Смртоносен пожар во хотел во Камбоџа
29 декември 2022Најмалку 10 луѓе го загубија животот во голем пожар во хотел со коцкарница на границата на Камбоџа со Тајланд. Во пожарот, кој избувна околу полноќ по локално време, во хотелот со коцкарница Гранд дајмонд сити во камбоџанскиот град Поипета, на западот од земјата, „загинаа десетина, а повредени се 30 луѓе“, се наведува во привремениот извештај на камбоџанската полиција.
Оганот во целост ја зафатил зградата на хотелот со повеќе ката и преминот меѓу двата објекта. Повредените се упатени во болница во соседната тајландска покраина Са Керу, соопшти извор во тајландското министерство за надворешни работи. Мобилизирани се и тајландски пожарникари, додаде тој.
Во хотелот имало 400 луѓе
Во хотелот Гранд дајмонд сити се вработени околу 400 луѓе, соопшти камбоџанската полиција. За време на пожарот во зградата имало странски државјани, пишуваат локалните медиуми. На државјаните на Камбоџа, една од најсиромашните азиски земји, им е забрането коцкање во коцкарници.
Но, во градовите на границата, како Поипета, никнаа бројни казина во кои доаѓаат тајландски клиенти. Коцкарниците службено се забранети и во Тајланд, поради што оние кои сакаат да се коцкаат ја преминуваат границата. Во последните месеци во југоисточна Азија избија неколку смртоносни пожари во ноќни клубови, кои главно не ги почитуваат безбедносните прописи.
Во август во пожар во една дискотека во близината на Патаја, во Тајланд, починаа 26 луѓе, поголемиот број млади кои дошле да се забавуваат. Еден месец подоцна, 32 лица го загубија животот во пожар во караоке бар во предградието на Хо Ши Мин, во Виетнам.