1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај обврзници: Многу прашина - малку одговори

ДТЗ
11 август 2023

Зошто се крена толку прашина околу целиот случај, дали станува збор за истечени или доспеани обврзници, кој е прекршокот којшто го сторил странскиот државјанин, какви се опасности се кријат зад ваквите случаи?

https://p.dw.com/p/4V25f
царина граница
Случајот кој го обелодени македонската Царина за заплена на обврзници, наметна бројни дилеми во јавностаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Случајот кој го обелодени македонската Царина дека неодамна открила и запленила обврзници со вкупна вредност од 92 милиони долари кај странски патник, кој на 28 јули пристигнал во земјата со лет од Истанбул, наметна бројни дилеми во јавноста. Зошто се крена толку прашина околу целиот случај, дали станува збор за истечени или доспеани обврзници, кој е прекршокот којшто го сторил странскиот државјанин при влез во земјата, какви се опасности се кријат зад ваквите случаи - се само дел од дилемите коишто се наметнаа по обелоденувањето на заплената. 

Што е всушност запленето? 

Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев на прес-конференција на 8 август информираше дека заплениле 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или вкупна вредност од 92 милиони долари. Обврзниците се најдени кај патник, турски државјанин кој пристигнал со редовен лет од Истанбул. Турскиот државјанин се обидел да помине на зелениот канал, каде не пријавува стока на царина, но по контролата со скенер и дополнителната детална контрола, обврзниците биле пронајдени во четири папки во црна рачна торба. Цариниците дополнително се посомневале бидејќи патникот давал конфузни одговори, како и дека податоците од неговите лични документи не се совпаѓале со оние на обврзниците.

Царинската управа поднела пријава, а по завршената судска постапка, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна. Обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. 

Во гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21,  Богоев откри дека во тек е финансиска истрага за да се докаже дали овој случај претставува обид за измама или за перење пари, но и да се утврди дали можеби станува збор за меѓународен криминал.

заплена
Заплена на обврзници: Дали станува збор за истечени или доспеани обврзници, кој е прекршок којшто го сторил странскиот државјанин при влез во земјата, какви се опасности се кријат зад ваквите случаи?Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Сомнежи

Но, неколку дена потоа медиумите објавија информации дека обврзниците немаат никаква вредност бидејќи биле со истечен рок, а сопственикот на чие име се водат е починат. Тоа фрли сомнеж на целата акција, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја искористи за критики наведувајќи дека „обврзниците за кои Богоев правеше пи-ар имаат вредност на тоалетна хартија“.

Дополнителни дилеми наметна и фактот што во РСМ и во светот, веќе подолго време хартиите од вредност (како акции, обврзници, записи) се во електронска форма. Тоа во Македонија е спроведено уште во 2001 година со формирањето на Централниот депозитар, така што сите видови на хартии од вредност, било да станува збор за акции издадени од компании, или обврзници издадени од државата или пак за корпоративни обврзници, сите се во електронска форма. Обврзници во хартиена форма, освен колекционерка, немаат друга вредност.

Обврзниците не се со изминат рок

Од Царина пак се децидни дека станува збор за обврзници со доспеан, а не со истечен рок. „Обврзниците имаат датум на доспевање, што значи дека истите може да се ефектуираат по истекот на тој датум“, појаснуваат од Царината.

Според нив, патникот кај кого се пронајдени обврзниците пред судот ја признал вината, по што е донесена пресуда од страна на судот со која обврзниците се одземени. Во исказот пред судот патникот изјавил дека имал намера да ги ефектуира обврзниците во странска земја.

компјутер
Дополнителни дилеми наметна и фактот што кај нас и во светот, веќе подолго време хартиите од вредност (како акции, обврзници, записи) се во електронска формаФотографија: Dmitry Ageev/Blend Images/Bildagentur-online/picture alliance

Задолжителни проверки

„Гревот на странскиот државјанин“ е што не ги пријавил обврзниците при влезот во земјата. Според член 10 од Законот за Царинска управа, како една од основните надлежности на управата се и вршење на контрола на внесување и изнесување на пари, монетарно злато и физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Северна Македонија. Тоа значи дека и хартиите од вредност подлежат на задолжително пријавување. 

Доколку обврзниците биле пријавени на царинските службеници, тие од страна на службите на Царинската управа во корелација со други домашни и странски институции би биле предмет на истрага за нивното потекло, начин на стекнување, намената... 

Иако во Северна Македонија досега немало случај во кој обврзниците се користени за перење на пари, со зголемениот број на понуди на глобалниот пазар, надлежните не ја исклучуваат можноста да има и други заплени на физички преносливи средства за плаќање во иднина, а кои би можеле да се користат за плаќање на нелегални активности или перење на пари.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи