлин е уште поважен, зашто паралелно во германскиот главен град се одржува меѓународна конференција за обнова на Украина по војната. Германскиот канцелар  Олаф Шолц се заложи за создавање Маршалов план за Украина.  Обновата на земјата, смета тој, е генерациска задача која треба да започне веднаш. 

Во Германија од сопствено искуство е позната улогата на меѓународната поддршка во обновата за креирање на иднина во благосостојба и демократија.

Доколку во една пост-Брегзит Европа, во ера на Орбан и италијанските постфашисти, за Германија постои шанса за веродостојно преземање лидерска улога, тогаш тоа е оваа. Тоа што Германија предничи кога демократите заеднички го обновуваат она што еден диктатор и неговите помагачи го уништија во својата омраза против слободата, може да ѝ даде нов импулс и на европската идеја за интеграција во мир и слобода.

Еуген Тајзе, автор на коментарот
Еуген Тајзе, автор на коментаротФотографија: Privat

Но, за Германија да не биде гледана само како најголем плаќач, туку како вистински водечка сила во Европа, треба да си ја поврати довербата. Не само во Украина, туку и во Полска  и во Балтичките држави. Доверба дека Берлин никогаш повеќе нема да ја стави на коцка слободата и безбедноста заради евтин гас. Дека по осум месеци руски воени злосторства Германија конечно е спремна да ја отфрли сцијалдемократската мантра за „Слобода во Европа е можна само заедно со Русија".

Напор за враќање доверба

Франк-Валтер Штајнмајер во Киев се трудеше токму за оваа доверба, ветувајќи не само натамошна економска и политичка, туку и воена поддршка во Киев. Што не е разбирливо само по себе за политичар чие име кај Украинците претставува синоним за заташкување. Политичар кој со години веруваше дека зависноста од руски гас носи мир. И дека конфликтот во Донбас може да се реши на дипломатски начин со Русија. Кој дури и по анексијата на Крим, уште веруваше во сонот за сигурност и мир „од Ванкувер до Владивосток.“

Франк-Валтер Штајнмајер покажа величина да ги признае сопствените заблуди. Во Киев отиде како пријател, а германско-украинските односи достигнуваат одамна потребна нормализација. Крајно време е за надминување на емоционалните иритации. Сѐ друго би било неправедно кон енормните напори на Германија да ѝ помогне на Украина: Германија не само што прими милион украински бегалци, туку по почетните тешкотии, во меѓувреме испорачува важни оружени системи за борба против руските инвазори и сега  сака да преземе водечка улога во обновата.

Консеквентна промена на начинот на мислење во СПД?

Но, важно е промената на мислење во Берлин да остане консеквентна. Целосна обнова на Украина е можна само кога руската инвазија ќе биде конечно одбиена. Во тој контекст министерката за надворешни работи Аналена Бербок и министерката за одбрана, Кристине Ламбрехт, неодамна побараа тројно зголемување на буџетот за воена помош. Во колкави размери она што го доживеа германскиот претседател во Киев ќе придонесе за промена на ставовите во СПД, ќе се мери и според реакцијата на германскиот канцелар Олаф Шолц на барањето на двете министерки.