1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Реформата за смалување на Бундестагот на ревизија

Фолкер Витинг
31 јули 2024

Бундестагот има премногу пратенички места. Германската влада сакаше да го промени тоа. Парламентот може да се намали. Сепак, реформата мора да се ревидира, одлучи Сојузниот уставен суд.

https://p.dw.com/p/4iwOy
Германските уставни судии во Германија пресудија дека владата мора да ја промени изборната реформа
Германските уставни судии во Германија пресудија дека владата мора да ја промени изборната реформаФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Одамна е јасно: германскиот парламент Бундестагот е преголем, бидејќи има премногу пратеници. Германската влада сакаше да го промени тоа. Затоа таа минатата година до Бундестагот ја поднесе реформата на Изборниот закон, која потоа беше усвоена. Целта на реформата беше да се намали бројот на пратеници на Долниот дом на германскиот парламент. Во него моментално седат 733 пратеници. Сепак, целта е тие да бидат 630. Пратеничките групи на ЦДУ/ЦСУ, партијата на Левицата и некои други партии поднесоа жалба до Уставниот суд против Изборниот закон на актуелната германска влада, која ја сочинуваат социјалдемократите (СПД), либералите (ФДП) и Зелените. Баварската ЦСУ, како конзервативна сестринска партија на ЦДУ, и партијата Левица, создадена од партијата ПДС, која беше наследник на поранешната Социјалистичка партија на Германската Демократска Република (СЕД), се релативно мали партии и затоа стравуваат за нивните места во парламентот.

Уставниот суд во суштина го одобри предлогот за реформи

Највисокиот германски суд - Сојузниот уставен суд во Карлсруе - во суштина ја одобрува Изборната реформа на коалицијата на владејачките партии. Досегашните обиди на претходните влади да протуркаат ваква реформа не успеваа.  Причината за тоа е што германскиот изборен систем е многу сложен. Овојпат Уставниот суд дозволи или одобри Бундестагот да го намали бројот на пратеници.

Помалку столчиња, помалку пратеници во пленарната сала на Бундестагот? Тоа најверојатно ќе се случи по наредните парламентарни избори
Помалку столчиња, помалку пратеници во пленарната сала на Бундестагот? Тоа најверојатно ќе се случи по наредните парламентарни избориФотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Политикологот Албрехт фон Луке, уредник на Журналот за германска и меѓународна политика , за ДВ вели дека станува збор за „соломонска“ одлука на Уставниот суд. Тој вели дека Уставниот суд го спаси овој закон и го направи, така да се каже, „водоотпорен“.

Сложен изборен систем во Германија

Во Германија се гласа според системот на „персонализирани пропорционални избори“. Што значи тоа? Секој избирач може да заокружи две опции на гласачкото ливче или да даде два гласа. Еден оди за определен политичар, претставник на неговата изборна единица. Овде важи правилото: кој ќе добие најмногу гласови, сигурно ќе добие мандат и ќе влезе во Бундестагот. Вториот глас се дава за кандидатот кој е на партиската листа. Овој глас е одлучувачки и ја одредува релативната сила и сооднос на политичките партии.

Доколку некоја политичка партија добие повеќе директни мандати отколку што ѝ следуваат врз основа на резултатите од гласањето за кандидат од партиската листа (вториот глас), таа добива т.н. дополнителни или компензациски мандати. На последните избори за Бундестагот во 2021 година имаше вкупно 138 вакви дополнителни мандати. Ова е главната причина зошто бројот на места во германскиот парламент постојано расте, што го прави Бундестагот сѐ поголем и поголем. Ваквите компензациски мандати ќе бидат укинати во иднина. Уставниот суд го одобри тоа.

Реформата може да доведе до тоа директно избраните пратеници од изборните единици, на кои им е даден првиот глас на гласачкото ливче, да не добијат место во Бундестагот. Зашто, победниците во изборните единици добиваат мандат само ако вториот глас, односно резултатот од гласањето за партиската листа е доволно висок. Политикологот Фон Луке во интервју за ДВ вели дека усвоената реформа на Изборниот закон е „системска промена“: „Првиот глас го губи своето значење, затоа што отпаѓаат оние кандидати кои освоиле најголем број гласови во изборните единици, но имаат најслаби резултати од гласањето за партиската листа, кои се собираат со пребројувањето на дадените втори гласови.“ 

Политикологот Албрехт фон Луке
Политикологот Албрехт фон Луке: „Уставниот суд ја потенцираше сопствената важност“Фотографија: teutopress/IMAGO

Исклучоците мора да останат

На изборите за сојузниот и за покраинските парламенти (Бундестаг и Ландтаг) во Германија важи изборниот праг од 5 проценти. Целта е да се спречи премногу мали партии да влезат во парламентите. Досега имаше исклучок: ако партијата освои најмалку три директни мандати, а не достигне 5 проценти од гласовите на партиската листа (втор глас), може да влезе во Бундестагот како пратеничка група - сразмерно на нејзината силата. Владата сакаше целосно да го укине овој исклучок од правилото. Но, Уставниот суд тоа го прогласи за незаконско: „Изборниот праг од 5% во сегашната форма не е во согласност со Уставот“, се вели во пресудата. Оваа клаузула може да резултира со тоа премногу гласови да не се земат предвид.

Радост меѓу демохристијаните и политичарите од Левицата

Две партии можат особено да се радуваат на оваа одлука на Уставниот суд: Левицата и баварската партија ЦСУ, која заедно со ЦДУ го формира пратеничка група во Бундестагот. Регионалната партија ЦСУ во Баварија речиси секогаш ги добива сите директни мандати, но на сојузно ниво едвај го надминува прагот од пет отсто од освоените гласови. Левицата на последните избори за Бундестагот освои само 4,9 отсто од гласовите, но сепак успеа да влезе во Бундестагот со 39 пратеници, бидејќи освои три директни мандати.

Бундестаг - најголемиот демократски избран национален парламент

Германскиот Бундестаг е најголемиот демократски избран национален парламент во светот! Бундестагот во моментов брои 733 пратеници. Во 15-тиот законодавен период - од 2002 до 2005 година - имаше 603. Во следните четири години веќе 614. 

Актуелниот состав на германскиот Бундестаг брои 733 пратеници
Актуелниот состав на германскиот Бундестаг брои 733 пратенициФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

И така натаму. Поголем е само недемократски избраниот Национален народен конгрес во Пекинг. Во него седат околу 3.000 делегати. Тие претставуваат околу 1,4 милијарди луѓе. Сојузната канцеларија за ревизија пресметала дека Бундестагот со своите членови, нивните соработници и канцеларии ги чини даночните обврзници околу една милијарда евра годишно.

Што ќе се случи со Изборната реформа?

Следните избори за Бундестагот се за нешто повеќе од една година; веројатно на 28 септември 2025 година. Владата нема многу време да ја усогласи реформата на Изборниот закон со Уставот. Германската влада би можела, на пример, дополнително да го намали изборниот праг од 5 отсто. Ако не, сè уште би важело сегашното правило со можностa за директни мандати.