1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Истрага: Кој ги исклучил коморите со реагенси во ИЈЗ?

ДТЗ
1 август 2024

Се истражува дали случајно или намерно било исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести.

https://p.dw.com/p/4j0EH
лабораторија, тестови
Сомнежи за саботажа: Обвинителството истражува кој ги исклучил коморите со реагенси во ИЈЗФотографија: Colourbox

Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас, по информациите дека на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во средата (31.07) намерно било исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести.

„Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“, соопштија од Обвинителството.

Сомнежи за саботажа

В.д. директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, очекува институциите да ги проверат сомнежите за саботажа. Од струја биле исклучени биле еден фрижидер и една комора, во коишто се чуваат доста значајни реагенси кои би детектирале низа заболувања, како на пример за голема кашлица. Инцидентот се случува во период кога ИЈЗ се соочува со проблем од недостиг на реагенси.

„Констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се раводните табли. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно или намерно“, вели Андоновска.