1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снег и мраз во Германија: Хаос на улиците, откажани летови

18 јануари 2024

Зимското време и натаму предизвикува проблеми на југот и во централна Германија. Метеоролозите предупредуваат од големи навеви на снег. На франкфуртскиот аеродром и натаму има ограничувања.

https://p.dw.com/p/4bPlu
Снег Германија
Снегот предизвика проблеми во сообраќајот во Германија на многу патни правциФотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Временската состојба во меѓувреме е малку подобрена, но до утрото беше тензична поради ледениот дожд и  снегот во делови од Германија,а за денес има најава за нови големи врнежи на снег. Од Ајфел и регионот на Келн, па сѐ до Тирингија луѓето мора да очекуваат „долготрајни и делумно силни врнежи на снег”. Германската метеоролошка служба очекува нови количини на снег од размери на  снежно невреме со врнежи до 30 сантиметри за само 24 часа и предупредува од „значителни попречувања на сообраќајот ".

Снежно невреме Германија
Замрзнати и лизгави патишта низ цела ГерманијаФотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

„Врнежи на снег особено во пониските предели постојано доведуваат до пречки во сообраќајот”, велат од Германската метеоролошка служба. Врнежи од дожд, а потоа и снег се очекуваат и на југоистокот. Викендот во Германија може да се смета на повеќе сончево време.

Километри застој на автопатиштата

Поради замрзнати патишта и снег на повеќе автопати во покраините Хесен и Рајнланд Фалц ноќта стотици возила останаа заглавени. На истокот на Хесен патниците во километарските застои беа снабдувани со ќебиња и топли пијалоци, како што соопшти полицијата.

Снежно невреме Германија
Застои и сообраќајки поради замрзнати патишта во повеќе делови од ГерманијаФотографија: Matthias Bein/dpa/picture alliance

Улиците и патчињата во погодените региони на Германија беа опасно лизгави и забележани беа голем број несреќи. 

Замрзнатите улици претставуваат опасност и за пешаци, а според податоците на спасувачките сили од повеќе градови многу од нив паѓале и се повредувале. 

Натамошни ограничувања на аеродромот во Франкфурт

На Франкфуртскиот аеродром и денес се откажани бројни летови како што покажува поглед на таблата за полетувања и слетувања на интернет страницата на аеродромот. „Патниците се молат да го проверат статусот на летот на аеродромите и на интернет страниците на авиокомпаниите и да испланираат доволно време за да дојдат до аеродромот", се вели на нивната страница. „Ако летот е откажан, ве молиме не доаѓајте на аеродромот”, се вели. Поради временските неприлики и денеска (четврток) исто како и во средата во некои окрузи нема да се одржува наставата во училиштата.  

Откажани бројни летови на аеродромот во Франкфурт
Откажани бројни летови на аеродромот во Франкфурт поради снежното невремеФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP

Железничкиот сообраќај без поголеми проблеми

Во Германската железница која во поблиското минато најголеми проблеми имаше при зимско невреме, ограничувањата беа релативно мали. Железничкиот сообраќај се одвиваше без поголеми компликации. Поединечно сепак може да дојде до пречки поради временските прилики. 

Во средата заради мразот и снегот имаше доцнења во регионалниот сообраќај и на подалечните дестинации, па така и денеска отпаднаа сите ИЦЕ-линии од Германија до Париз.

Снег во Келн
Поради снегот не функционира градскиот автобуски сообраќај во КелнФотографија: Rolf Vennenbernd/dpa/picture alliance

Пречки во автобускиот и железничкиот сообраќај во Келн

Поради зимските временски услови автобусите од градскиот сообраќај во Келн и денеска не возат. Временските услови не дозволуваат безбеден сообраќај, соопшти портпарол рано утрово. И во трамвајскиот сообраќај мора да се смета на задоцнувања. Автобускиот сообраќај беше прекинат и во Бон, а метрото првично не беше погодено од таквите мерки.

Снежно невреме Германија
Екипите за расчистување на снегот работат без прекинФотографија: Matthias Schrader/AP/picture alliance

Судир на воздушни маси 

Причина за невремето е тоа што студен поларен воздух од северот над Германија се судира со потопол и повлажен воздух од југот, а последен пат слична констелација е забележана во 1987 година, вели Тим Штегер од метеоролошката редакција на јавниот сервис АРД. Тој судир на воздушни маси може да трае со часови и да предизвика големи количини врнежи, па постои опасност на улиците да настане „голем слој лед”, вели метеорологот.