1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Службените СМС-пораки не мора да се читаат во слободно време

ЕМФ | дпа
11 јануари 2023

Работниците во Германија во своето слободно време не мора да ги читаат службените СМС-пораки, одлучи покраинскиот суд во Шлезвиг Холштајн.

https://p.dw.com/p/4M0MV
СМС-пораки не мора да се читаат во слободно време
СМС-пораки не мора да се читаат во слободно времеФотографија: Imago Images/U. Umstätter

Одлуката на судот е донесена во случајот на вработен во Служба за итна помош. Тој во два случаи не бил достапен телефонски, а не реагирал ниту на СМС-пораката која му била испратена во слободното време, а со која краткорочно бил информиран за промена на работното време за наредниот ден (се барало да дојде порано на работа). Работникот ја отворил СМС-пораката утредента, во време кога, според распоредот, требало да му почне работното време и тогаш дал согласност за промената. Работодавачот потоа му дал опомена поради неоправдано отсуство. Работникот поднесол тужба пред судот за работни спорови, каде што загубил. Сега, по неговата жалба на повисока судска инстанца, пресудата е во негова полза.

Покраинскиот суд на Шлезвиг Холштајн смета дека работодавачот морал да смета со тоа дека работникот ќе ја отвори СМС-пораката дури кога ќе почне неговото работно време. Тој е обврзан да ги извршува своите работни обврски дури од тој момент, а дел од тоа е читањето на службените пораки од работодавачот кои му биле испратени во слободното време. Правото на недостапност е дел од заштитата на здравјето, но и дел од заштитата на личноста, смета судот. „Едно од најважните лични права е правото човекот самиот да одлучува за кого сака да биде достапен или недостапен во тоа време (слободното време, н.з.)“, се вели во одлуката на судот.

Анја Пил од претседателството на Сојузот на синдикати, ја пофали одлуката, оценувајќи дека работодавачите кои од своите вработени очекуваат да работат и бидат достапни во слободното време се на погрешен пат. „Ниту еден работник не мора да чита СМС-пораки или други барања во своето слободно време, зашто тоа значиработа, а тоа пак значи работно време“, вели Пил. Неограничено работно време и постојана достапност не се здрави, додава таа: „Работодавачите мора да ја организираат работата така што слободното време на вработените ќе биде заштитено. Тоа е технички можно“, оценува Пил.