1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Луфтханза десет пати неделно од Скопје до Франкфурт

ДТЗ
13 април 2023

Владата склучи договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до пет дестинации - Франкфурт, Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана

https://p.dw.com/p/4PzZy
Луфтханза
Со Луфтханза десет пати неделно од Скопје до ФранкфуртФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Германскиот авиопревозник Луфтханза по подолго време се враќа на македонското небо. Компанијата веќе од 23 април ќе ги поврзе Скопје и Франкфурт со десет лета неделно. Станува збор за субвенционирани летови од страна на Владата, коишто беа најавени на денешната прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски и  министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски. 

Тие изјавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до пет дестинации - Франкфурт, Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана

Субвенционирани летови до пет дестинации

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија - од Скопје до Франкфурт, а „Виз Ер“ четири линии од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана. 

„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Виз Ер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

„Со ’Луфтханза’ преку Франкфурт се поврзуваме со повеќе од 200 дестинации. Преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на авиосообраќајот“, вели премиерот. 

Станува збор за дестинации за коишто имало голем интерес кај граѓаните. Бочварски најави дека има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации. 

Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена. Станува збор за договори на три години со авиокомпаниите за што од буџетот се предвидени 5 милиони евра. Компаниите ќе мора овие линии да ги одржуваат три години од денот на склучување на договорот. Во спротивно ќе треба да ги вратат субвенционираните средства.  

 

Авионско гориво од отпад